Не сум од оние што аплаудираа на воведувањето на полицискиот час. До душа не сум ни од оние што ја исвиркаа оваа мерка. Не знам колку ваквиот начин на справување со кризата ќе направи реска линија меѓу животот и смртта. Не само што не сум епидемиолог, туку моето, најблаго речено, скудно знаење за јавното здравје се формира токму сега. Едноставно, решив да ги почитувам мерките и да се убедувам дека некои луѓе таму горе знаат што прават.
Сфаќам дека буквално целото човештво е немоќно и нема ефикасен одговор. Барем не уште. И сите радикални мерки (а порадикални се чини следат) не се битка против болеста, туку обид за минимализирање на штетата. Карантините, изолациите и самоизолациите не се заштита на потенцијалните пациенти, туку заштита на здравствениот систем. Едноставно е, треба да се спречи неговиот колапс и треба да му овозможиме услови за некаква нега на сѐ поголемиот број заболени.
Значи, не сум од оние што се воодушевуваат од умешноста на министерот Филипче во справување со кризата, како ни од другите министри. Но, не сум ни од оние што ги критикуваат. Некако ми се чини дека не е време за тоа. Луѓето си ја работат својата работа. Кој колку умее и може. И толку.
Не ги напаѓам луѓето што излегоа на убавото време по парковите и кејовите. Не ги ни оправдувам. Не ги стигматизирам оние што оделе на скијање кога не требало, ниту нашинците што се враќаат во своите огништа во невреме. Не е време да се мразиме меѓу себе. Не е време да бидеме нестрпливи и нетрпеливи. Кога-тогаш ќе има избори и тогаш ќе се мразиме колку што душа ни сака. Овој предизвик е сосема поинаков и бара сосема поинаков пристап и ресетирање на повеќедеценискиот ментален склоп на нашето колективно однесување.
Не се восхитувам од пожртвуваноста на медицинскиот персонал и полицијата. На крајот на краиштата, во описот и пописот на работните места им е да спасуваат животи. Ако веќе треба да искажувам некаква почит, тогаш пред нив би биле продавач(к)ите по маркетите што треба да се справуваат со психозата на слудените потрошувачи или на возачите на автобусите на јавниот превоз, на кои буквално им дишат во врат.
Во оваа битка нема херои и негативци. Нема предавници и патриоти. Нема дури ни победници и победени. Во ова време/невреме сите сме жртви. Сите ќе ги носиме лузните како некакви крајпатни знаци, да нѐ потсетуваат на времето кога стравот ни влезе в коски и кога соседите ги гледавме попреку
На пример, во 1900 година, светот има помалку од две милијарди жители. Значи, за целото свое постоење, човештвото ја достигнало оваа бројка. За нешто повеќе од еден век, бројот на населението се зголемува четирикратно. Проценките се дека во 2017 има нешто помалку од осум милијарди жители. Просекот на траењето на животот во 1900 година, на светско ниво е 31 година. Денес е 72,2 години со тенденција на натамошно качување. Со други зборови, епидемии и пандемии и натаму ќе следат.
Природата ќе се стреми да воспостави некаква рамнотежа, а човекот да го обезбеди сопствениот комодитет, односно квалитет на животот. Се разбира, клучни во оваа битка се медицината и толку омразената фармација. И затоа буквално целото човештво во овој миг е впрегнато во заштита на медицинскиот систем.
Ама, светот, а и ние во него, никогаш повеќе нема да бидеме исти.
Поентата ми е дека во оваа битка нема херои и негативци. Нема предавници и патриоти. Нема дури ни победници и победени. Во ова време/невреме сите сме жртви. Сите ќе ги носиме лузните, како некакви крајпатни знаци да нѐ потсетуваат на времето, кога стравот ни влезе в коски и кога соседите ги гледавме попреку.
Ќе се сеќаваме на времето кога прекинавме да се ракуваме и гушкаме дури и со сопствените деца. Кога доброволно се откажувавме од сопствените права, а дома таложевме тоалетна хартија (?) и квасец за црни денови. Кога ги напуштивме улиците и дружењата. Не дај Боже, да се закашлате во нечија близина. Веднаш ќе ве погледнат како да сте Осама бин Ладен лично.
Бев присутен кога една касиерка во еден маркет се закашла и видов како сите муштерии (а не беа малку), во нано-секунда ја напуштија касата и се префрлија на другата, каде што редот беше прилично голем. Тие лузни, и на касиерката, но и на потрошувачите нема да се избришат лесно. Уште долго, и откога ќе помине целата оваа калакурница, ќе се сепнуваме кога ќе слушнеме некој да кивне. Уште долго ќе избегнуваме прегратки и бакнежи.
Она што сега е непознаница, освен, се разбира, конечната штета што ќе ја нанесе ковид 19, е дали општеството ќе мутира или ќе матурира? Дали ќе останеме да живееме во полициски час и прекумерна дисциплина и самодисциплина или ќе се научиме дека само заедно, само солидарно кризите можат да се пребродат? Дали самите ќе ги предизвикуваме кризите или ќе научиме да ги превенираме? И дали воопшто нешто ќе научиме од оваа ситуација?
Блез Паскал не мислел на никаква епидемија кога рекол дека најголемите неволји на човештвото произлегуваат од неспособноста на човекот да седи сам во тишината на својата соба. И, се разбира, оваа реченица нема никаква врска со актуелната пандемија, ама, ете, некако цело време ми се врти во глава.