„Нема сеќавало“ или чаршиската тавтолошка изрека „нема чувство за осет“ се наменети за луѓе што немаат ни капацитет, ни морален габарит да ги разберат пораките што им се упатуваат.

Најдобар пример за тоа е Судскиот совет. Да ја слушаш изјавата на холандскиот амбасадор дека „Судскиот совет станал нелегитимно тело“, (изјава од претставник на земја најголем поддржувач на проекти во Судскиот совет), а и натаму да седиш во Судскиот совет без мува да те лази, е знак дека станува збор за луѓе без сеќавало. Без срам и перде.

Прво што би направил човек со интегритет по една таква изјава – би дал оставка, за да го заштити барем и она малку што останало (ако останало) од угледот на професијата. Таков порив не видовме. И каков професионален интегритет да се очекува понатаму од нив, ако со сите претходни дејства покажале дека го немаат.

Напротив, Советот ги отфрли тврдењата на амбасадорот, а новиот претседател избран по незаконското разрешување на претходната претседателка Весна Дамева, уште и најави дека во најскоро време ќе иницира средба со амбасадорот, за да му појаснел (!) дека бил избран законски.

Да ја слушаш изјавата на холандскиот амбасадор дека „Судскиот совет станал нелегитимно тело“, а и натаму да седиш во Судскиот совет без мува да те лази, е знак дека станува збор за луѓе без сеќавало. Без срам и перде

А што ќе му објасни? По седницата на која беше избран, не беше многу јасно дали се избира епископ на некоја епархија или претседател на Судски совет.

„Јас сум верник. Верувам во Господ, верувам во себе, верувам во сите вас. Верувам дека ќе имаме правец на движење во позитивна насока, колеги“, вети Сашко Георгиев пред колегите.

Не спомна ни Устав, ни закони. Па, ако евентуално се сретне со холандскиот амбасадор, не е исклучено да му биде поставено прашањето во кој Господ верува. Дали можеби во оној што е синоним за светото тројство меѓу судството, политиката и бизнисот?

Бидејќи, и разрешувањето и изборот се само врв на ледениот брег. Проблемот е во гнилоста на она што се крие под површината. Оние што го следат поведението на судството, многу добро се упатени во сите детали што водат кон драматично скапување на нашето правосудство.

Кој сака, може да ги игнорира сега оценките на холандскиот амбасадор, ама не ќе може истото да го прави ако бидеме исправени пред огледалото на поглавјето „Темели“. Ако бидат спроведени уставните измени (тоа засега е неизвесно), веднаш зад аголот нѐ чека тоа поглавје, кое прво се отвора и последно се затвора, а се следи највнимателно во текот на целиот процес.

А таму ќе има големо пиштење-вриштење и по прашањето за битката со корупцијата, која е закана за стабилноста на институциите и владеењето на правото, и по прашањето за функционирањето на нашето „независно“ судство.

Неслучајно, холандскиот амбасадор потсетува дека Холандија дала зелено светло за отворање на пристапните преговори, само поради донесениот закон со кој се гарантирало процесуирање на случаите на СЈО. „Но, она што ние го гледаме, е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој“, вели тој.

Да не се лажеме, сѐ се знае за состојбите кај нас: и за играта со истечени мандати на судии поротници, и за намерните дупки во првостепените пресуди за тие да паднат пред второстепениот суд, и за тоа колкава е цената за чмаење предмети во фиоки, односно застарувања, и во чии политички кабинети правораздавачи добиваат инструкции за сето ова.

Во невидена хармонија добро се разбираат многу богови здружени по сила на нивните, а не на државните интереси, најмалку за правдата. Тоа друштво на партиско-хетерогени ликови, кое низ судските коридори обезбедува подобни судски одлуки заради политички и други потреби, е „досието“ поради кое нашиот интегративен процес длабоко ќе заглави.

Амбасадорот вели дека она што тие го гледаат е „политичко влијание кај изборот на Обвинителството за гонење организиран криминал, знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители и знаци на политичко влијание практично во сите судови“.

Треба ли превод што значи тоа? Распад.

А Судскиот совет решил да се занимава со индиции за судир на интереси кај член на Советот. Бродот тоне во бламажа до гуша, клиенти-капиталци на судот се фалат дека никој ништо не им може и оти наскоро за нив сѐ ќе си биде како во старите добри времиња, а капетанијата ќе проверува дали некој индивидуално се наводенил при сеопштото тонење во длабоката вода.

Тоа друштво на партиско-хетерогени ликови, кое низ судските коридори обезбедува подобни судски одлуки заради политички и други потреби, е „досието“ поради кое нашиот интегративен процес длабоко ќе заглави

Оние, пак, што ја злоупотребија увереноста на граѓаните дека протестираат за правна држава, сега се кикотат зад нивните тапацирани кабинетски врати и се потсмеваат на наивноста на сите што извикуваа „Нема правда – нема мир“.

Поука: не верувај кога некој ветува правда, поверојатно ќе испорача неправда. Кога некој ветува нови автобуси – знај дека ќе останеш и без старите. Кога ветува нов пат, сметај дека уште една деценија ќе се возиш по стариот. Кога ветува повеќе Европа, ќе испорача погрешно ставени европски знаменца.

И на крајот ќе те убедуваат дека интеграцијата зависела од уставните измени. Од нив навистина зависи почетокот на преговорите со ЕУ, ама крајот никако. Ако од појдовната точка А до завршната точка Ш нема ни обиди за промени, а камоли промени, од таа прикаска за мали деца ќе остане едно големо АШ.

Па, кога некои нови клинци ќе прашаат – каде е Македонија на картата на ЕУ, ќе нема друг одговор, освен „Аш, ја нема“. Ама ќе треба да им биде објаснето и зошто.

Само нека не се правдаат со Бугарите. И покрај огромниот и несебичен „придонес“ на соседите, на ова прашање најмногу паднавме на домашниот испит.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија