Еколошката мака на развојот

Во моите студентски денови на тогашните интердисциплинарни студии по новинарство, значи пред повеќе од четири децении, имав еден испит што се викаше економски развој или така некако. Како мала напомена ќе наведам дека уште живеевме во социјалистичко уредување и образованието помалку или повеќе беше прилагодено на социјалистичките идеолошки, политички и економски доктрини.

Во задолжителниот учебник, чиј автор беше мојот професор Никола Кљусев (еве, интересен факт, учебникот беше објавен на хрватско-српски јазик, во Загреб, за да може да служи на сите југословенски универзитети, а го немаше во македонска верзија), како еден од факторите на развојот беше спомната екологијата. Екологијата во тоа време беше релативно млада дисциплина, а општествената свест за заштита на животната средина во зародиш.

Иако моето сеќавање не е најсигурен извор, со голема сигурност можам да кажам дека таму пишуваше (парафразирам по сеќавање) дека екологијата е измислица на Западот и развиените земји за да ги држат земјите во развој, во (нео)колонијална положба. Тезата беше дека откако Западот се развил, користејќи ги сите расположливи природни ресурси, и достигнал задоволувачко ниво, сега не им дозволува на неразвиените земји да го следат истиот пат за да ги држи во економска зависност.

Мене лично, тезата дека екологистите и „зелените“ движења водат некаква политика во полза на капиталистичкиот империјализам, тогаш ми звучеше многу смешно. Во секој случај, многу посмешно отколку што ми звучи денес. Тогаш еколошките активисти беа безмалку сметани за терористи.

Денес (5 јуни) е Светскиот ден на животната средина. Датумот е одреден по предлог на делегацијата од Југославија, онаа иста федерација, чија рамноправна членка беше Македонија

Организацијата „Грин пис“ водеше буквално вооружени пресметки со крајбрежните стражи, во обид да ги спаси китовите од неконтролираниот улов. Лидерката на германските „зелени“, Петра Кели беше прогласувана за државен непријател број еден. Западот го потресуваа активистички протести и демонстрации. Во 1981 година, во Бон протестираа 400.000 луѓе против нуклеарното вооружување итн. Едноставно, тешко беше да се поверува дека овој тип активизам се прави под државно спонзорство и дека „зелените“ се „империјалистички тројански коњ“.

Потоа, „зелените“ се етаблираа во политичкиот систем, играјќи важна улога во носењето политички одлуки и стратегии. Јошка Фишер, на пример, лидер на тогашните „зелени“ во Германија, едно време беше и германски министер за надворешни работи.

Иако ова „влегување во системот“ не ги смени многу работите во заштитата на човековата средина, сепак мора да се признае дека институционалното дејствување ја зголеми свеста за еколошките проблеми. Од друга страна, практичното пропаѓање на Протоколот од Кјото (1992 година) и лабавите обврски (всушност препораки) од Парискиот договор (2015) не овозможија ефикасно намалување на емисиите на таканаречените стакленички гасови (ефектот на стаклена градина), а глобалното затоплување бележи сѐ повисоки рекорди.

Релативниот неуспех на глобалните напори за намалување на емисијата на јаглерод диоксидот и останатите слични гасови во атмосферата првенствено се должи на индолентниот однос токму на најразвиените земји. Уште американската администрација на Џорџ Буш помладиот излезе од Протоколот од Кјото, со образложение дека обврските на развиените земји се далеку поголеми од оние на земјите во развој. САД (администрацијата на Доналд Трамп), во 2020 година излезе од Парискиот договор, за да се врати веќе следната 2021 година (администрацијата на Џозеф Бајден).

Консумеризмот како начин на живот, релативно честите економски кризи и императивот за профит (таканаречениот раст на БДП) се фактори кои, едноставно, го блокираат рационалното „враќање кон природата“ и кругот се затвора.

