Се случи таков земјотрес на 25 септември 2007 година, кога тогашниот претседател на 62-то заседание на Генералното собрание на ОН, Срѓан Керим, го најави Бранко Црвенковски како „претседател на Република Македонија“. Тоа предизвика бурна реакција на тогашниот грчки амбасадор во ОН, Џон Мурикис, кој се повика на резолуцијата 817 од 1993 година, според која земјата се нарекува Поранешна Југословенска Република Македонија сѐ додека не се реши разликата за името на државата.
„Целосно сум свесен за фактите што беа изнесени во изјавата на почитуваниот претставник на Грција. Истовремено, како претседател на Генералното собрание, имам должност да покажам целосна почит за достоинството на секоја земја-членка на ОН, меѓу кои и мојата“, одговори Керим.
И Црвенковски не пропушти можност да одговори на грчката реакција. „Конечно, со или без вашите процедурални забелешки, името на мојата земја е Република Македонија и ќе биде Република Македонија“, рече тој на крајот од обраќањето.
Финишираше Керим, кој во име на Генералното собрание и во негово лично име „му се заблагодари (повторно) на претседателот на Република Македонија за дадената изјава“.
Ветото стигна
Оваа пинг-понг партија одиграна меѓу Црвенковски и Керим предизвика политички земјотрес во Атина, а на домашен терен беше доживеана како одбрана на националната гордост. Дали тоа ѝ донесе конкретен бенефит на земјата? Не. Следната година Република Македонија не доби покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт. Причините се познати.
Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во 2011 година пресуди дека Грција ја прекршила Привремената спогодба од 1995 година со тоа што ставила вето на членството на Македонија во НАТО.
Но, судот решаваше само за тоа дали постои повреда на член 11 од Привремената спогодба. Во пресудата немаше никакво осврнување на спорот за името, (за кое се преговараше во рамките на ОН), ниту имаше влијание врз преговорите Скопје – Атина.
Потребни беа многу дипломатски напори во триаголникот Скопје-Брисел-Вашингтон и децениски преговори за да се постигне компромисното решение на 17 јуни 2018 година, со потпишувањето на Договорот од Преспа. Со него беше воспоставено стратешко партнерство меѓу двете земји и се отворија вратите на Македонија за членство во НАТО, што стана реалност на 27 март 2020 година.
Измрцварени од условувања
Но, со промената на името во Република Северна Македонија не се отворија и вратите на ЕУ, како што беше ветувано. За споредба, Македонија ја доби Спогодбата за стабилизација и асоцијација во април во конфликтна 2001 година, а остана заглавена во место и по решавањето на тридеценискиот спор за името.
Имаше едно вето, па друго вето, на крај стигна (францускиот) европски предлог со вградено условено трето вето (уставни измени или ништо). Покрај другите грешки, тоа, во голема мера, е причината што СДСМ и нивниот кандидат крахираа на изборите, обвинувани за сервилност на штета на националните интереси, за свиткан ’рбет пред надворешно-политичката принуда.
И обратно – тоа беше и една од причините поради која Гордана Сиљановска освои толкав број гласови, исто како и партијата што ја поддржуваше, а одби уставни измени „под бугарски диктат“. Сиљановска вети дека нема да употребува „Северна“ (вербално), дека ќе биде субверзивна, своја, и тоа што го вети – го исполни уште при свечената заклетва.
Дали постапи во согласност со Уставот? Не. Дали знаеше дека Атина чека да слушне во која држава ќе се заколне таа? Да. Со тоа нејзиниот потег не е чин на некаква грешка, инаугуративна трема, гаф, туку на сосема свесна постапка, со која смета дека ја враќа ветената гордост на граѓаните и државата, измрцварени од децениски условувања.
Не треба да се пренебрегне фактот што и изборната кампања се одвиваше во период кога илјадници македонски граѓани сѐ уште чекаа да стигнат до лични документи со новото име на државата, за што, пак, „првата страна“ воопшто не покажа соседска добра волја и флексибилност за пролонгирање на рокот од Договорот.
Патем, Атина во изминатите години не се претргна ни да ги смени таблите на патиштата, не собра сила да ги усвои трите меморандуми за билатерална соработка, а свечената заклетва на Сиљановска ја искористи како алиби нив да ги чува како оружје за притисок.
Името што Грција сакаше да го слушне од неа – Република Северна Македонија, со опсег на употребата ерга омнес, грчките политичари и натаму го заменуваат со „Скопиа“, како што беше нарекувана и пред Договорот.
А ако внимателно се прочита членот 14 од Договорот, каде што е предвидено во кои сѐ области ќе се развива економска соработка меѓу двете земји, а ги има многу, на крајот се соочуваме со фактот дека ни граничниот премин Маркова Нога досега „не скрши нога“ за подобрување на туристичката и трговска размена. Не по вина на „втората страна“.
Основно човеково право
Претседателката смета дека во своите јавни настапи има право да го употребува името Македонија, а вели дека ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Истиот наратив го продолжи и Мицкоски – „мое основно човеково право е како ќе ја нарекувам својата држава (…), а ако соседите мислат дека ние сме го прекршиле договорот, тогаш постои Меѓународен суд за правда, па таму ќе ги вкрстиме аргументите“.
Во моментов, едно е извесно – Бугарија добива силен сојузник во Грција во односот кон Македонија, а идната власт во Македонија од еден проблем си наметна два. Ако се слуша ламентирањето на ДУИ на повидок е и трет – проблем со Охридскиот договор. Не се малку како за почеток.
Голем дел од заслугите за ваквиот развој ги има Унијата. Колегата Немања Рујевиќ (во колумна во „Данас“), објаснувајќи го подзаборавениот термин „македонско сценарио“, какво што му беше припишувано на испраќањето на Груевски во опозиција, дава оценка како завршило тоа, вклучително и за темата што нѐ засега.
„Во меѓувреме „eвропскиот пат“ на Maкедонија се сведуваше нa тоа да се согласува на ултиматуми на соседите. ЕУ ѝ дозволи на Грција со децении да го уценува Скопје за да го смени името на државата. И тоа е направено. Сега Бугарија ги уценува Македонците да признаат дека се одродени Бугари и ништо повеќе од тоа. Оптоварени со ултиматуми (…) социјалдемократите на власт практично не направија ништо (…)
A EУ го правеше тоа што и инаку го прави во својот ‘заден двор’. Брисел се држеше до автократот (Груевски – н.з.) додека не го пушти низ вода, a на демократските власти им поставуваше нефер услови, го блокираше проширувањето во ЕУ, и сосема ја прокоцка својата веродостојност. Така, македонското сценарио на крајот не излезе ни посебна закана, ни посебна шанса, само бркање на сопствената опашка, едно големо ништо во кое поминуваат животите“.
Не би имала што да додадам.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија