ЕУ-јавление според Прибе, „реформи“ според Груевски!

„Планот за нови реформи за европската интеграција“ на Груевски е израз на врвна политичка ароганција пред финалната лидерска средба,на која излезот од кризата треба да добие четирипартитна согласност и сепартиски придонес во договорените мерки. Супститут за таквата опција не може да биде самонаметнувањето на „реформаторите од естаблишментот“.

a7465854916_799c24f04b_c

Фото: Diana Mehrez / Foter

Амбулофобија е страв од одење или стоење, поради страв од паѓање. Таа со собе носи и други фобии, најчесто агорафобија – страв од отворен простор и излегување на јавна сцена поради истиот страв – од паѓање. Многу амбулофобичари поради тоа се решаваат да седнат во колички, иако физички можат нормално да се движат.

Премиерот Груевски поради енормно голем страв од паѓање, дефинитивно седна во количка. Не мислам на најскапата количка во Југоисточна Европа, чија дополнителна опрема досега ги смируваше симптомите на амбулофобијата преку пријатна масажа, со вибрации од вратот, преку должината на ‘рбетниот столб до задникот, кои му даваа сигурност на ВИП-клиентот дека седи и нема никаква опасност да падне. Особено, дека седи на вистинското место.

Но, во случајов станува збор за оние мали, помошни медицински колички, што се користат при неможност за движење. Не сакам да кажам дека Груевски со тоа се симнал „од коњ на магаре“. Само сакам да илустрирам за каков „превоз“ се реши по Извештајот на Рајнхард Прибе, кој ја поттикна и владината гносиофобија (стравот од нови сознанија), особено кога тие не се воопшто пријатни, а во комбинација со растечката панофобија – специфичен страв од непознати езотерични мрачни сили.

Оваа нова „количка“ која треба да го амортизира неговиот страв од паѓање е лесна, брзоподвижна, со добро балансирани гуми и се нарекува „План за нови реформи за европската интеграција“.

Брзајќи да се самопрепорача во Брисел како политичар кој заслужува непречено да остане во премиерската фотелја, кој ни случајно не смее да падне, кој допрва ќе ги покаже своите реформски капацитети и потенцијали, преку Фејсбук (агорафобија н.з.) најави „нов обемен и амбициозен план“ за кој верува дека ќе овозможи дополнителен напредок.

Планот е фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата. Предвидени се конкретни мерки, рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат, за тоа е ангажирана целата Влада, а посебен тим на министри неколкупати неделно ќе се среќаваат со цел да ги подготвуваат и реализираат реформите. Неверојатно, но вистинито!

Сето ова беше задача и обврска на владите на Груевски уште од 2006 година. Но, практиката не го дочека нивното спроведување. Девет години подоцна – некое политичко „ЕУ-јавление“ според Прибе или според други европски апостоли, го разбудија Груевски од речиси монашкиот завет на молк и активности по овие прашања.

И одеднаш – најава за реформи, како инстант-формула за спас. Нова количка за него, но, уште повеќе, за возење на јавноста и на меѓународната заедница.

Само неупатените во тајните за ревитализирање на македонските непродуктивни власти и јалови политики, можaат да бидат изненадени од новиот план на премиерот, со оглед дека трејд марк на неговата досегашна политика беше токму неговиот инстинкт за политичко преживување.

„Плановите“ и „реформите“ беа прво име на методологиите за стигнување до таа цел, а динамиката – негова предност. Ако во нешто редовно успеваше Груевски, тоа е да биде чекор пред опозицијата и кога аргументите не беа на негова страна. Неговата моќ слабостите да ги претвори во предност, да истрча сто метри понапред, подготвен да ги дочека и да ги изненади опонентите, е една од неговите неспорни способности, без оглед на демагошката содржина која се крие зад тоа.

Нус-продукт од таа итарпејовска филозофија, е всадената перцепција дека не е важно кој, што и како работи туку како тоа ќе биде продадено во јавноста. Во таа насока, Груевски досега беше најуспешниот трговец со илузии, а со последниот план докажа дека е неисцрпна и неговата инспирација во стигнувањето, не до целите во ЕУ туку до сопствениот политички опостанок.

Но, дали оваа негова конструктивност е навистина конструктивна? Советот на ЕУ во заклучоците ги повика „сите политички партии да го почитуваат договорот од 2 јуни и да ги спроведат сите препораки на Комисијата, почнувајќи со итните реформски приоритети“.

Истрчувањето на премиерот со негов план сега отвора неколку важни прашања: Прво, дали со овој потег премиерот ја суспендира очекуваната сепартиска инклузивност? Второ, дали под етикетата на „конструктивност“ однапред сака да инсталира од него контролирана реформска рамка, па ако се постигне финален договор на 29 јуни, супервизори од другите партии само формално да го надгледуваат процесот што тој веќе го ставил на свои шини и по свои правила?

Трето, дали ваквиот потег ја доведува под сериозен сомнеж не искрената туку и онаа формална, декларативна заложба на Груевски за дијалог со опозицијата и граѓанскиот сектор, ако ги става пред свршен чин на готови решенија, без можност тие да учествуваат во нивното креирање?

Малку е да се каже дека ваквата соло акција на Груевски е израз на врвна политичка ароганција пред финалната лидерска средба, на која излезот од кризата треба да добие четирипартитна согласност и суштински, а не лажен наратив, за сепартиски придонес во договорените мерки. Можно ли е супститут за таквата опција да биде самонаметнувањето на „реформаторите од естаблишментот“?

Не. Тоа ќе биде само доказ дека власта и натаму ги турка настрана опонентите, со цел да завршат како прибеовски пророци без чест, на кои местото им е на оној дел од општествената маргина што и ќе им го одреди Груевски. Како и досега. Не е тешко да се предвиди дека е на повидок нова суптилна измама, спакувана во „конструктивен трик“, која гарантира илузија, но не и шанса за спровдување суштински политички промени.

Ако медијаторите замижат и не го стопираат ваквиот тренд, тогаш неговите инспиратори колку повеќе со трикови ја разводнуваат крајната реформска цел, толку подобро ќе ја продаваат непресушната пропаганда дека друг е виновен за состојбата, наспроти нивните евидентни инвестиции во неа.

Таа состојба не може да се „пегла“ на 29 јуни. Мора да биде расчистена претходно, во малкуте часови што остануваат дотогаш. Во спротивно, единствениот наратив што ќе се создаде, ќе сведочи за тотален крах. Но, не само на Македонија.