Што се однесува до Македонија, и ние не се прославивме нешто во спроведување на таканаречената „зелена“ агенда. Шумите се испосечени, урбаните зеленила девастирани, мижиме пред очигледните загадувачи на воздухот, гасификацијата не е ни во зачеток…

Уште на почетокот на плурализмот во Македонија се формираше Зелена партија, која набргу се претопи во Либерално-демократската партија и исчезна од политичката сцена. И како фактор, но и како идеја. „Зелените“ идеи ги „присвои“ ДОМ, партија која, иако партиципираше и партиципира во власта, не се прослави баш премногу во еколошките иницијативи. Слично може да се каже и за „зелените“ активисти што влегоа по локалните самоуправи.

Но, ако сакаме да бидеме искрени, кога Македонија доследно би ги спроведувала препораките од Протоколот во Кјото, на пример, тогаш одамна би требало да прекинат со работа РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Неготино“. И практично да застане сѐ во државата. Состојба што дефинитивно и катаклизмично би ја потврдила тезата од дамнешниот учебник на Кљусев.

Сепак, првата од двете причини зошто во фокусот на овој текст е екологијата, е веста дека Регуларната комисија за енергетика, во последните 17 месеци (од јануари лани) одобрила 486 лиценци за електроцентрали на обновлива енергија, со вкупно инсталирана моќност (капацитет) од речиси 247 мегавати. Според проценката на РКЕ, тоа ќе биде доволно за подмирување на потребите на дури 96.700 домаќинства со просечна потрошувачка на струја. Лиценците се распоредени во и околу 12 урбани центри низ целата територија (Скопје не е меѓу нив).

Оваа вест е секако за поздравување, иако прашањата што се отвораат се прилично комплексни. Македонската јавност, навикната на коруптивни активности со „државниот“ бизнис, веќе почна да лицитира со шпекулациите кој и колку лиценци добил. Натаму, не е соопштено дали и колку обработливо земјиште ќе биде пренаменето и искористено за поставување на фотоволтаиците и ветерниците. Не е јасно дали е обезбедено одржување на фотоволтаиците, колкава е трајноста на акумулаторите и каде тие ќе се складираат по нивното исцрпување итн. Дел од одговорите на овие прашања се веројатно познати на стручната јавност, но лаиците (засега) остануваат неупатени.

Како и да е, велам дека колку и да се работи за профитабилен бизнис, оваа вест е за поздравување. Особено за земја што уште не научи да рециклира отпад. Поточно не научи ниту да го фрла ѓубрето таму каде што треба, а камоли да размислува за некои посериозни зафати.

Што се однесува до Македонија, и ние не се прославивме нешто во спроведување на таканаречената „зелена“ агенда. Шумите се испосечени, урбаните зеленила девастирани, мижиме пред очигледните загадувачи на воздухот, гасификацијата не е ни во зачеток…

Кога сме кај рециклирањето, доаѓаме до втората и (за мене) побитна причина зошто текстот го посветив на екологијата. Денес (5 јуни) е Светскиот ден на животната средина. „Домаќин“ на годинашното одбележување е Брегот на Слоновата Коска (во партнерство со Холандија), а главната тема е борбата против загадувањето со пластика.

Некоја друга шанса ќе биде искористена на ова место да се наведат сите штетни последици од пластиката. Засега е доволно да кажеме дека во светот, на годишно ниво се произведуваат дури 430 милиони тони пластика и дека со ова темпо, ова производство тројно ќе се зголеми до 2060 година. И уште ова: се проценува дека дури 90 проценти од сите риби и птици имаат микропластика или делови од пластика во своите желудници.

Каде е Македонија по ова прашање? Онаму каде што беше. Никаде.

И на крајот не е на одмет да се потсетиме дека 5 јуни се одбележува со одлука на Генералното собрание на Обединетите нации, поради тоа што на тој датум во 1972 година во Стокхолм (Шведска) се одржа првата конференција за заштита на животната средина (со учество на 113 земји).

Датумот е одреден по предлог на делегацијата од Југославија, онаа иста федерација, чија рамноправна членка беше Македонија. И онаа иста држава во која јас учев дека екологијата е западна измислица за да ги држи земјите во развој – неразвиени.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија