На секоја генерација ѝ е потребен еден подолг период, оптимално околу две декади, на стабилност, просперитет и благосостојба за да може да се изгради себеси и индивидуално, но и колективно. Јас сум од онаа генерација на која овој нужен период ѝ беше одземен.
Тоа сме ние, луѓето, кои денес сочинуваат значителен дел од работоспособното население, кое треба да го гради, движи и да го одржува колективниот живот во нашата земја. Ние, кои растевме во војни и во распадот на ветената земја Југославија, која едвај ја помирисавме, се воспитувавме и образувавме во периоди на ембарга и воени конфликти, политичка нестабилност и брутални ефекти од приватизацијата, станувавме возрасни и се вработувавме во периоди на економски кризи и рецесии.
Mногумина се збунети какви се тоа протести, кои не повикуваат на смена на власта, туку на смена на системот. За нас власта е системот, ние не знаеме за друго
Генерација лишена од потенцијал за градење иднина и насетирана на режим за преживување. Денес, сите сме свесни дека од нас е украдена онаа нормална, онаа стандардна животна траекторија, образование што гради личности и води до вработување, вработување што води до просперитет и стабилност, стабилност која обезбедува домување и искусување социјални кругови, кои водат до потенцијал за замислување и градење колективна иднина. Од нас е украден нормалниот живот.
Во време кога насетуваме потенцијал за една балканска пролет, кога демократски настроените граѓани и младите генерации низ регионот и кај нас излегуваат и повикуваат на протести, многумина од нашата генерација го дочекуваат тоа со цинизам и негодување. Ние и не ги разбираме овие протести. И во Србија, а и сега во Македонија, многумина се збунети какви се тоа протести, кои не повикуваат на смена на власта, туку на смена на системот. За нас власта е системот, ние не знаеме за друго.
Овие мои размисли не се обид за демотивација на младите, туку обид да им помогнеме да нè разберете. Да се разбере нашата генерација, значи да се совладаат клучните светогледи, практики и состојби што ја градат и ја одржуваат оваа метастаза што ние ја нарекуваме систем. Особено е важно да разбереме дека еден систем не го чинат само практиките, туку и идеите, желбите, идеологиите, вредностите, ставовите, па дури на крај однесувањата и постапките.
Нека не нè чуди широко распространетото чувство на разочараност, не можат да веруваат во промени луѓе што досега ги изневерил секој систем. Не е само економски просперитетот од кој сме лишени, туку исто толку значаен е недостигот од политичка и социјална сигурност. Со други зборови, ние не сме само материјално осиромашени, еродирана е секоја верба во промена, стабилност и правичност, корумпирани се дури и целите за учество во политиката и општеството.
Можеби најпогубен ефект од нашиот живот во ваков систем е тоа што иднината престанавме да ја чувствуваме како време и простор на радост и надеж, и почнавме да ја доживуваме како замка
Кога студентите во Србија повикуваат на макотрпен и долг процес на долгорочни промени, ние сме затечени. Генерација на која ѝ се одземени колективните очекувања за иднината, која долгорочното планирање ѝ се чини невозможно, дури и ирелевантно, е генерација што е западната во цинизам, опортунизам и страв од преземање ризици.
Кога сте пораснале во систем, во кој корупцијата, неуспешните реформи и економското девастирање се повторуваат во циклуси, тешко дека ќе поверувате дека работите можат навистина да се променат. Цинизмот е наш одбранбен механизам, начин да се справиме со очекувањата што редовно ни се изневерени.
Но, тоа има свои последици. Раширена апатија, обесхрабреност и гол индивидуализам над секој напор за колективна иницијатива. За да не западнат во ваква безнадежност, младите мора брзо да создаваат простори во кои визијата за иднината и надежта ќе се градат и пренесуваат. Пленумите и граѓанските собири се токму тоа.
Кога сте пораснале во систем, во кој стабилноста никогаш не била загарантирана, нормално е да имате неопислив страв од преземање ризици и испробување нови стратегии. Ние сме принудени секогаш да го бараме полесниот и пократкиот пат. Затоа сите досегашни протести биле насочени кон гола промена на власта. Тој маѓепсан круг, кај народот познат како „Курто и Мурто“, е илузијата на наводна политичка активност, која нè проголта.
Можеби најпогубен ефект од нашиот живот во ваков систем е тоа што иднината престанавме да ја чувствуваме како време и простор на радост и надеж, и почнавме да ја доживуваме како замка. Кога сте во состојба на преживување цел живот, не можете да очекувате да имате ентузијазам за промени, за големи идеи, за хуманистички иницијативи.
Емпатијата и солидарноста со нашата трагедија во Кочани од страна на граѓаните во Бугарија, Грција или Србија, а особено на нашите сограѓани Албанци е силна шлаканица за политичките елити
За нас е важно да се ухлебаме кај моќните, дури и кога тие моќници нè лишуваат од достоинствен живот. Влези во партија и вработи се, служи на олигарси и лекувај се преку врски, додвори му се на сопствениот џелат и надевај се твојот врат нема да биде отсечен баш до крај.
Конечно, ние сме генерација изманипулирана со помош на „шибицарски“ национализам и квазирелигиозност, односно со приказната на регионалниот корумпиран естаблишмент дека сме непријатели едни на други. Емпатијата и солидарноста со нашата трагедија во Кочани од страна на граѓаните во Бугарија, Грција или Србија, а особено на нашите сограѓани Албанци е силна шлаканица за политичките елити. Тоа е едно будење, кое навестува дека луѓето, ако ништо друго, барем разбрале кој и што им е вистински непријател.
За некои од нас, играта е завршена. Особено за оние што се дел од доминантниот партиски систем и низ него некако преживуваат. Тоа е денешната армија што ги подрива иницијативите за промена преку веќе видени и гнасни практики на дезинформирање, етикетирање, прислушување и демотивирање.
Некои од нас уште се мачат да изнајдат искра надеж и мотив затоа што поразот, колку и да изгледа неминовно, не смееме ентузијастички да го прифатиме. Да, ќе биде тешко и ќе трае долго, но за нас ова е последната шанса. Шанса да ги обезбедите барем тие две декади на просперитет и благосостојба нужни за да прогласиме живот на ова парче земја.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија