Фудбал, премии и бизарни награди

Фудбалерите на Сенегал годинава постигнаа историски успех за првпат освојувајќи го Африканскиот куп (пандан на Европското фудбалско првенство). По победата (на пенали) во финалето против фаворизираниот Египет (предводен од славниот Мохамед Салах), медиумите јавуваат дека сенегалските фудбалери свечено биле пречекани во сенегалскиот главен град Дакар.

Следени од илјадници навивачи, продефилирале во автобус низ дакарските улици, а биле примени и од сенегалскиот претседател Маки Сал, кој во таа пригода, по брза постапка, ги одликувал фудбалерите со престижниот орден на лавот. Репрезентацијата добила премија од 76.000 евра, а на фудбалерите им се дадени и плацеви од 200 и 500 квадратни метри во околината на Дакар и на Дијамнијадио (нов резиденцијален град во близина на Дакар). Светските медиуми оваа награда ја означија како една од најбизарните во историјата на фудбалот.

Како тогаш Министерството проценило дека токму овие двајца фудбалери се најдобрите на натпреварот? Имаат некое посебно одделение, некаков ресор што проценува кои од фудбалерите се „нашите спортски дипломати и амбасадори“, а кои не се?

Фудбалерите на Македонија, по минатогодишното учество на Европското фудбалско првенство, постигнаа историски успех влегувајќи во финалето на баражот за Светското фудбалско првенство во Катар. По победата над фаворизираната Италија, инаку актуелен европски шампион, македонските фудбалери свечено беа пречекани во македонскиот главен град Скопје, каде што, следени од бројните навивачи, продефилираа со автобус низ скопските улици.

Се разбира, ниту политиката не остана рамнодушна. Фудбалерите ги прими министерот за надворешни работи Бујар Османи. Додуша не сите, туку – двајца! Александар Трајковски и Енис Барди плус селекторот на репрезентацијата Благоја Милевски. На фудбалерите (да се разбереме, на овие двајца – не на сите) и на селекторот, по брза постапка, им беа доделени и врачени – дипломатски пасоши!

За жал или за среќа, оваа вест помина „под радарот“ на светските медиуми, кои импресионирани од спектакуларниот успех на македонските фудбалери, ете не стасаа да ја окарактеризираат оваа награда како бизарна или селективна.

Македонските медиуми главно ја пренесоа изјавата на Османи дека пасошите не им се доделени на играчите само поради сензационалните победи над Германија и Италија, туку поради севкупниот нивни придонес со што „вие веќе сте нашите спортски дипломати и амбасадори, па најмалку соодветно е да го имате и симболот на дипломатијата – дипломатскиот пасош за вашите чести патувања“.

Зошто се само овие фудбалери „нашите спортски дипломати и амбасадори“, а другите не се? Ете, Министерството за надворешни работи проценило дека се тоа двајцата најдобри играчи од натпреварот Италија – Македонија, што со други зборови значи дека пасошите, како некој вид признание, се даваат само за конкретниот натпревар, а не за севкупниот придонес во успехот на националниот тим. (Конечно, македонската фудбалска репрезентација отиде на Европското првенство под водство на друг селектор).

Како тогаш Министерството проценило дека токму овие двајца фудбалери се најдобрите на натпреварот? Имаат некое посебно одделение, некаков ресор што проценува кои од фудбалерите се „нашите спортски дипломати и амбасадори“, а кои не се?

Но, нема место за грижа, министерот Османи изјави дека целата репрезентација ќе добие дипломатски пасоши, ако – ја победат Португалија во финалето на баражот! А ако не ја победат? Па, нема да добијат. Тогаш не се „наши спортски дипломати и амбасадори“!

Наспроти, сите оние што веќе имаат или имале дипломатски пасош, кои до еден се „наши дипломати и амбасадори“.

За жал, медиумите и по многу обиди не успеваат да добијат релевантни податоци за бројот на издадени и на активни дипломатски пасоши, а уште помалку за имињата на нивните носители. Одвреме-навреме ќе излезе некоја афера од типот дека некоја дадилка на детето на некоја амбасадорка добила дипломатски пасош или дека некогашните градоначалници на Скопје и Гостивар, Коце Трајановски и Невзат Бејта имале дипломатски пасоши. И отприлика – толку!

За министерствата за надворешни и внатрешни работи, списокот на носители на дипломатски пасоши не е информација од јавен интерес, а, според некои толкувања, со јавното објавување на оваа информација се нарушува заштитата на личните податоци.

На пример, не е познато дали министерот за правда Никола Тупанчевски, вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и претседателот на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев беа во Палермо на натпреварот Италија – Македонија со дипломатски пасоши, што, во крајна линија, не е ни битно прашање, но затоа е од некаде битно дека Трајковски, Барди и Милевски добиле дипломатски пасоши.

Од некои причини, ете, се проценува дека оваа информација, не само што е од јавен интерес и не само што со неа не се нарушува тајноста на личните податоци, туку напротив, целата процедура се прави токму пред очите на јавноста, да не кажеме пред камерите и фотоапаратите.

Од друга страна, останува сосема нејасно каква мотивација за победа против Португалија ќе добијат фудбалерите со ветувањето на – дипломатски пасоши? Ќе можат да влезат во Катар по таканаречената „брза лента“? Што би се рекло, кој не би ги победил Португалците, ако знае дека поради тоа ќе биде „спортски дипломат и амбасадор“ и плус ќе се фотографира со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

За министерствата за надворешни и внатрешни работи, списокот на носители на дипломатски пасоши не е информација од јавен интерес, а, според некои толкувања, со јавното објавување на оваа информација се нарушува заштитата на личните податоци

Но, во Владата, ако не сфатија дека требаше да бидат поконкретни во наградувањето на македонските фудбалери веќе по натпреварот против Италија, сепак, би рекле во последен момент, се сетија дека можат да бидат малку поконкретни барем во ветувањата за евентуалниот успех против Португалија. На фудбалската репрезентација ѝ е ветена премија од половина милион евра, ако успее да се пласира на Светското првенство во Катар, односно ако ја победи Португалија.

Но, ете, и во овој случај не можеме да се ослободиме од бајатиот вкус на приредената претстава. Имено, мајсторот на политичката самопромоција, српскиот претседател Александар Вучиќ, непосредно пред полетувањето на српската фудбалска репрезентација на решавачкиот меч за директен влез на Светското првенство токму против Португалија, влезе во авионот и пред фудбалерите вети премија од еден милион евра за директен пласман на првенството.

Нашиот премиер Димитар Ковачевски и првиот заменик-премиер Артан Груби, во случајов чираци во политичката самопромоција, непосредно пред полетувањето на македонската фудбалска репрезентација на решавачкиот меч за пласман на Светското првенство токму против Португалија, влегоа во авионот и пред фудбалерите ветија премија од – половина милион евра.

Бизарно, би рекле. А притоа воопшто не мислиме на наградите на репрезентацијата на Сенегал. Тие се прилично регуларни.