Европска кадровска депонија на културата

Се сеќавате ли на иницијативата Скопје да се кандидира за титулата „Европска престолнина на културата за 2028 година“? Иако, официјално поднесена во не толку далечната 2019 година, оваа кандидатура денес никој и не ја спомнува. Ниту некому реално му е грижа што се случува со неа.

Гротескно или апсурдно, како ли веќе милувате, се чини дека и она малку што преостана од таканаречената урбана или градска култура интензивно замира токму по поднесувањето на оваа залудна кандидатура. Се сеќава ли некој дека во последно време кој било ја спомнал Универзална сала, на пример? Или сега тоа не е политички коректно затоа што станува збор за постземјотресна донација, главно од Бугарија?

Овој вовед, а и целата приказна што ќе биде изложена тука, всушност се посветени на случувањата во Младинскиот културен центар (некогашниот Дом на млади „25 Мај“) и на системскиот проблем што со години се провлекува без нималку политичка или каква било друга волја да се реши. Ете, дури и тој чуден предлог Скопје да конкурира за некаква културна престолнина, суштински е само манифестантен и влегува во некаква или нечија (дневно)политичка прагма, а не е обид за системско унапредување на културните вредности и нивна сериозна промоција во градското живеење.

Да стануваше збор за спротивното, тоа секако ќе го почувствуваме и ќе го посведочевме.

Во суштина, проблемот е страшно едноставен. Она што државата, а последично на ова и локалната самоуправа го подразбира под култура е само стока за политички пазар и политичко поткусурување. Сите власти со културните институции се однесуваат токму така. Како да се некаков нивен приватен феуд.

Културните институции, имено, служат токму за тоа: за чудни и крајно непотребни вработувања на некакви партиски кадри. И за именување на некои директори што се подобни на и за партијата што тогаш ја практикува власта или барем е помал коалициски партнер во „големата“ власт.

На крајот на краиштата, не би се изненадил ако цехот за евентуалното и најавеното влегување на Алијансата на Албанците во Владата не биде платено токму со министерско место во Министерството за култура, кое и онака е гинисов рекордер по промена на министрите од осамостојувањето до денес.

Во таа смисла, ниту Младинскиот културен центар (МКЦ) не бил и не е исклучок. Впрочем, во право се луѓето од оваа институција, кога уште во соопштението за новонастанати состојби потенцираат дека МКЦ е „повторно на мегдан на политичките партии“, што имплицира дека секогаш и бил.

Мојата порака и до властите, а особено до „културната елита“ е дека во моментов не се битни кадровските решенија во МКЦ или каде и да е, затоа што, како што гледаме, тие се ужасно брзо менливи, туку принципот на автономноста на институцијата и на културата воопшто

Она што е разликата меѓу МКЦ и другите културни институции е нивната традиционална транспарентност и отвореност кон граѓаните, па луѓето полесно и побргу можат да разберат што се случува тука отколку во „Куќата на Мајка Тереза“ или во Културно-информативниот центар (КИЦ, поранешен Информативен центар за култура), на пример. И да реагираат во согласност со своите сфаќања, па и интереси.

Велам дека не беше толку одамна кога сведочевме за петиции од „скопската културна елита“ политичката владејачка номенклатура да не го смени Златко Стевковски (кадар на ВМРО-ДПМНЕ) од директорската функција на МКЦ. Сепак, на негово место беше донесен Русе Арсов, на почетокот како вршител на должноста. Истата таа „културна елита“ што бескомпромисно застана во одбрана на Стевковски, застана и во одбрана на Арсов, во моментот кога се разбра дека на негово место ќе биде именуван музичарот Бени Шаќири. И повторно со истиот наратив. И Стевковски и Арсов знаат што е урбана култура и не смее да се дозволи овој „бастион“ да падне во погрешни раце.

По заминувањето на Арсов од функцијата, него како вршител на должност го замени Ванчо Богоев, исто како и Арсов, долгогодишен член на колективот на МКЦ. Се разбира дека истите луѓе што ги бранеа неговите претходници, сега го бранат и Богоев. Или барем го бранат МКЦ од Бени Шаќири. И со истиот наратив.

Ако сакам да бидам злобен, ќе кажам дека, според оваа логика, утре ќе го бранат и Бени Шаќири како директор. Тогаш кога ќе дојде некоја нова политичка гарнитура на власт.

Но, не ми е тоа поентата. Без преголемо враќање на „директорската историја“ на МКЦ (која, и тоа како, беше дневно-политички мотивирана), мора да констатираме дека и Русе Арсов, а и Ванчо Богоев се луѓе од колективот, луѓе што ја познаваат суштината на работата на институцијата и дека беа некаков никулец на идејата дека некому (од властите) ќе му текне дека е можеби најпаметно раководните луѓе да се избираат од оние што имаат сериозно искуство во самата институција. И дека можеби, еве, само можеби, таа на тој начин ќе ги даде најдобрите резултати.

Со начинот на кој е сменет Ванчо Богоев, всушност, се праќа порака дека културата во македонскиот главен град (а, убеден сум и пошироко) не е ништо друго, туку своевидна депонија за кадри што нема каде да се сместат. Всушност, мојата порака и до властите, а особено до „културната елита“ е дека во моментов не се битни кадровските решенија во МКЦ или каде и да е, затоа што, како што гледаме, тие се ужасно брзо менливи, туку принципот на автономноста на институцијата и на културата воопшто.

Зошто никој, не само политиката, туку и корисниците на услугите на МКЦ, еднаш не застане зад автономијата на културата, зад овозможувањето на институциите самостојно да си ги креираат програмите, па ако сакате и зад автономијата на МКЦ? И самите да ја водат својата политика? Во тој случај, за јавноста сосема ќе биде неважно името на директорот. Како што во некое мое време воопшто не ми беше важно дали директорот на Домот на младите се вика Мирко Стефановски или Гоце Димовски (иако и двајцата дадоа немерлив придонес за развојот на оваа институција).

Имам јас некои сентименти со Домот на младите „25 Мај“, конечно растев со него, многу научив таму и многу му должам. Иако, мора да признам дека не сум нешто особено интимно врзан со Младинскиот културен центар. На разни начини имам соработувано со нив, и лично, а и преку други организации. Еве, не знам, на пример, колку вработени има во МКЦ и на кој начин тие учествуваат во креирањето на програмите.

А, од друга страна, знам колку многу луѓе „од надвор“ ја полнат нивната програма, многупати без, а најчесто со минимален хонорар, кој потоа се чека извесно непристојно време. И знам дека МКЦ, поради својата слобода, својата традиција, својата толерантност… ќе ги врзува тие луѓе за и зад себе. И проблемот повторно ќе остане затскриен во некои други простори и простории.

И затоа: не! Не е Скопје европска престолнина на културата. Скопје е европска престолнина на кадровската депонија во културата!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија