Барем судејќи според она што јас успеав да го проследам, во поголемиот дел од бугарската политичка јавност, а богами и во немал дел од нашата, палењето на портата на Клубот за бугарско-македонско пријателство „Ванчо Михајлов“ во Битола беше проследено како политички настан без преседан, небаре станува збор за палењето на Рајхстагот во Берлин, 1933 година.
Самиот овој факт, колку и да станува збор за една бегла новинарска перцепција, доволно говори за актуелните балкански сфаќања за политичкиот миг во кој живееме, но и за балканската улога во креирањето на она што се нарекува актуелна политичка реалност.
Не дека луѓето од овие простори не играле важна улога во светската историја, па и оние што потекнуваат од Македонија и од Бугарија. Позната е улогата на патронот на споменатиот клуб Иван Ванчо Михаjлов, во атентатот на југословенскиот крал Александар во Марсеј, токму една година по берлинското опожарување на германскиот парламент и воведувањето на нацистичката диктатура во Германија.
Се разбира, во историјата ќе остане забележена и одбраната на бугарскиот комунистички активист и коминтерновски функционер, подоцна прв премиер на социјалистичка Бугарија, Георги Димитров, на таканаречениот Лајпцишки процес, одржан токму поради споменатото палење на Рајхстагот.
Се надевам дека фарсата со опожарената врата на бугарскиот клуб во Битола бргу ќе заврши. Не од други причини, туку затоа што едноставно е здодевно во сериозната политика, нон-стоп да се занимаваме со овој тип глупости
Но, токму споредувањето со овие примери, можеби најдобро ја отсликува историската фарсичност на она што ни се случува сега. Иако палењето на вратата на споменатиот клуб во Битола има очигледна политичка заднина (секако не може да биде случајно дека овој чин се случува токму при посетата на бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, на нашата земја во еден од последните обиди да се „испеглаат“ разликите меѓу Софија и Скопје и да се одблокира пристапниот процес на Македонија за влез во Европската Унија пред нејзиниот јунски самит), сепак станува збор за еден прилично несмасен вандалски акт. Тој, не само што не може да запре или да смени каков било историски процес, туку може само да биде предмет на потсмев што ќе има евентуални последици само врз починителот.
Она што, сепак, може да се констатира како дневен ефект на овој криминален чин е дека разговорите меѓу Генчовска и нејзиниот домаќин Бујар Османи останаа во втор план и, освен некои општи фрази за нивната наводна конструктивност, не успеавме да разбереме ништо за квалитетот на нивната содржина и за евентуалните можни поместувања во позициите на двете држави.
Дипломираната историчарка и воен стручњак од редовите на партијата „Има еден народ“ на Слави Трифунов, Теодора Генчовска, јасно, не ја испушти можноста да потенцира дека станува збор за антибугарски чин и „антибугарска хистерија“. За бугарските медиуми, таа ќе изјави дека веднаш штом слушнала за опожарувањето, уште при средбата со Османи, заминала за Битола да направи „увид на лице место“.
На Генчовска, ете, според нејзината изјава за бугарската агенција БГНЕС, ѝ било овозможено да види снимка од безбедносните камери, при што таа ќе констатира дека станува збор за „ладнокрвно, смислено и намерно направено дело“.
Во исто време, на својот фејсбук-налог, бугарската потпретседателка Илијана Јотова ќе напише дека станува збор за „уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања, која почна веднаш по отворањето на овој клуб“. И уште додава: „Само со брза реакција на надлежните институции и со идентификација на сторителите во најбрз можен рок, нашиот западен сосед ќе докаже дека ги почитува правата на Бугарите, но и на сите други националности“.
Но, да кажеме дека ова се очекувани реакции од бугарска страна, со цел да ја зацврстат својата позиција во бугарско-македонскиот спор пред европскиот јунски самит, како што впрочем се очекувани и острите реакции на осуда на овој чин од страна на македонскиот политички врв.
Сепак, останува нејасна реакцијата на македонската држава.
Не можеше ли еден полицаец да дежура пред вратата на клубот во Битола, барем тие два дена колку што траеше посетата на Генчовска? И зошто не можеше?
Мислам дека човек не мора да биде воен и безбедносен стручњак, како што е Теодора Генчовска, на пример, за да сфати дека нејзината посета на нашата земја во овој момент носи извесни ризици. Особено со најавата дека и таа ќе ја посети Битола, односно клубот „Ванчо Михајлов“.
Да не одиме во времињата на социјализмот, кога при секоја посета на Јосип Броз Тито, „сомнителните“ ликови преспиваа една ноќ во полициска станица како превентива за спречување евентуални провокации. Лично знам за луѓе на кои им беше „овозможен“ истиот третман при погребот на претседателот Борис Трајковски. Но, сепак, не можеше ли еден полицаец да дежура пред вратата на клубот во Битола, барем тие два дена колку што траеше посетата на Генчовска? И зошто не можеше?
Па, сега Генчовска сведочи дека на сигурносните камери видела еден човек со маска на велосипед како истура течност пред вратата и ја пали. Дури вели дека огнот силно пламнал, па се сомнева дека човекот има изгореници и дека веројатно побарал лекарска помош.
И јас, се разбира, се надевам дека фарсата со опожарената врата на бугарскиот клуб во Битола бргу ќе заврши. Не од други причини, туку затоа што едноставно е здодевно во сериозната политика, нон-стоп да се занимаваме со овој тип глупости.
Но, сепак, не можам да се оттргнам од впечатокот дека во моментов овој тип инциденти и провокации, не само што повеќе ѝ одговараат на бугарската страна, туку Македонија ја фрлаат во уште подлабока политичка депресија.
Се разбира дека не прејудицирам дека станува збор за оној тип саботажи и операции што во теоријата се нарекуваат „лажно знаме“ (false flag). Тоа се оние операции што ги преземаат одредени организации, па и држави, за да ја обвинат „другата страна“ и пропагандно да ја зацврстат својата позиција. Ама…
Навистина, ако може да ѝ се верува на министерката Генчовска, според тоа како е изведена операцијата „палење врата“, се чини дека баш коинцидира со балканската способност за изведување акции „лажно знаме“ – фарсично и глупаво.
Лично, повеќе би поверувал дека кај многумина постојат сериозни причини да дојдат и да ја украдат таа порта од масивно дрво, отколку да ја запалат.
Ама, тоа е само мое сфаќање на балканската политика.