ДУИ се самоуби

Можеби во Мала Речица сè уште не се свесни, но во моментот кога го дистрибуираа срамното соопштение во кое првата реченица им е „осуда на полициска интервенција без преседан“, истиот момент го самозапишаа и точното време на нивното политичко самоубиство.

Тоа што со половина уста, божем, го осудија и инцидентот со знамето, но истовремено го оправдаа како реакција на полициска интервенција, е само потврда на нивното врвно лицемерие.

На видео гледаме лице, кое со ништо непредизвикано, непречено се изживува со државното знаме на Македонија, го кине, го шутира, го гази со тркалата на возилото. Зошто, зошто, зошто? Pse? Why? Cui bono?

Албанците имаат право да го слават Денот на албанското знаме. И тоа го прават. Го слават каде и да се, ама досега не сме слушнале дека во Германија, Швајцарија, Австрија, Италија или во Грција, на пример, го славеле тој ден со рафали од огнено оружје или дека ги парчосувале и ги газеле државните знамиња на тие земји. Зошто не пробале? Зашто знаат како ќе поминат.

По мене потоп

Кој им дава на одредени групи самочувствие дека во Македонија може да прават сѐ, дека може да ја третираат државата како Див Запад, да вадат калашњикови и да пукаат каде ќе им текне, без размислување дека може да настрадаат луѓе додека ги празнат своите шаржери.

Кој им вградува анимозитет кон државното знаме, кое на црвена заднина (исто како и албанското), нема никаков симбол што дели и фрагментира. Има едно сонце. Исто како што постои едно сонце што ги грее сите што живеат во оваа земја – и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Роми, и Бошњаци и сите други овде и секаде низ светот.

Сонцето како симбол, кај нас и државен симбол, може да посакаат да го газат само силите на мракот. Со соопштение во кое ДУИ скандалозно го релативизира инцидентот со знамето, самата се демаскира дека има разбирање за одредени групи што поттикнуваат инциденти и меѓуетничка нетрпеливост. Денеска преку парчосување знаме, утре преку нешто друго.

Работа на надлежните институции е да утврдат дали зад ова релативизирање има и нешто повеќе – партиско патронство и овластување на одредени групи да го прават тоа што го прават. Граден над 20 години, клиентелистичкиот контингент на оваа партија не е мал, како и опасноста тој да биде навигиран и злоупотребен за разни турбуленции. Зошто? Pse? Why? Во чија корист? Веројатно во корист на принципот „по мене потоп“.

Штом ДУИ не е на власт, државата може да оди по ѓаволите. Научени се оваа држава да ја „сакаат“ само кога се на власт, бидејќи само тогаш се несанкционирани никогаш и за ништо, дури и кога имало крупни докази.

Сега кога не се распоредени во лостовите на одлучување и моќ, кога расте стравот дека времето на неказнивост полека истекува, дека набргу може да се откријат темни петна во нивната саморекламирана чесност, прво почнаа со ламентации по нивниот непризнат изборен легитимитет, па сè до најави дека Албанците (кои ги третираат како да ги имаат в џеб) ќе се кренат на нозе за претстојните одлуки на Уставниот суд. Се закануваат на институции и се ставаат над институциите.

На кого ќе му пишат сега?

Од денес, од позиција на самоубиена партија и од големото „празно место“ што си го обезбедија, а до кое се спуштија со сопствените непромислени потези, пак нека напишат писма до меѓународни личности и институции и нека објаснат дали вака го разбираат владењето на правото – со релативизирање и оправдување на меѓуетничките инциденти и провокации, во кои полицијата не смее да ги користи своите законски и уставни надлежности.

Не верувам дека ќе ги разбере некој. Секако, во овој контекст не исклучувам замешателства, кои преку ДУИ сметаа(т) дека може да реализираат свои цели на штета на националните интереси на Македонците. Можеби во четири очи само тие ќе ги потапкаат интегративците по рамо.

Партиите на Албанците што сега се на власт, ќе мора да направат разлика од ДУИ со јасни политики за тоа кои вредности мора да се заштитат. Прво, eтничките прашања мора да се оттргнат од корпусот casus belli, во кој ДУИ сака да ги втурне, за да ја претстави земјата како неспособна или недовршена држава, доколку тие не учествуваат во креирањето на политиките.

Второ, етнокултурниот диверзитет не смее да биде претворен во чадор и собирен центар за регенерација на националистички легитимациски обрасци, од страна на која било етничка заедница. Само тоа е во согласност со профилирање на Македонија како модерна европска земја, а не според празните епитети на наводни европски фронтови.

Дали е ова лесно? Ни најмалку. Но, тоа е највреден предизвик ако се има предвид која е целта: еднаш засекогаш расчистување со левијатанот што се живее за, и од национализмот, и опасно ги труе луѓето.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија