Неодамна имав привилегија и чест да прочитам една за мене возбудлива и невообичаена поетска збирка во ракопис. Нема да го споменам името на авторот, затоа што, едноставно, не побарав дозвола за тоа (а стихозбирката не е објавена, односно сѐ уште не е). Велам возбудлива и невообичаена затоа што длабоко рефлектира на актуелните општествени, но и историски процеси, што, барем за мене, е прилично иновантно во македонската книжевна продукција.
Сепак, за потребите на овој текст, или како некаков негов вовед, ќе се осмелам да цитирам една куса песна од овој ракопис, која, баш сигнификантно, се вика „Гласот на народот“ и оди вака: „Сите папагали повторуваат: народот да одлучи/ Нема сила над народниот глас/ Точно! Видовме во Ерусалим што се случи/ Крст за Христ, слобода за Барабас“.
Се разбира, оваа песна е одличен шлагворт за македонската тема на сите теми – претстојниот референдум. Поточно, за компетентноста на народниот глас за носење одлуки околу конкретни политички прашања, како што е влез на земјата во Европската Унија и/или НАТО. Оваа компетенција, според мене, е проблематична, дури и да не се работи за прифаќање на географската одредница во името на земјата, односно за прифаќање на таканаречениот Преспански договор.
Постојат повеќе причини зошто се сомневам во референдуми што не се однесуваат исклучиво на комунални или локални прашања. Нив можам да ги дефинирам во две групи: математички (статистички) и квалитативни.
Во таканаречените статистички причини, секако влегува фактот дека Македонија нема направено попис и не се знае точно колку жители воопшто живеат во земјата. Некој ќе каже дека право на глас имаат сите полнолетни државјани, односно сите оние што поседуваат валидна македонска лична карта или патна исправа. И, се разбира, ќе биде во право. Иако токму овој аргумент внесува извесна доза сомнеж во валидноста на резултатите на референдумот и воопшто во нивната релевантност.
На крајот на краиштата, работата на избраните политичари е да имаат визија за земјата и да ја менаџираат таа визија, а не да бараат алиби во флоскулата „народот е секогаш во право, па и кога греши“. На крајот на краиштата, затоа ги плаќаме, сосе патните трошоци
Втората група причини, значи оние што јас ги нарекувам квалитативни, е длабоко поврзана со статистичките, односно математичките. Математичка закономерност е дека во мнозинството секогаш има повеќе неписмени, необразовани, неинформирани, злобни, инаетчии, одмаздољубиви, завидни, непресметливи… со еден збор, некомпетентни да решаваат за судбинските прашања за иднината на земјата.
На крајот на краиштата, работата на избраните политичари е да имаат визија за земјата и да ја менаџираат таа визија, а не да бараат алиби во флоскулата „народот е секогаш во право, па и кога греши“. На крајот на краиштата, затоа ги плаќаме, сосе патните трошоци.
Белградскиот професор Дејан Јовиќ, на една неодамнешна трибина, која имав можност посредно да ја следам, вели: „Ако ги прашате граѓаните на Грција, која е во НАТО и ЕУ, кои се најголемите пријатели на Грција, тие ќе ви одговорат Русија и Србија – две земји кои не се ни во ЕУ, ни во НАТО. А ако ги прашате кои им се најголеми противници, одговорите се Турција и на второ место Германија или САД. Тоа е парадокс, меѓутоа надворешната политика не се води со испитување на јавното мислење. Мислам дека е многу опасно за такви сериозни прашања да се прашува народот. (…) Ако се прашуваше народот, не само што Дејтон никогаш немаше да го има, туку можеби уште ќе војувавме“.
Јовиќ, се разбира, првенствено зборува за Србија, при што ги потенцира барем декларативните заложби на неговата земја за влез во ЕУ, но и пропутиновското расположение, не само во голем дел кај јавното мислење, туку и меѓу политичките елити. „Кај некои политичари има симпатии дури и кон еден Орбан“, вели Јовиќ. А мене ми звучи некако познато.
Тука би додал и една подгрупа причини за сомнеж во валидноста на резултатите на референдумот, а тоа е искуството. Не сме толку млади да не се сеќаваме на референдумот за суверена и независна Македонија и прашањето што беше тогаш поставено: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Директните учесници на тогашните историски процеси сѐ уште тврдат дека проценката била дека референдумот немало да успее, ако прашањето не било така поставено. Во тој случај, пак, се поставува прашањето зошто воопшто се правел референдум? По логиката на работите, политичарите, особено оние што се на власт, имаат повеќе информации од „народот“, односно гласачите и затоа треба да носат релевантни одлуки.
Демократија, да го парафразираме Черчил, е лош систем на владеење, ама немаме измислено подобар. Значи, како и да е, референдум ќе има. И, без оглед дали премиерот Заев ќе го крсти обврзувачки или консултативен, неговите резултати ќе бидат пресудни. Се разбира, ако успее референдумот, односно ако се исполни цензусот. Резултатите од неуспешен референдум едноставно не се признаваат. И тогаш политика, односно политичарите го преземаат својот дел од работата.
Таков беше случајот и со референдумот за локална самоуправа, на пример. Ова нека се сфати како моја лична порака за сите кои со намера ќе го бојкотираат референдумот – значи, без оглед дали е обврзувачки или консултативен, неуспешен референдум остава простор политичката елита што е на власт да донесе одлука во согласност со својата визија за иднината на земјата. А сите знаеме каква е нејзината визија.
Во таа смисла, најумно е на референдумот да се гласа. Па, ако веќе некој така мисли, може да гласа како и оној „народ“ пред Понтие Пилат, од библиската приказна за распнувањето на Исус, искористена во цитираната песна на почетокот на текстот. Односно, може да гласа за Бараба. Тоа е неговото демократско право.
Инаку, во истата стихозбирка во ракопис има една песна што се вика „На погрешната страна“, ама тоа е една друга приказна.