За луѓето се работи

„Во оваа држава, никој, ама баш никој не смее да биде нападнат поради погледи, мислења, ставови, чувства и идентитет. За тоа мора храбро сите да кренеме глас, да реагираме и посебно институциите да преземаат мерки за никогаш да не се дозволи да се случи повторно“, рече Бујар Османи, министерот за надворешни работи.

Да нема забуна, ова не се однесува на критичарите на „Алфа, Телма, мелма“, туку на вчерашниот напад врз секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Чинот е осуден од македонските власти, а Османи најави и дека ќе го посети нападнатиот во охридската болница.

Транспортот на повредениот со авион до Софија навестува дека овој случај таму ќе се третира „на големо“.

Изјавата на Османи е на место. Ама требаше да реагира и во други случаи, пред сѐ превентивно, за да не доаѓа до вакви епизоди. Особено што во изминатиов период веќе можеше да се констатира една закономерност во синусоидата на провокациите. Секогаш кога бугарски политичари овде длабоко ќе ја поминеа „линијата“, многу бргу некој овде ќе се потрудеше да го анулира нивниот кабает, за Македонија да биде „виновникот“. Случајно или…?

Не ги знаеме мотивите за инцидентот во Охрид, но какви и да биле, со насилство не се решаваат конфликти. Така само се јакне аргументацијата на Бугарија. Ако дијагнозата беше дека клубовите нема да придонесат за добрососедство, односно дека се инсталирани за провокација, зошто во недоглед да се наседнува на провокации?

Изјавата на Османи е на место. Ама требаше да реагира и во други случаи, пред сѐ превентивно, за да не доаѓа до вакви епизоди

Македонските државјани што се декларираат како Бугари, слободно нека се собираат во клубовите, нека дебатираат и никој не треба да ги оневозможува во тоа. Ако клубовите навистина биле замислени да бидат мост за пријателство, еден ден самите ќе разберат дека ниеден мост не може да се држи на еден столб. Вториот столб за стабилност на тој мост се нивните сограѓани, бугарски државјани што се чувствуваат и декларираат како Македонци, ама се соочени со недостиг од основни човекови права во европска Бугарија.

Кога македонските Бугари ќе се заложат и ќе проговорат и за правата на Македонците во Бугарија, тогаш ќе се воспостави вистински мост на пријателство. Дотогаш сѐ ќе биде мртво море.

Да се вратам на пораката на Османи дека во оваа земја никој не смее да биде нападнат поради погледи, мислења и ставови. Не треба катализатор за овие заложби да биде само високата или соседската политика, бидејќи животот не се одвива само на оската РСМ – ЕУ виа Бугарија.

Никој не смее да биде дискриминиран и во пристапот кон лекови, кон правото на работа, еднаков третман итн. Ќе ги земам како пример болните од цистична фиброза. И тие се тешко „нападнати“, ама од институционална негрижа за нивната неопходна терапија. Кој ќе ги посети нив во болница? Кој се загрижи за нивните нарушени права?

Животот не е висока дипломатија, тој се одвива во секоја пора на оваа земја, и во трошни амбуланти и болници, на распаднати патишта, прокиснати училишта, во места со неизградени водоводи и канализации…

Тоа е она што властите треба да го гледаат и видат, пред да одат во инспекции за да утврдат дали и колку институции имале двојазични табли.

Таблите не се поважни од луѓето. Откако ќе бидат обезбедени сите потреби на граѓаните, тогаш ќе се мисли на табли и амблеми. Никако обратно. Така граѓаните ќе стекнат доверба дека институциите се грижат за нив, а не со фиктивни пароли, слични на онаа „За луѓето се работи“, со која е насловено нашето претседавање со ОБСЕ.

Додека паролите не се сменат со конкретна акција, довербата нема да се врати. Македонија ќе остане земјата каде што секоја година ќе биде прогласувана за „голема пресвртница“, сите избори за „историски“, а повторувањето на таа фарса ќе биде бесконечно.

Македонија ќе си остане земја на „јаки вилици“ и слаби резултати. Земја во која луѓето и натаму ќе се „согласуваат“ како кучето и мачето, со тоа што неслогата со кучето може да им носи и поени. Земја, во која и натаму ќе биде дозволено некои луѓе воопшто да не одат на работа, а да примаат плата, наспроти други, кои едвај земаат плата, а постојано се на работа.

Земја, во која патиштата постојат за да не се доградат, коридорите вербално да се проектираат, шините да се распаѓаат, возовите да не возат, автобусите да доцнат. И Македонија редовно да доцни, како резултат на лоши проценки – или избрзала со „востанијата“ или задоцнила.

Во Македонија ќе остане здрав тој што нема да полуди. Другите ќе си добиваат термин во јавното здравство

Ако нешто бргу не се смени, Македонија ќе остане и земја на апсурдите. Иако половина од територијата е земјоделско земјиште, земјата повеќе увезува отколку што извозува храна. На најплодното земјиште се садат ветерни и фотоволтаични паркови, а на остатокот се садат „тикви“ и се полеваат со субвенции, за на крајот и двете да ѝ се удрат од глава.

Македонија ќе остане земја каде што балансерот се третира како таен рецепт за „кока кола“, сите зборуваат за него, а никој не видел во каков сооднос реално се мешаат „состојките“. Земја, во која ќе се зборува само за „големата слика“, затоа што малата редовно е зафатена за „џебни операции“. Земја, чиј пасош добро се продава и во која срамот добива државјанство.

Во Македонија ќе остане здрав тој што нема да полуди. Другите ќе си добиваат термин во јавното здравство. Нешто како „дејт“ на невидено, бидејќи не знаат дали останал лекар со кој ќе се сретнат. Лекарите ќе си заминуваат, дефицитот ќе го покриваат лажни „колеги“ без  диплома, додека не бидат откриени.

Македонија е земја во која не е битна праксата на системот, туку неговата нормативна основа. Имаме закони колку сакаш. Се колнеме во правна држава. Гледам деновиве една парола „Што беше тоа правна држава? Тоа е кога најмалку четворица затворски полицајци ќе те придружуваат и ќе изнесат на слобода ако ти здосади во затвор? А тоа не е мал успех. Ете, имало надеж.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија