Еднаш беа усмртени на улица, по вторпат од судовите. Немаше сообраќајна несреќа со смртен исход, а да не бевме изненадени од благите казни за сторителите – условна или минимална. Јасно е дека казната нема да ги врати изгубените животи, но сè додека тие се никакви, ја испраќаат најлошата порака. А тоа е – дека многу мамини и татини деца, кои добиваат на подарок возила уште додека не прооделе, лесно ќе си поминат во животот дури и ако им се случи да одземат нечиј живот.
Што значи условна казна во многу такви случаи, ако не (ин)директна инвестиција во возачки орди, кои ќе се охрабрат и натаму да нагазуваат „до даска“, да го игнорираат црвеното светло на семафорот, на кои ич не им е гајле за знаците за ограничување на брзината, ни за пешачките премини, ни дали возат под дејство на алкохол и без возачка дозвола. Кога никој не им застанува на патот на такви дивјаци, резултатот е загуба на човечки животи.
Денес тагуваме за младата Фросина Кулакова од Неготино (22). Пред десет години, во април 2015 година тагувавме за животот на студентката Фросина Цековска од Крива Паланка (19), одземен на истиот булевар. Колку Фросини треба да плаќаат данок во крв поради судската пракса што не ги одвраќа возачите од дивеење?
Не верувам дека има родител што не е скршен од тага, но и од бес. Бдеат над децата додека растат, стрепат, ги воспитуваат, се трудат да ги изведат на правилниот пат. За што? За еден ден некоја будала, ем алкохолизиран, ем без возачка дозвола, да ги изгази додека поминуваат на пешачки премин на зелено, одејќи на факултет, на работа, во училиште…
Претходното поведение – невидливо?
За последниот трагичен случај, Кривичниот суд вели – никој во правосудниот систем не би можел да претпостави дека обвинетиот по 7 месеци од донесената пресуда можел да стори и друго кривично дело. Па, прашува – зошто во јавноста се создала конекција меѓу мерка изречена за едно кривично дело, со друго кривично дело, кое е сторено 7 месеци подоцна?
Затоа што јавноста смета дека за некој што се товарел за две кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, судот морал да го има предвид и неговото претходно поведение.
Ова лице во 2023 година било пријавено и за кривично дело од член 297 за сообраќајна несреќа сторена на крајот од 2022 година, во која едно лице добило полесни повреди, а МВР повело и прекршочна постапка за негово возење без возачка дозвола (како што возел и завчера, а и веројатно и секој друг ден во изминатите години). Како Судот не го видел тоа, а знаел само дека на истото лице како малолетник му била изречена судска опомена поради нарушување на јавниот ред и мир во 2021 година? Различна ли евиденција користат обвинителите и судиите?
Имајќи го предвид токму претходното поведение на сторителот, јавниот обвинител вложил жалба на одлуката на Судот, кој на ова лице му изрекол мерка – упатување во воспитно-поправен дом, третирајќи го, поради неговата возраст, согласно законот, како помлад полнолетник. Второ, предметот, кој на 7.11.2024 година бил доставен на надлежно постапување на Апелацискиот суд Скопје, сè уште не бил вратен на евентуално извршување. На лаичката јавност не ѝ е јасно колку долго треба да се чека!
Казните сами говорат
Уште потешко е да се разберат аршините со кои беа казнувани сторителите на сообраќајни несреќи со смртен исход, а во кој жртвите немале никаков удел или вина. Во случајот со Фросина Цековска, сторителот беше осуден на 6 и пол години затвор. Апелација го врати процесот на повторно судење и ја поништи пресудата. На второто судење беше осуден на 4 години затвор, а Апелација дополнително му ја намали затворската казна на 3 години.
Во 2014 година, во Скопје, возач го прегази 16-годишниот Иван, син единец на семејството Билински. Доби првостепена казна од две и пол години, Апелација ја потврди, Врховниот суд ја укина и го врати случајот на повторено судење. Во 2021 година, Врховен и МВР се произнесоа дека обвинетиот е надвор од државата. Не знаеме каде е сторителот. За Иван знаеме, за жал.
Во октомври 2018 година, во Скопје, возач го усмрти Гоце Димитриевски (32), неговата бремена сопруга го изгуби плодот, а и самата заврши со тешки повреди. Се сеќавате на казната? Условна осуда (!), која предизвика големи реакции во јавноста. Потоа Апелација ја преиначи пресудата и сторителот доби затворска казна од две години и два месеца.
Во 2020 година, на регионалниот пат Охрид – Св. Наум, како последица на сообраќајна несреќа, животот го изгубија Иван Корач и Милан Стојановски. Нивните сопатнички Сташа, Деспина и Исидора, со години се справуваат со последиците од тешките телесни повреди. Сторителот доби условна казна, што предизвика револт во јавноста. Не знам дали нешто се смени потоа.
За време на привремен отпуст од затворот во Струга, Зоран Милевски Кичеец предизвика сообраќајка, во која загина 34-годишен гостиварец, а седум лица беа тешко повредени. Да не беше сообраќајката, јавноста и немаше да дознае дека добил отпуст. Тој се спогоди со обвинителството и судот му одреди казна затвор од шест месеци.
Мал исклучок
Единствената повисока казна беше изречена за лицето што во пијана состојба, во 2022 година ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова во Велес и побегна од местото на настанот, возејќи со брзина повисока од пропишаната. Апелација, од 18, му ја намали казната на 8 години.
Но, сите други завршуваа со благи казни. Затоа јавноста бараше правда и за 24-годишната радовишанка Викторија Николова, прегазена кај Сити мол во 2022 година. Возачот доби казна од три години. Семејството најави жалба и кажа дека тоа е потврда за ниската доверба во судството.
Се бараше правда и за случајот со 20-годишната Верица Белчовска во 2021 година, која беше прегазена на пешачки премин во Струмица. Возачот (18) побегна од местото на несреќата, а потоа се пријави во полиција. Првично беше осуден на 15 месеци, а потоа Апелацискиот суд во Штип му ја зголеми казната на 30 месеци затвор.
Органите на Верица беа донирани и спасија три животи. Но, нејзиниот, и на сите спомнати и неспомнати што страдаа во вакви околности, не може да се вратат.
Единственото што може и мора да се врати се ригорозни сообраќајни казни за дивеење по улиците. И да запре судската пракса, која повеќе наоѓа олеснителни околности за дивјаците на тркала што одзеле човечки животи, отколку за пресуди што силно ќе ги демотивираат и запрат.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија