Одборот за доделување на Пулицеровата награда реши, меѓу другите наградени, годинава да им додели специјално признание на украинските новинари за храброста и пожртвуваноста при известувањето од завојуваните подрачја. Без оглед на „специјалноста“ на признанието, тоа е повторно Пулицерова награда и како таква ќе биде запишана во новинарската историја. Конечно, ова не е прво вакво признание што го доделува Пулицеровиот комитет. Минатата година, специјална награда за известување добија новинарите што известуваа од авганистанските фронтови. За оваа награда не се конкурира (затоа е специјална), не се потенцираат посебни имиња, туку се дава на колективитет и нивните текстови и извештаи не се компарираат со ништо друго, затоа што тоа, едноставно, е неможно.
Прилично е непримерно да се споредува Пулицеровата награда за украинските новинари со освоеното прво место на украинскиот бенд „Калуш оркестра“ на годинашниот најголем музички панаѓур во светот, „Песната на Евровизија“, но, сепак, некои аспекти можат да дадат смисла и на ваквата компарација.
Лично мислам дека и организаторот на „Евровизија“ ЕБУ (Europian Broadcasting Union) требаше да пронајде слично решение, како и Пулицеровиот комитет за украинското учество на годинашниот музички натпревар. Со самото учество на Фестивалот, Украинците веќе беа морални победници. Симболичката вредност на музичарите што дојдоа од најразурнатата европска земја по Втората светска војна, едноставно, не може да се мери ниту со гласовите на националните жири-комисии, па ни со оние на гледачите. Само како илустрација ќе наведеме дека еден од регуларните членови на украинската група не можеше да учествува на годинашната манифестација затоа што во моментот е – на фронт. Затоа е и тешко да се биде рамнодушен и рационално да се изгледа нивниот настап.
Од друга страна, дури натпреварот да се одвиваше и во „најнормални“ услови, украинската победа веројатно не би била никакво изненадување. Ова е нивна трета победа од 2003 година до денес, односно откога Украина учествува на евровизиските фестивали. Претходната победа е во 2016 година, а минатата година го освоија петтото место. Со други зборови, Украина е секогаш при врвот на евровизиската поп-музика.
Сепак, оваа украинска победа не може, а да не биде во сенката на актуелната војна, односно на руската инвазија врз нивната земја. Впрочем, победата е „извојувана“ со огромниот број гласови на телевизиските гледачи од земјите-учеснички (439). Овој апсолутен рекорд на гласови од публиката се толкува како резултат на енормниот број украински бегалци во Европа со фактичко право на глас (околу пет милиони, а можеби и повеќе), кои гласањето за својата земја го сметаат за морална и патриотска обврска. Но, и како резултат на досега невидената солидарност на европскиот телевизиски аудиториум со украинскиот народ.
Можеме ние на Евровизија да гледаме вака или онака, да ни се допаѓа или да не ни се допаѓа, но како и да е, не можеме да го оспориме фактот дека станува збор за еден од најголемите, ако не и најголем телевизиски културен и културолошки феномен
Имено, од 39 земји со право на глас за оваа песна (Украина не можеше да гласа за својата песна) на телевоутингот Украина доби максимални 12 бодови од 28 земји. Осум земји ѝ доделија по десет поени, додека само три држави гласаа под десет поени. Погодувате, Македонија е една од нив. Украина доби најмалку поени од Србија (седум) и по осум од Малта и од Македонија.
Во светските медиуми веќе се појавија анализи дека станува збор за земји со посериозно руско влијание, што веројатно и не е далеку од вистината. На пример, македонските гледачи најмногу поени ѝ дадоа на Србија, па потоа на Шпанија, додека Србија најмногу поени од гледачите им додели на Молдавија, па на Шпанија и Норвешка.
Македонското учество на овој спектакл и годинава беше обележано со премногу сериозното сфаќање на нашиот пласман и премалку сериозното сфаќање на продукцијата на сопствениот настап. Во таа смисла, како и секоја година, и годинава се прилично гласни повиците Македонија да се откаже од овој натпревар и од потрошените средства да ги намени „попаметно“. Демек, Евровизија е чиста политика, таму се продуцира кич, тоа е легло на декаденција итн.
Се разбира дека оваа логика е сосема погрешна од секој можен аспект. Само неколку факти: годинашната Евровизија беше директно пренесувана од телевизиите на 40-те земји, учеснички и членки на ЕБУ, на три стрим-канали, 14 национални радиостаници и за првпат преку јутјуб-платформата. Се проценува дека ова шоу, само преку директните телевизиски преноси го следеле над 200 милиони луѓе. Во салата „Палаолимпико“ во Торино беа присутни седум илјади луѓе. Манифестацијата на самото место ја следеа повеќе од пет стотини новинари од целиот свет.
Во повеќето земји-учеснички постојат бројни фан-клубови, чии членови студиозно ги анализираат сите песни. Песните се појавуваат на обложувалниците и, со еден збор, тие (а преку нив и државите) се во фокусот на вниманието на огромен број слушатели и гледачи.
Со еден збор, учеството на овој фестивал е пи-ар што тешко може да се пресмета во паричен еквивалент.
Е, сега, кој како таму се претставува, тоа веќе не е работа ниту на ЕБУ, ниту на Фестивалот, туку на земјата-учесник. Главната идеја на оваа грандиозна и скапа забава е токму обединувањето врз различности и промовирањето на што поголем број различни гласови.
За разлика од врежаното сфаќање дека на Евровизија исклучиво успеваат „глобализирани“ мелодии во духот на англосаксонскиот зашеќерен поп-шлагер и за разлика од нашето, би рекле, сосема неосновано мислење дека треба во музиката да бидеме поголеми Британци од Британците, речиси секогаш се случува да испливаат на површина токму различностите.
Франција, на пример, не ја отпеа својата песна на француски, туку на бретонски – дијалект што не им е познат на поголемиот број Французи, но кој е уважен токму како различност со која се зголемува културното богатство на земјата. Победничката песна беше отпеана на украински. Српската песна, по која оваа Евровизија дефинитивно ќе остане запомнета, беше отпеана на српски (со неколку стиха на латински). Кога сме веќе кај нашите северни соседи, единствената нивна песна што победи на Евровизија, „Молитва“ во изведба на Марија Шерифовиќ, беше отпеана на српски.
За каков телевизиски спектакл станува збор говори и фактот дека настанот е реализиран со 24 камери, 78 микрофони, преку 2.800 светлечки тела, 727 квадратни метри ЛЕД екрани, 440 звучници…
А за каков импакт станува збор, доволно е да се каже дека годинава САД за првпат го реализираа својот пандан на Евровизија, и тоа направен по лиценца на ЕБУ. (Прва победничка е претставничката на Оклахома, Алекса). Канада е во сериозни подготовки да го реализира својот натпревар Евровизија Канада и најверојатно веќе следната година да ѝ се придружи на Евровизија.
Можеме ние на Евровизија да гледаме вака или онака, да ни се допаѓа или да не ни се допаѓа, но како и да е, не можеме да го оспориме фактот дека станува збор за еден од најголемите, ако не и најголем телевизиски културен и културолошки феномен.