Државата што сакаше ѓубре

Во морето информации преполни со големи и важни решенија што ќе ја препородат државата и исто толку предизборни големи и важни дебати, една вест, би рекле сосема заслужено, помина длабоко под радарот на јавноста. Имено, по пет месеци, пронајден е украдениот камион за носење ѓубре на скопската „Комунална хигиена“.

Ајде да кажеме дека во времето на уште една „историска“ предизборна кампања, медиумските куќи, а и јавноста, не гледаат некој особен интерес за еден украден камион, но, сепак, треба да се забележи дека исто толкава незаинтересираност имаше уште пред пет месеци кога се случи оваа уникатна кражба.

Кој, по ѓаволите, ќе украде „ѓубретарка“ и ќе се надева дека ќе остане незабележен? Никој, освен ако не е од Македонија, та била таа Северна или каква веќе и да е, и ако нема правилна проценка дека ниту органите на кои тоа им е работа нема да се заинтересираат за овој случај. Зашто, внимавајте, крадецот не е фатен, туку камионот е пронајден оставен некаде кај Старо Нагоричани, бидејќи најверојатно на новиот „сопственик“ повеќе не му се исплаќало да му тура нафта или, едноставно, му здодеало да вози едно, во суштина, напорно возило.

Создадовме држава со малку социјализам и малку капитализам; малку фашизам и малку антифашизам; малку национализам и малку клерикализам; малку европеизам, малку шверц по автобусите, малку паркирање по тротоарите, малку брзо богатење, малку кршење на законските норми, малку непотизам, малку ред по улиците и – многу ѓубре!

Велиме дека немаше и нема интерес за оваа вест затоа што таа во суштина и не значи ништо. Состојбата со хигиената во македонската престолнина не се влоши ни за милиметар откога е украдено возилото, како што нема да се поправи ниту за милиметар откога камионот ќе се врати на „Комунална хигиена“. Главниот град, имено, и натаму ќе остане беспрекорно валкан, впрочем како и целата држава.

И тука, всушност, нема ништо чудно. Ние сме држава која го сака ѓубрето во сите негови видови и во неизмерни количества. Впрочем, оваа држава толку го сака ѓубрето, што сомневањата за увоз на туѓи ѓубриња стануваат сѐ поосновани.

Луѓето кои најчесто купуваат и јадат ѓубре од храна, кои многу често гласаат за ѓубриња од политичари, кои имаат ѓубре од образование и здравство, зошто не би имале и ѓубре по улиците. Во таа смисла, јасно е зошто ѓубрето не е и нема да биде тема на никакви избори, ниту на претседателски, ниту на парламентарни, а најмалку на локални.

За ѓубрето се зборува само кога се зборува за валкани бизниси (што е веројатно и соодветно), како во случајот „Дрисла“ на пример, или со палењето на депониите во Тетово и во Струга. А и во тие случаи, наместо да се помести, ѓубрето се става под тепих, сѐ додека не прекипи преку тепихот и потоа – никому повеќе не му е гајле.

Што се однесува до локалната самоуправа, барем во Скопје, најдалеку се отиде со поставување на оние подземни контејнери, колку појасно да се види ѓубрето расфрлано околу нив.

Актуелниот градоначалник Петре Шилегов најави некакви контејнери со чипови, во рамките на проектот „Паметен град“ (што во случајот на Скопје е оксиморон сам по себе). Демек, чиповите ќе јавувале кога ќе се наполни контејнерот и сѐ уште неукрадените камиони на „Комунална хигиена“ ќе го собереле. Чип како чип, ама и тој не е семожен. Како ќе одреди, на пример, колку ѓубре има околу контејнерите? Или дали контејнерот е полн со бескуќници, на кои тој им е единствен извор за заработка, па и за храна? Или како ќе одреди дали се наполнил со мачки и кучиња или со ѓубре?

Оние што фрлаат кеси со ѓубре од своите тераси во висококатниците, секогаш ќе бидат побројни и квантитативно и квалитативно од ентузијастите-хигиеничари. Нема толку Ирени Ристиќ, колку што ние можеме да фрлиме отпушоци по улиците

Сепак, не би да генерализираме. Има речиси трогателни обиди, па и притисоци, да се измени свеста и на луѓето и на институциите. Тука пред сѐ мислиме на актерката Ирена Ристиќ и на нејзината неформална група со соодветно име „Не биди ѓубре“, која веќе подолго време ги чисти улиците и квартовите на градот, а од неодамна поминаа на чистење и низ државата. Има, се разбира, и други активисти, средношколци, ученици, ентузијасти… Но…

Оние што фрлаат кеси со ѓубре од своите тераси во висококатниците, секогаш ќе бидат побројни и квантитативно и квалитативно од ентузијастите-хигиеничари. Нема толку Ирени Ристиќ, колку што ние можеме да фрлиме отпушоци по улиците. (Ако сме реални, нема баш ни премногу употребливи корпи и канти за ѓубре на јавните простори).

Целата поента на фокусирање на ѓубрето во времето на претседателските избори е едноставна: државата почнува на улица! И не мислам тука на Шарената револуција и нејзините идеали, туку токму на ѓубрето по улиците. Ако една држава не е во состојба да го исчисти своето ѓубре, тогаш како можеме да очекуваме дека е во состојба да реши многу посложени прашања и проблеми.

Ние, ако во ништо друго, тука имаме консензус – создадовме држава со малку социјализам и малку капитализам; малку фашизам и малку антифашизам; малку национализам и малку клерикализам; малку европеизам, малку шверц по автобусите, малку паркирање по тротоарите, малку брзо богатење, малку кршење на законските норми, малку непотизам, малку ред по улиците и – многу ѓубре! Секогаш кога ќе налетам на купишта ѓубре разлетани по априлските дождови и ветришта ми паѓа на памет колку е битно дека сум горд Македонец!

Значи, не се случи ништо битно – пронајден е исчезнатиот камион на „Комунална хигиена“. Што се однесува до нас, да беше украден и целиот возен парк на ова јавно претпријатие, пак ќе беше исто.