ЕУ „мора бити здрава“

Ја критикуваат Констракта затоа што изјавила дека процесот на пристапување на Србија кон ЕУ „некако многу се отегнал“.

„Работиме, работиме, работиме, а тоа (членството) некако постојано бега. Ja ценам ЕУ, мислам дека е прекрасна идеја, но веќе не размислувам за тоа. Се изморив“, изјави таа за хрватски медиум.

„I šta ćemo sad?“ Србија барем е во процес на преговори. Зa Македонија, тоа остана недостижно и по 17 години од кандидатскиот статус (2005 година).

Таквото статус кво одамна создава впечаток дека земјата е подложена на срамен дриблинг. Прво проблемот беше во нерешениот спор за името, па во замор од проширувањето, па потреба од реформи, па нова методологија, а сега и од бугарски условувања.

Зошто Бугарија не го спречи пасошкиот шопинг? Затоа што сакаше да го амортизира големиот демографски пад, откако од нејзиното бајгањовско „европејство“ први избегаа нејзините домашни граѓани – се разбегаа во Германија, Франција, Австрија

И без тоа, досега беа видливи сите атавизми на еден супериорен и добро замаскиран однос на презир кон сѐ што носи предзнак Западен Балкан. Лебди во воздухот впечатокот дека на Европејците не им е непријатно да нѐ гледаат заглавени и заборавени во чекалницата, небаре сме лепрозни, несоодветни за нивното друштво. Сето тоа е спакувано со причини што немаат толку врска со условите за придружување, колку со разни фрустрации на оние што веќе се во клубот.

Бугарија, најсиромашната земја во ЕУ, надалеку прочуена по корупцијата и невладеењето на правото, земјата чиј најпознат извозен продукт стана „бугарскиот воз“, денес е најтипичен пример за европска малограѓанштина низ карикатурално покажување мускули.

Земјата, која низ иглени уши се протна во клубот, која и денес не ги задоволува копенхашките критериуми, ја злоупотребува Унијата за да ги наметне во преговарачки процес нејзините неостварени историски соништа за бугаризирање на Македонија.

Нејзини пропагандисти (со идентификациска картичка на Бугарската академија на науките и Великотрновскиот универзитет), следната недела ќе шетаат низ Европскиот парламент, за да објаснеле дека до 1944 година Бугарија и Македонија имале заедничка историја; дека бугарските презимиња биле променети со „ски/ска“ (и Генчовска била прекрстена?); дека тоа што го преживеале Турците во Бугарија, сега го преживуваат Бугарите во Македонија; дека официјалниот јазик на Македонија е прекодифициран бугарски книжевен јазик, односно дека има исклучиво политички карактер; дека десетици илјади Бугари не фигурираат во македонскиот попис, а со поткопување на нивните права се поткопуваат законите на ЕУ.

Па, законите на ЕУ важат и за бугарските државјани што се чувствуваат Македонци, ама Радев нив не ги вика на средби, не бара европски стандарди за нив, ниту е загрижен што Бугарија не ги почитува пресудите на ЕСЧП за нивните здруженија. Ова во Стразбур ќе го раскажат ли?

Тезите со кои планираат да настапат во ЕП не водат кон решавање на спорот, туку кон уште подлабоко инвестирање во замрзнат конфликт што ќе трае со децении и децении. Но, за ова не се виновни само Бугарите, туку сите што им го дозволуваат тоа.

Зошто европските функционери, токму во името на законите во ЕУ, не се заинтересираат како и зошто изникнале „толку“ бугарски државјани во Македонија? Еве, нека побараат податоци колку македонски државјани побарале бугарски пасоши пред Бугарија да стане членка на ЕУ.

Многу добро знам дека им е незгодно да прашаат – зошто такви пасоши почнале да се земаат само откако Бугарија стана членка на ЕУ. Бидејќи одговорот гласи: токму поради македонското статус кво на патот кон ЕУ и сите изговори на Унијата со кои таквото чмаење беше загарантирано.

Затоа воопшто не ги обвинувам Македонците што зеле бугарски пасош. Ако ЕУ ја дрибла Македонија со години, нормално е да си барале и да си нашле начин за индивидуално „интегрирање“. И ескимски пасош ќе зеле ако важел за европски.

Бугарија изгуби четири војни за Македонија, ќе ја изгуби и петтата. Угледот, каков таков, одамна го изгуби. А ЕУ? Таа е пред еден избор – да ги елиминира метастазите што ги развива Бугарија за да не го зафатат целиот европски организам

Зошто Бугарија не го спречи пасошкиот шопинг? Затоа што сакаше да го амортизира големиот демографски пад, откако од нејзиното бајгањовско „европејство“ први избегаа нејзините домашни граѓани – се разбегаа во Германија, Франција, Австрија…

Но, во овој контекст, демографијата е второстепено значење. Прв и најважен беше планот на Софија преку инструментот „државјанства“ да собере „обемни докази“ за бугарското потекло на Македонците.

Ова на Бугарија ѝ го овозможи ЕУ, со нејзиното нечинење, мижење и недејствување. Да беше поинаку, во старт ќе беа пресечени бројните криминални афери поврзани со државната Агенција на Бугарите во странство, нејзините идеолози и посредници за државјанства за суми од 600 до 1.000 евра и изјави за наводно бугарско потекло, чија вистинитост не подлежи на проверка. И тоа ли е европска вредност?

Во Македонија, мал дел од граѓаните автентично се чувствуваат и се изјаснуваат како Бугари. Зад тврдењето на Софија за десетици илјади такви случаи, стои бројка на класични македонски печалбари што си обезбедиле бугарски „аусвајс за ЕУ“ преку сомнителни постапки на тамошните надлежни институции.  

Бриселските еврократи и не мора многу да се мачат за да видат за што станува збор. Нека ја посетат само улицата Леге број 6 во софискиот реон Средец и нека прашаат зошто на иста адреса се регистрирани околу 46.000 лица, од кои најголемиот број Македонци.

Па, градоначалникот нека им го каже истото што го кажа и лани, дека „според законот, сите лица што добиле бугарско државјанство, а живеат во странство, добиваат постојана адреса во зградата на администрацијата на реонот“.

И дека гласачките ливчиња, исто како и на ланските локални избори, секогаш им остануваат неискористени. Значи, луѓето си зеле пасош – и го фатиле патот.  

Затоа сега ЕУ треба да одговори – зошто дозволува ваквите државно спонзорирани мајмунлаци од страна на Бугарија, Софија легално да ги нострифицира како срж на идентитетски спор со Македонија, а неговото решавање да го подметне како услов за паѓање на ветото.

Европска вредност ли е да ѝ се овозможи на Софија административно да спроведува идентитетски инженеринг, а истовремено за такво нешто да ја обвинува Македонија, низ едни исти прикаски за Тито и Коминтерната?

Европска вредност ли е да ѝ се овозможи на Софија административно да спроведува идентитетски инженеринг, а истовремено за такво нешто да ја обвинува Македонија, низ едни исти прикаски за Тито и Коминтерната?

Однесувањето на Софија најмалку е проблем на Скопје. Ова е европски проблем. Ова е цивилизациски проблем. Проширувањето со земјите од Западен Балкан не е закана ни за стабилноста на ЕУ, ни за европските вредности. Најголема закана е толерирањето на скандалозното однесување на Бугарија. Тоа прво ќе ѝ се удри од глава на ЕУ.

Ако се согласи на преседан – преговарачката рамка за Македонија да се претвори во список на идентитетски фантазмагории на Бугарија, јасно е дека ние никогаш нема да прифатиме преговори под услови чија цел е наше идентитетско обезличување. Она што ЕУ мора да го разбере е дека со молчење пред срамните бугарски услови, и самата соучествува во обезличување на суштината и идејата врз која е изградена Унијата. Ако се изгуби суштината, никому нема да му треба формата.

I šta ćemo sad? Бугарија изгуби четири војни за Македонија, ќе ја изгуби и петтата. Угледот, каков таков, одамна го изгуби. А ЕУ? Таа е пред еден избор – да ги елиминира метастазите што ги развива Бугарија за да не го зафатат целиот европски организам. Во актуелниот политичко-безбедносен контекст во светот, ЕУ „мора бити здрава“. Повеќе од кога било досега.

П.С. Која ли е тајната на здравата коса на Румен Радев?