Мачу Пикчу во Перу, Чичен Ица во Мексико, Таџ Махал во Индија и Службен весник во Македонија. Тоа се најголемите чуда на денешнината. И додека првиве три редовно се посетувани од милиони туристи, најновото чудо Службен весник сѐ уште ја очекува првата тура. Најверојатно ќе биде некој субвенциониран чартер со холандски пензионери, кои ќе дојдат во просториите на Службен весник за со свои очи да го погледнат новиот број на ова легендарно култно списание со кое растеа генерации Македонци.
Новиот број е сепак посебен – го има Талат.
– Може ли да се купи примерок? – прашува возбудениот турист Дирк.
– О не, жал ми е, Службен весник оди само во претплата – одговара водичот.
Иако сѐ уште непризнаенa за чудо, очекуваме наскоро на листата да се впише и значката со македонско знаме на новиот претседател Талат Џафери. Овој досега незабележан феномен да се носи знаменце од својата држава на реверот, сепак, ќе треба да се повтори повеќе пати за да биде признаен за чудо – вака може да се толкува само како инцидент.
Но, иако земја на многу чуда, Македонија најмногу му се чудеше на францускиот претседател. Како можел, бе, да се ожени за дваесет и пет години постара жена, па уште и учителка!? Како нација која уште пред веќе цели десет дена го победи фашизмот со пенкало (капитулацијата се случи далечниот 27 април 2017 година), Македонците не се потресоа многу дека и Франција со пенкало победи фашистка. Туф, туф, голема работа. Остајте вие фашизмот туку, кажете со учителкава што правиме? А? Ало, Франција, дали се слушаме, со учителкава што правиме, бе!
Нормално дека ќе ги зезаме Французите. Наша прва дама е Маја Иванова. Како што е ред – четири години помлада од нашата втора Хорхе
Нормално дека ќе ги зезаме Французите. Наша прва дама е Маја Иванова. Како што е ред – четири години помлада од нашата втора Хорхе.
И нормално дека ќе се занимаваме со жената на новиот француски претседател Емануаел Макрон, кога нашите проблеми до еден ни се решени. Демократијата полека се стабилизира. Уште немаме функционална влада, локалната власт ни е со истечен мандат, собранието ни е искршено, претседателот ни е со проблематична деловна способност, ама затоа имаме спикер и тоа објавен во Службен весник. А да, и помлада прва дама. Не знам што повеќе може да посака една модерна држава.
– Може ли во Македонија да се живее пристојно со вашите плати?
– Молам? Мора да се шегувате! Нашите плати се сосема пристојни.
– Колку е просечната плата овде?
– Видете, не знам статистички бројки, ама можам да ви кажам дека, на пример, директорка на фирма што затвора весници, значи што на фирма што не ѝ оди и се спрема за стечај, зема некои 25.000 евра месечно. Па, сега вие претпоставете си колку зема директор на некоја успешна фирма.
Останаа со подзинати усти. Потоа јас прејдов во контранапад:
– Се извинувам, жена ви што годиште е?
– Четири години е постара од мене.
Сега јас останав со подзината уста.
– Не го зборувајте ова меѓу луѓево овде. Може чудно да ве гледаат – ги посоветував на разделба. Ги оставив да сонуваат што сѐ би можеле да си дозволат кога би имале македонска плата додека работеле. Веројатно, освен во Македонија, со субвенционирани карти, би скокнале и до Мачу Пикчу во Перу, Чичен Ица во Мексико и до Таџ Махал во Индија. За да си се изначудат за цел живот.
Јас, пак, истрауматизиран од Макрон и од овие холандскиве старци, потоа се крстев покрај секоја црква во Варошот. Не дај Боже моите ќерки да се отселат во Холандија или Франција и да се омажат за некој помлад, па да им се смее цела Македонија. Се прекрстив, запалив свеќа и си плукнав три пати во пазуви. Се надевам ја истерав мајата.
Хорхе со орденот ѝ се оддолжи на македонската опера. Останува уште да ѝ се оддолжи на државава и наскоро да ја отпее последната своја фалш-арија со давањето на мандатот за да се формира новата влада
Мајата, да, ќе заборавев на нашата втора дама Хорхе. За разлика од новиот француски претседател кој како мал бркаше наставнички, нашиот претседател, како што доликува на една идна втора дама, одеше на Мајски оперски вечери. И го слушаше врсникот на Емануел Макрон – Игор Дурловски (39 години; сопруга една година помлада). Откако се задои со оперската музика, Хорхе си вети дека кога ќе стане претседател ќе го закити МОБ со орден. И вчера конечно дојде тој светол миг кога Хорхе му го врачи орденот на МОБ, а судбината сакаше токму младиот Дурловски да биде директорот што ќе го прими.
Се разбира, на државникот Хорхе му се познати само настапите на Дурловски од Мајските оперски вечери. Тоа дека басот отпеа важна арија и на априлските собраниски вечери, кога ордите во фантомки водејќи се од мелодијата на неговиот глас тргнаа да линчуваат пратеници, на нашиот претседател не му е познато. Затоа, со блажена насмевка, му го предаде орденот на Дурловски, откако претходно внимателно погледна по грешка да не му го дал мандатот што неовластено го држи кај себе со месеци.
Освен годината на производство, Макрон и Дурловски имаат уште заедничка работа. Имено, Макрон се вљуби во својата наставничка по француска литература додека таа му предаваше за романот на Гастон Леру „Фантомот на операта“ . Дурловски е самиот фантом од операта.
Ако некогаш се сретнат, на пример, и Макрон реши да го дарува со орден МОБ, муабетот ќе биде како оној вицот со Мујо и Хасо, кога Хасо го прашува Мујо – Болан, је си чито „На Дрини ќуприја“? А овој му одговара: Шта чито, болан, ходо по њој.
Муабетов тече во свечената сала на Елисејската палата:
– А Вие сте?
– Јас сум оперски пејач од Македонија, претседателе.
– Хм, интересно. Сте го читале сигурно мојот омилен роман „Фантомот од Операта“?
– Што да го читам, јас СУМ фантомот од операта – одговара Дурловски и му намигнува на францускиот претседател.
Има сепак и една мала разлика помеѓу нив двајцата. Макрон има фетиш на постари жени. Со други зборови, тој е фетишист. Дурловски застана на чело на оркестрираната толпа што линчуваше неистомисленици. Со други зборови, тој е фашист.
Хорхе со орденот ѝ се оддолжи на македонската опера. Останува уште да ѝ се оддолжи на државава и наскоро да ја отпее последната своја фалш-арија со давањето на мандатот за да се формира новата влада.
Се разбира, ако не му текне да иссолира уште една аболиција за фантомите од Собранието. Зашто ако повторно реши да глуми травијата (залутана жена), ќе мора пак да засвири магичната флејта на Хојт Ји. Да се надеваме, сепак, дека нема да излезе толкав трубадур.
П.С. Исто како Макрон и Дурловски, и јас имам 39 години. Жена ми има 38. Не сум ни фетишист ни фашист. Дали ли е сѐ во ред со мене?