Среќа што на пописот се регистрира бројка на население, а не на луѓе. Кога велам „луѓе“, мислам на сѐ што е антипод на „нелуѓе“. Да се мереше човечноста, немаше да се гордееме со податокот. Станавме тотално бесчувствителни за човечките загуби. Ги третираме како бројки. Рутински ги следиме.
Завчера 1.272, вчера 985, денеска 783, утре којзнае… Илузијата дека тоа му се случува на некој друг, што не го познаваме и е „таму некаде“, води кон неподнослива и трагична рамнодушност, која не произведува никакви прашања и не бара одговори.
Кога ќе почине 15-годишно девојче, целиот здравствен систем треба да е на нозе. Обезноста е ризик-фактор, но зар само кај нас?
Илјадници семејства со деца на таа возраст живеат во вознемиреност, особено откако почна учебната година. Уште повеќе, откако први случаи на инфекции веќе се регистрирани во некои училишта. Добро е да живееме во очекување дека епидемијата ќе спласне, но уште подобро е да ги подготвиме старите платформи за онлајн-настава.
Момче на 24 години почина набргу по неговата свадба. Потпишало дека заминува од болницата. Постои ли механизам што може да го спречи пациентот да ја напушти болницата ако состојбата му е животозагрозувачка, а тој не е свесен за тоа? Пациенти излегуваат на прошетка низ болнички прозорец. Лица со решение за изолација се шетаат по улици. Други кријат дека се болни за да не им се ограничи движењето и се надеваат дека ќе ја прележат болеста „на нога“. Молчат тие, молчат нивните блиски, сѐ додека не дојде нож до коска. Само што во меѓувреме заразуваат и други.
Странски студии ја потенцираат нужноста од мултидисциплинарен пристап во одредувањето терапија за секој случај одделно. Наши лекари неофицијално говорат дека недостига таков пристап секаде
Со молк одобруваме вака да се одвиваат работите. Наша движечка енергија остана опортунизмот. Затоа не се вознемируваме од бројките на изгубени животи. Се занимаваме со кандидатите за локални избори и чекаме да стигнат фингерпринт апаратите. Не сме свесни каков лош отпечаток од прстите оставаме во времето во кое живееме. И не сме свесни дека нивото на кое се наоѓаме е резултат на лошиот отпечаток и претходно.
Она што најмногу загрижува е отсуството на анализи за црните биланси. Нема податоци кои коморбидитети се најфатални во комбинација со вирусот. Има луѓе, кои, и покрај другите тешки заболувања, за среќа или благодарение на лекарите, сепак се избориле со ковид-19. Од што зависи успехот?
Знаеме дека болеста е непредвидлива, но и дека мора да има систем во лекувањето. Странски студии ја потенцираат нужноста од мултидисциплинарен пристап во одредувањето терапија за секој случај одделно. Наши лекари неофицијално говорат дека недостига таков пристап секаде. На пример, ако пациентот има дијабетес, во одредувањето на терапијата за него треба да учествува и ендокринолог, со оглед дека дел од терапијата за ковид-19 (кортикостероиди) негативно им се одразува на дијабетичарите. Ова е само еден пример. Ги има многу.
Колку болести, толку различни нијанси во лекувањето. Поради недостиг од стручен кадар, во многу болници телефонски прават консултации со соодветни стручњаци од клиниките, а поради презафатеност, некогаш не успева ни тоа. Што во таков случај – дали сите добиваат иста (неперсонализирана, неприлагодена) терапија?
Фактот дека најмногу страдаат луѓето со придружни заболувања ја прави реална проценката на здравствените експерти дека сме соочени со синдемија (изведенка од „синергија + пандемија“).
Со овој израз, американскиот медицински антрополог Мерил Сингер, пред 30 години ја објасни состојбата кога две или повеќе болести во интеракција прават повеќе штета од простиот збир на ефектите на тие болести. Ковид-19 е во силна интеракција со коморбидитетите. Влијанието на таа интеракција може да биде зголемено и од општествените и од животните услови. Голем дел од луѓето се болни и пред да станат свесни за новата зараза, бидејќи претходно го нарушиле здравјето со секојдневниот начин на живот: лоша исхрана, недоволно движење, алкохол, цигари…
Во пораст се разни болести, како и голем број карциноми, како последица на загадената животна средина. На тоа се надоврзуваат општествени причини – сиромаштија, живот во супстандардни и нехигиенски услови, немање пристап до здравствени услуги.
Затоа ковид-19 не смее да се набљудува изолирано. СЗО веќе предупреди дека ниво на најтешки последици има во најосиромашените заедници со слаби приходи, кај луѓето што се погодени од оскудица за храна, од лоши станбени услови и климатски промени.
Како што неодамна предупреди уредникот на угледниот „Лансет“, Ричард Хортон, без оглед колку ќе биде ефикасно лечењето и колку ќе штити вакцината, потрагата исклучиво по биомедицинско решение за ковид-19 нема да доведе до успех
Накусо кажано, стагнацијата нa здравиот начин на живот му ја зголемува силата на вирусот. Доколку ситуацијата се набљудува низ призма на синдемија, јасно е дека, освен битка со еден вирус или една болест, потребно е многу повеќе од тоа: мултидисциплинарен пристап и во градењето здравствена политика, која ќе овозможи долгорочна грижа за зачувување на здравјето и намалување на ризиците од болести, не само по медицински пат, туку и низ грижата за здрава околина, здрави животни навики, подобар стандард и еднаков пристап до здравствени услуги.
Битката мора да се води на два фронта – епидемиолошки и општествен, зa да се обрне внимание и да се елиминираат општествените услови, кои во случај на идни пандемии би можеле повторно некои групи да ги направат позагрозени. А оваа моментална катастрофа е повеќе од сигнал, отворен повик, аларм или божји знак, за потребата од глобално ресетирање.
Како што неодамна предупреди уредникот на угледниот „Лансет“, Ричард Хортон, без оглед колку ќе биде ефикасно лечењето и колку ќе штити вакцината, потрагата исклучиво по биомедицинско решение за ковид-19 нема да доведе до успех.
Доколку владите не осмислат политика и програми за намалување на длабоката нееднаквост, нема да бидеме вистински безбедни од оваа болест.
Треба да се работи и да се најде долгорочно, а не привремено решение. Стара мудрост одамна предупредува дека „ништо не е потрајно од привременото“. Политички се уверивме во тоа (со привремената референца). Да не ја искушуваме мудроста и на здравствен план, зашто последиците таму не се мерат во години, туку со човечки животи.