Медиумите не ве повикуваат на глупавост туку на затапеност, на мрзливост во мислењето, на откажување од преиспитувањето, на очекување на сервирање „објективни“ и „вистинити“ информации што ќе ни го наметнат нашиот светоглед кој, гледајте чудо, е токму онаков каков што ѝ одговара на владејачката врхушка.
Информацијата гласи: Нашата земја според критериумите на листата на Светската банка за лесно водење бизнис „Дуинг бизнис“ за 2016 година напредуваше најмногу во регионот – дури за цели 32 позиции. Најмногу во регионот назадуваше Албанија, за 29 места, па Црна Гора, за десет места. Натаму следат изјави на аналитичари, кои велат дека ова е сигнал за инвеститорите, а се цитира и премиерот со неговата изјава дека земјата конечно добила признание за реформите што ги спроведува.
Ви звучи познато? Не, ова не е цитат од некој македонски медиум туку од српски, каде што како и тука, на големо се слави објавувањето на годинашниот извештај „Дуинг бизнис“ на Светската банка. Во извештајот недостасуваат само неколку ситни детали. На пример, дека една од земјите што најмногу назадувале, значи Црна Гора, на оваа листа е на 46-тото место, додека земјата што најмногу напредувала, значи Србија, е на 59-тото место.
Недостасува, се разбира, уште еден податок (оној што недостасува во информирањето за овој извештај во сите земји во регионот што забележале напредок), а тоа е дека методологијата по која годинава се рангирани земјите е во голема мера сменета во однос на онаа според која се рангирале во изминативе години, така што споредувањето со позицијата од претходните години, едноставно, е само манипулација.
На пример, според хрватските медиуми, Хрватска, ако се оценувала по неизменета методологија, ќе го заземела 65-тото место, а не 40-тото како што сега официјално гласи во извештајот. За волја на вистината, кога се говори за „искреноста“ на хрватските медиуми, сепак треба да се спомене дека Хрватска се наоѓа во екот на предизборна кампања, што во некои случаи значително ја зголемува објективноста на некои медиуми. И обратно, се разбира.
Овие примери не се наведуваат во текстов за да се објаснува методологијата на Светската банка или да се анализира вистинската состојба во бизнис-секторот (авторот на овие редови веќе одамна со сомневање ги следи сите статистички податоци што ќе добијат голема помпа на овие простори) туку за да се покаже моќта на пропагандата и големиот медиумски ентузијазам за манипулирање на јавноста. И, се разбира, намерно се одбрани примери на медиуми од регионот, а не од земјава, токму да не паднеме во истата стапица на манипулативно, односно нецелосно информирање за дадената тема.
Што покажуваат овие примери? На пример, дали е Македонија навистина на високото 12-то место на престижниот индекс „Дуинг бизнис“ за 2016 година? Да, е! Дали Србија има направено најголем напредок од сите земји во регионот? Да, има! Дали Црна Гора е една од земјите што најмногу назадувале? Да, е! Дали е тоа вистина? Да, е! Дали е тоа објективно информирање? Да, е!
Дали врз база на вистинитото и објективно информирање медиумскиот консумент може да донесе свое мислење за предметот на информирањето? На пример, дека Македонија е во рангот на светските велесили во однос на благопријатните услови за водење бизнис! Или дека Србија е шампион во регионот по брзината на спроведување на реформите! Или дека Црна Гора е сепак подобра од Србија! Или дека со Хрватска се шегуваат, па ѝ даваат повисоко место отколку што заслужила!
Не само што може да се извлече таков заклучок или такво размислување туку така и треба да биде. Инаку целото информирање за овој извештај ќе нема никаква смисла. А, ако сакате, дури и целиот овдешен информативен систем ќе ја изгуби смислата на своето постоење. Затоа што идејата на таканаречениот балкански штих на информативната пропаганда не е да созаде мислење туку да наметне мислење. Затоа и овдешните медиуми не се креатори на јавното мислење туку негови манипулатори. Сопственото мислење не е популарна категорија во земја во која одржувањето на власт е прашање на живот или смрт.
Наметнатото мислење не ја фетишизира реалноста, или замислената реалност, или реалноста што некој сака да ја видиме, туку го прави фетишот видлив. А фетишот, по својата природа, е средство за затапување, за стеснување на свеста (видливоста). Во таа смисла, термините „вистина“ и „објективност“ во овдешниот информативен галиматијас го немаат она значење што обично им се припишува. Тие не ослободуваат, не се тука за да ја создадат вашата визија за светот туку за да ви кажат каков свет сакате.
Со други зборови, медиумите не ве повикуваат на глупавост, туку на затапеност, на мрзливост во мислењето, на откажување од преиспитувањето, на очекување на сервирање „објективни“ и „вистинити“ информации што ќе ни го наметнат нашиот светоглед кој, гледајте чудо, е токму онаков каков што ѝ одговара на владејачката врхушка.
Мораме да признаеме дека овој проект е прилично успешен. Затапеноста достигнува совршенство, па речиси повеќе никој и нема никакво прашање. Токму тука и лежи загатката за алката што недостасува. Клучниот збор во целава приказна е „целосност“. Само целосна информација е вистинска и објективна. Сето друго е манипулација. А за да се добие целосна информација, треба да се постават вистинските прашања. За да се постават вистинските прашања, освен знаење, треба да се има и желба, тоа да се сака (кога се сака, сѐ се може!). И тука стапува на сила таа затапеност првенствено на медиумите, а потоа и на јавноста.