Еден политички поредок е легитимен ако граѓаните веруваат во него, бидејќи врз основа на таа (до)верба, граѓаните се подготвени да постапуваат во согласност со одлуки, мерки, препораки или сугестии на власта.
Кога власта говори за проширувањето на даночната основа, со мерки што ќе стапат во сила следната година, не треба да се чуди ако има негативни реакции. Наместо во старт да ги смета за некомпетентни и нестручни или лицемерни, власта треба да им обрне сериозно внимание, особено ако не си ја завршила обврската од нејзина надлежност.
За да се воведе фер оданочување, прво треба да се расчисти сивата економија. Без тоа ништо не е фер. Или, при оданочување на орочените депозити, ако нема разлика во пристапот кон скромните штедни влогови наспроти оние со милионски суми, тогаш јасно е дека ќе паѓа вербата во легитимитетот на власта, со впечаток дека се штитат богатите на сметка на сиромашните.
Секој на индивидуален план може да штеди, но во севкупната слика тоа е незначително, ако струјата се губи и се троши низ криминални активности, за што цехот од загубите на крајот повторно завршува кај тие што редовно плаќаат
Истото се однесува и кон мерките (за институциите) и препораките (за граѓаните) за штедење на електричната енергија. Голем дел од препораките до граѓаните се доживеани буквално како навреда, бидејќи се добива впечаток дека властите немаат апсолутно никаква претстава колкави напори и досега вложуваа семејствата за да ги зауздаат трошоците за струја, во согласност со своите можности, кои се прилично ограничени, а во голем број случаи и – никакви.
На она што го препорача владата (рингли, садови за готвење, тушови), граѓаните имаат дипломирано, магистрирано и докторирано многу одамна. Македонскиот граѓански „универзитет“ за штедливост може да котира директно во врвот на шангајската листа, кога би постоело такво рангирање.
Значи, не се проблем препораките, туку незнаењето на властите (заради отуѓеност од секојдневието) дека тоа е одамна апсолвирана реалност. Експрес лонецот – тој штедач на време и енергија во готвењето одамна се третира како најверен член на семејствата, како домашен „вицепремиер за економија“. Ако се расипе, паѓа голем дел од финансиската конструкција за заштеда.
Неработниот ден – недела, подолг период е најработниот ден за домаќинствата во земјава. Во недела, на евтина тарифа се готви храна (и се замрзнува) за да има за целата следна седмица. Тушови со малo протекување вода, барем во Скопје, никој не мора специјално да поставува, бидејќи бигорот редовно им ја намалува издашноста. Завесите и ролетните секако се спуштаат и при топло и при ладно, ама на граѓаните им паѓа мрак пред очи кога некои нешта со години остануваат нерешени.
Секој на индивидуален план може да штеди, но во севкупната слика тоа е незначително, ако струјата се губи и се троши низ криминални активности, за што цехот од загубите на крајот повторно завршува кај тие што редовно плаќаат.
Во последните две децении, точно се мапирани местата каде што со години се блокираат патишта кога треба да им се исклучи струјата на тие што нѐ плаќаат. За овие проблеми, со години, знаат и локалните, и централната власт, но никој до денес не го решил тој проблем.
Властите се менуваат, а вестите остануваат исти – дека полицијата повторно морало да интервенира поради вербални и физички пресметки и оневозможување на пристапот на екипи од електродистрибуција во одредени места.
И дојдовме дотаму, ова да е помалиот проблем, бидејќи говориме за станбени единици што имаат броила и не плаќаат, но барем се евидентирани во системот. Што е со оние кои се во поголем број – дивоприклучените, кои неовластено користат електрична енергија, ги оптоваруваат трафостаниците и предизвикуваат дефекти, а потоа се најгласни кога бараат дефектот да се реши. Но, и натаму не даваат пристап до нивните домови кога треба да бидат отстранети од мрежата.
Македонскиот граѓански „универзитет“ за штедливост може да котира директно во врвот на шангајската листа, кога би постоело такво рангирање
Ако од надлежната компанија, ни со придружба на полицијата, не успеваат да си ја завршат обврската, ако тоа трае со години (последниот инцидент беше во март годинава), тогаш како граѓаните да имаат верба во легитимитетот на власта и институциите?
Шегите околу големината на садовите за готвење или огласи од типот „продавам куќа во Арачиново/инвестицијата е исплатлива уште во првата година/не плаќаш ни струја ни даноци/шифра дивоприклучен, питомо интегриран“, не се наменети за мајтап. Тие се крик против институционалното мижење пред состојбите заради тесни политички или бизнис-интереси.
Од моментот во кој партиите почнуваат сѐ помалку да се разликуваат (сите биле на власт, никој не го решил проблемот) и да се доживуваат од граѓаните како еден вид монолитен политички естаблишмент, кој не се грижи за јавното добро, туку само за поединечни интереси, кога легитимитетот е сведен на гола илузија, од тој момент почнува неповратниот процес на граѓанската недоверба.
Таа само ќе се зголемува ако властите останат во летаргија и не покажат намера и конкретни чекори за да ја пресечат критикуваната спирала на отсуство на санкции.
Во таков случај, без разлика кога ќе има избори, сите што го изгубиле легитимитетот, ќе се најдат во најголемото тенџере, на најголемата рингла, во ладна вода и на крчкање, како кога се вари жива жаба. И тоа ќе биде единствениот момент кога никој нема да се грижи за штедењето струја.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија