Злобниците ќе кажат дека онаа одамна ветена метла на премиерот Зоран Заев дојде по своето во Ноќта на вештерките и го однесе нејзиниот газда далеку од политичката моќ. Ние, се разбира, нема да бидеме злобни и нема да го толкуваме дебаклот на СДСМ на локалните избори како резултат на ароганцијата, грешките, незачистувањето на сопствениот двор, бројните компромиси итн., односно нема, како што е вообичаено, да глумиме генерали на мртвата војска, туку ќе се обидеме малку посуштински да навлеземе во чудната орбита на партијата, која од триумфализам падна во сериозна провалија.
Повлекувањето на Зоран Заев од претседателското место во СДСМ и од премиерската функција може да се толкува како длабоко морален чин, или може да се гледа како изнуден потег, дури и како непромислена одлука, или може да се разбере како немоќ, или сето тоа заедно. Меѓутоа, она што е сигурно е дека овој потег ја носи земјата во политичка неизвесност, можно и во сериозна политичка криза, чии последици тешко кој може во овој момент да ги предвиди.
Не станува збор тука само за неспособноста на социјалдемократите да изнедрат нови идеи, туку за епската неспособност да ги следат сопствените идеолошки постулати
Натамошното слабеење на владејачката партија, која во моментов изгледа како да е во слободен пад, најмногу ќе зависи првенствено од нејзините кадровски капацитети и од – новите идеи што таа кадровска база може да ги понуди! А се чини дека традиционално овдешните социјалдемократи се најслаби токму на ова поле – на полето на новите идеи.
Секако и парламентарното мнозинство, кое во овој момент барем формално функционира, веќе е доведено под знак прашање. Сега е моментот кога ќе се види колкава била вистинската коалициска потентност на СДСМ, а колку била само калкулација за практикување власт.
Меѓутоа, клучното прашање е како СДСМ успеа од триумфалистички поход токму на претходните локални избори да падне во оваа бездна? Одговорот е истовремено и едноставен, но и комплициран.
Едноставно, на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не му остана ни „С“ од прокламираната социјалдемократија. Во ред, некој ќе каже дека минималната плата е значително зголемена, дека невработеноста е намалена, дека социјалната помош е повисока… И ќе биде во право. Но…
Наспроти изворната социјалдемократија, која е „родена“ врз автономните синдикални движења, и чија основна заложба во суштина е реформско укинување на неправедните капиталистички законитости, овдешната социјалдемократија (читај: СДСМ) одамна ги има „присвоено“ законитостите на неолиберализмот (се разбира, со мала социјална задршка).
Синдикатите се одамна „исчистени“ од јавниот политички простор, а нивното место го заземаат олигарсите. На пример, главните преговарачи во економскиот сектор се коморите и другите здруженија на работодавачите. Дури Кочо Анѓушев своевремено беше вицепремиер за економски прашања како наводен кандидат на стопанските комори. Со синдикатите, далеку било, никогаш не е разговарано за какви било кадровски решенија.
Резултатот на оваа политика е креирањето на таканаречената „економија на понудата“, а не на побарувачката, односно на онаа што е попримарна на социјалдемократскиот светоглед. Ако сакаме да зборуваме за локалната самоуправа, тогаш овој феномен се огледа во незапирливиот подем на станбената изградба, а ако сакате и во „триумфалното“ отворање на Ист гејт молот, на кое присуствуваше буквално целиот државен врв.
Од друга страна, сфаќајќи дека задоволувањето на олигархистичките потреби не е баш најпопуларно кај гласачкото тело, СДСМ влезе во простор што, едноставно, не му доликува – во популизам! И тука, не само како што се очекуваше, туку како што е и докажано безброј пати во македонската политичка пракса, не се снајде најдобро.
Бескрајната низа донесени, па повлечени одлуки под оправдување дека „јавноста се противела“ на нешто што себеси се нарекува социјалдемократија не му носи никакви политички поени. Напротив. „Го слушаме народот!“ е слоган што многу повеќе им прилега на народните партии (читај: ВМРО-ДПМНЕ) отколку на социјалдемократите.
Логиката е кристално чиста: нема што да се слуша гласот на народот. Има да се работи за народот. За порамноправно распределување на општествениот производ. За попродуктивно стопанство што апсорбира квалификувана работна сила. За ефикасен јавен сектор што ќе ги задоволи потребите на граѓаните. За стабилни работни места, а не за „флексибилни“ работни позиции. За поголеми човечки права, вклучувајќи ги тука и работничките, итн.
На крајот на краиштата, гласачите што преферираат да се чуе „гласот на народот“ инстинктивно ќе гласаат за партијата што природно го носи тој популистички печат, а социјалдемократите ќе ги загубат и оние гласови што веруваат во овој политички систем (како што, впрочем, и се случи).
Но, да не бидеме престроги. Овие транзициски болести на македонската социјалдемократија не се овдешен ендемски производ. Напротив. Овие појави се прилично распространети во сите социјалдемократски партии во земјите во транзиција, а богами и во оние од Средна Европа, што веќе транзитирале во капитализмот.
По некоја пригода бев во Хрватска на почетокот на 2000 година, непосредно по смртта на првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман. Можев да посведочам за олеснувањето што буквално се чувствуваше во воздухот. Војните завршија и еден неприкосновен, авторитарен и диктаторски расположен лидер си замина по природен пат. Партијата на Туѓман, ХДЗ, беше буквално во распад. Власта ја доби искусниот социјалдемократ Ивица Рачан.
Едвај издржа четиригодишен мандат. Буквално ја стабилизираше ХДЗ и го донесе на власт Иво Санадер. По десетгодишно владеење на Санадер, беше откриено неговото коруптивно дејствување. Денес е осуден на повеќегодишна казна, а и ХДЗ има правосилна пресуда како „злосторничко здружение“.
Власта повторно ја добиваат социјалдемократите на чело со Зоран Милановиќ. И повторно, по четири години убедливо победува ХДЗ, на чело со Томислав Карамарко, политичарот кого буквално самата партија го тргнува од тоа место и го поставува Андреј Пленковиќ, европски облечениот политичар, чија полудецениска премиерска кариера се чини дека допрва ќе се развива. Нивните најсериозни политички ривали, социјалдемократите, се во прилично тешка институционална криза.
Злобниците ќе кажат дека онаа одамна ветена метла на премиерот Зоран Заев дојде по своето во Ноќта на вештерките и го однесе нејзиниот газда далеку од политичката моќ
За Србија и да не говориме. Повеќегодишните протести против режимот на воениот злосторник Слободан Милошевиќ на крајот на 2000 година ги донесоа (социјал)демократите на власт. Пет-шест години подоцна, власта повторно се врати во рацете на тандемот Александар Вучиќ/Ивица Дачиќ, директните наследници токму на Слободан Милошевиќ. Колку ќе трае режимот на Вучиќ, никој не може да предвиди затоа што опозицијата практично и не постои.
Но, затоа ќе кажеме нешто за Македонија. По катастрофалното владеење на владата на ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо Георгиевски (1998 – 2002), на власт доаѓа СДСМ на чело со Бранко Црвенковски, со веројатно најубедливата победа во историјата на македонските парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ, по судирот меѓу Георгиевски и Никола Груевски е речиси пред распад. Сепак, власта на СДСМ успева да ги консолидира и буквално да го исфрли на површина Никола Груевски како млад и талентиран технократ што ќе ја спаси земјата.
За владеењето на Никола Груевски и начинот на кој дојде СДСМ на власт во овој момент нема потреба да се трошат зборови. Нема ни да ги споменуваме имињата на челниците на ВМРО-ДПМНЕ што одлежуваат затворски казни, ниту тоа дека некогашниот премиер е осуден бегалец. Само ќе кажеме дека мантрата на Зоран Заев дека нему му е потребна јака опозиција и силно ВМРО-ДПМНЕ ете му се оствари. На негова штета, се разбира.
Не станува збор тука само за неспособноста на социјалдемократите да изнедрат нови идеи, туку за епската неспособност да ги следат сопствените идеолошки постулати. Како што сега стојат работите, Ноќта на вештерките за нив ќе потрае подолго од вообичаеното