Школа на животот

Ја разбирам загриженоста во општеството поради долгото отсуство од наставата на основците, средношколците и студентите. Се вртат разни предлози како да се организира наставата за децата да останат во едукациска кондиција, дали има технички можности за унифицирана или саморганизирана онлајн-настава, се предупредува и се мобилизира наставниот кадар да не ги испушта образовните конци од рацете…

Без оглед дали ќе се организира каква било настава, едно е сигурно: учениците многу повеќе ќе научат од оваа криза седејќи дома, отколку ако беа во школските клупи на редовна настава, додека со мислите скитаат надвор, таму каде што пече пролетното сонце. 

Научно е докажано е дека најдобрите лекции, тие што остануваат трајно врежани во меморијата, се тие што се учат искуствено, во практика. Нека ми простат професорите, но не постои лекција во учебникот која повеќе ќе ги заинтересира учениците да научат за вирусите, од интересот што им го предизвикува актуелнава состојба.

Можеби до вчера не ја разбирале разликата меѓу аритметичка или геометриска прогресија, но брзината на ширењето на вирусот најдиректно ќе ги заинтересира да прочитаат на кој начин се шири и да ја увидат разликата. Ако досега им била барана дисциплина за време на часот, сега ќе научат што значи самодисциплина и во домашни услови, и на јавен простор, и колку е таа важна во вакви моменти.

Дај Боже, епидемијата да спласне и учениците да се вратат во школите пред почетокот на летово. Но, дури и да не се случи тоа, верувам дека веќе многу научија

Многу повеќе ќе научат од секојдневието отколку од предметот граѓанско образование, што е тоа граѓанска одговорност, граѓанска солидарност, што значи општествена одговорност или општествено одговорна компанија. Ако до вчера не знаеле што е дефицит, актуелнава и потенцијална „оскудација“ најдиректно ќе ги запознае со суштината на повеќе економски термини.

Но, пред сè, оваа состојба ќе ги мотивира на критичко размислување. Додека во училиштата папагалски учат бројки и податоци кои веќе во текот на летото ќе ги заборават, до летово ќе имаат континуирана средба со новата историја. Онаа историја на современиот свет, која веќе утре ќе биде раскажана низ бројни статистички биланси, романи и филмски приказни за згаснати животи, гранични режими кои разделиле семејства, врски, пријателства, уништени економии, пропаднати компании…

Сега најбрзо и најефикасно учат кои професии се дефицитарни и значајни во контекст на современите предизвици – дигитални, здравствени, превентивни. Голем дел од нив токму во вителот на оваа пандемија ќе ја препознаат и изберат нивната идна професионална ориентација.

Ќе разберат дека некој може да има милијарди, но дека во еден момент можеби животот ќе му зависи само од тоа дали има чифт гумени раквици по цена од пет денари, или дали има обучен кадар кој знае да ракува со респираторен апарат.  

Ќе научат дека нема големи и мали земји, туку земји добро или лошо подготвени за справување со кризи од различен вид, вклучително и за пандемии од ваков тип. Ќе научат дека во еден момент повеќе од дијамантски рудник вреди погонче кое веднаш може да произведе заштитни маски и ракавици во време кога во светот има огромен недостиг од нив.

Ќе научат што значи институционална одговорност, одговорна распределба на буџетски средства, навремено планирање и набавки, ребаланс на буџет, важноста на државните стокови резерви… Зар е малку? Па, голем дел од возрасните сè уште не стигнале да го научат ова.

Да, денес зборуваме за деца/ученици, но додека трепнеш, ќе станат возрасни луѓе, и ќе се соочуваат со исти или многу поголеми предизвици од оние со кои денес се соочуваат нивните родители.

Оние кои до вчера ги учевме дека треба да поминуваат што помалку време пред компјутери и мобилни телефони, повеќе да се дружат тет-а-тет наместо виртуелно, повеќе да се движат и спортуваат, сега, кога се принудени да седат дома, најдобро ќе го научат значењето и потребата од социјална интеракција која не ја ценеле доволно тогаш кога не им била ограничена.

Ќе научат за новостите дека и Гугл може да упатува на потреба од тестирање според симптомите, но и да размислуваат и анализираат што сѐ во иднина ќе може и ќе мора да се прави преку современи технолошки алатки, ако мора да се избегне контакт меѓу луѓето.

И ако некогаш може да се каже дека школата на живот е поефикасна од традиционалната и онлајн-наставата, тоа „некогаш“ е токму сега

Дај Боже, епидемијата да спласне и учениците да се вратат во школите пред почетокот на летово. Но, дури и да не се случи тоа, верувам дека веќе многу научија. И повеќе отколку што би требало да научат во овие рани, и за нив, безгрижни години.

За жал, овие генерации наши деца немаат безгрижни години. По оваа здравствена криза, но и економската што следи, ништо нема да биде исто за нив.

Ова време невреме ќе ги принуди побрзо да израснат, побрзо да созреат, да бидат поумни и помудри дури и со неколку месеци изгубена настава. Ако со години ги лишувавме од квалитетни програми, барем да ги оставиме да научат од ова општествено искуство. Ќе има поголем ефект.

И ако некогаш може да се каже дека школата на живот е поефикасна од традиционалната и онлајн-наставата, тоа „некогаш“ е токму сега.