Господ и Македонија

Колумна на Сашо Кокаланов

Еден од најцврстите докази што нашата земја го има изведено во спорот со името (а тоа се наведува и како најголема причина зошто владиците ни шетаат по протести за името), секако е тоа дека Македонија била спомната 30 пати во Библијата. Мислам дека по таа основа имаме право да претендираме и на Црвеното Море кое е спомнато шеесет пати, но фала му на бога ние не сме до толку иредентисти, па ќе им оставиме некое парче библиска географија и на другите христијани во светот.

Вториот голем доказ не е толку лесен за изведување, зашто е тешко емпириски докажлив, а тоа е дека: „Господ ја сака Македонија и затоа ќе ни помогне“. Ние, децата на транзицијата, најдобро ја чувствуваме оваа љубов на своја кожа, но ја чувствувале и генерациии и генерации наши предци, откако постои господ, односно откако постои Македонија, ако воопшто има некоја мала разлика во овие два датума.

Јас, додуша, навистина не знам каде беше господ со векови да помогне кога живеевме, не баш најсреќно, како дел од разни империи, но каде и да бил – не е важно, важно е дека сега е тука за нас и дека нѐ сака. Како резултат на божја љубов, на Македонија ѝ се случуваат прекрасни работи од осамостојувањето до денес и целата оваа незавршена транзиција е божја љубов и треба да ја живееме со радост.

Ако сте биле на протестот на тврдокорните вчера, вие секако го знаете ова, но ете за оние што не биле, добро е да го знаат – единствен што е помоќен од господ на ова парче земја е Џес Бејли, американскиот амбасадор. Односно, ако им се верува на зборовите на протестирачите, а нема зошто да не им се верува, колку и господ да направи добри дела за нашата земја таму од горе, сакајќи ја и бдеејќи деноноќно над својата библиска Македонија, ќе дојде Бејли и сѐ ќе усере.

Ако сте биле на протестот на тврдокорните вчера, вие секако го знаете ова, но ете за оние што не биле, добро е да го знаат – единствен што е помоќен од господ на ова парче земја е Џес Бејли, американскиот амбасадор

Ако не верувате дека господ е презафатен со Македонија, со решавање на нашите хронични политички кризи, на спорот со името, со обезбедување условни казни за политички прогонетите граѓани на РМ од претходната власт и слично, погледнете какви хуманитарни катастрофи му се случуваат во Сирија, му гинат илјадници луѓе во земјотреси, поплави, војни…

Дајте да му помогнеме сите на господ да го одбрани еднаш засекогаш името Македонија од Грците и да може да се посвети и на други региони во светот, нема смисла веќе љубоморно да ја трошиме божјата љубов само за нас.

Ама не, вие си седите дома по влечки, и чекате господ сам на студов да ви го одбрани името. Е, па, извинете, ама ни тој не е семоќен. Еве ви прати 200 автобуси, што сакате повеќе. И преку дијаспората обезбеди неколку. Мрзлив народе, предозиран со алуминиум, од дијаспората и од господа толку, другото е на вас, драги сограѓани, да не сакате бог и патни трошоци да ви плаќа за одење на протест?

Мислам, си седите на топло и чекате, се однесувате ко некој Лазе Еленовски меѓу две функции. Не може тоа така, браќа и сестри.

Некогаш, кога нашите ќе зезнат работа, Господ мора да вмеша прсти и кај другата страна. Се сеќавате на самитот на НАТО во Букурешт пред една деценија, кога нашиве кленови се излетаа и прифатија Република Македонија (Скопје), Господ мораше да вмеша прсти директно во Атина, па му се јави на сон на Костас Караманлис и му рече: Сега ти ќе ставиш вето. И би – вето. И Репубика Македонија успеа да си го задржи своето свето име паралелно со она не толку светото ФИРОМ што ни го зденаа кога господ не беше овде, односно беше во билатерална посета на друго божество каде што лобираше да нѐ признаат под уставното име.

Фала богу што господ не е сам во битката за името, тука се и неговите владици. Пред сѐ, владиката Агатангел со географска одредница Повардарски и владиката Петар со дури две географски одредници Преспанско-пелагониски, кои се негови специјални пратеници во спорот, нешто отприлика како што е Метју Нимиц за генералниот секретар на Обединетите нации.

Инаку, престанете со тоа клерофашизам! Кога клен маскиран во црна мантија ќе ја голтне јадицата на национализмот и ќе почне да проповеда, мешколејќи се така уловен и мешајќи ХААРП, госпоТ, Библија, национализам и меѓународна политика, тоа се нарекува кленофашизам. Не е клерофашизам, од него го разликува само тоа што интелектуалното ниво во случајов, сепак, е кленовско, односно го краси брз и алчен напад на мамецот без вклучување ниту на рудиментална форма на мозок во акцијата и тврдокорно негирање на сопствената состојба на уловен клен.

МПЦ, која веќе си шибна географска одредница во името (без референдум), па веќе извесно време се нарекува МПЦ-ОА, и тоа ерга омнес – и дома и надвор, е несомнено лидер на кленофашизмот во Македонија. Двајцата владици (макар што сега според делувањето опозицици им одговара повеќе од владици) можеби деновиве ќе се дообјаснуваат дека своеволно излегле на маршот, но Црквата на која припаѓаат не само што не се оградила од нивните политикантски настапи, туку дала досега милион причини да веруваме дека и ги испратила во ваквата кленовска мисија и да не се сомневаме дека таа е нашата мајка.

МПЦ, која веќе си шибна географска одредница во името (без референдум), па веќе извесно време се нарекува МПЦ-ОА, и тоа ерга омнес – и дома и надвор, е несомнено лидер на кленофашизмот во Македонија

Дури не е тешко ниту да се претпостави како (би) течела една светосинодска расправа на темава:

– Ги видовте идиотине од Грчката православна црква на протестот во Солун против Македонија? – ќе заглаголи Архиепископот, златоуст каков што го дал господ.

– Ги видовме, шефе! Идиоти! – крикнува во еден глас стадото владици загледано во својот пастир.

Една владичка рака дури тргнува кон брадата на свештеникот-пастир да ја отплетка коската што останала таму од некоја посна предвелигденска тајна вечера. Но, пастирот ја плеснува раката со татковски прекор и истура уште еден грст зборови-златници од устата:

– А што, ние глупи сме, ни фали нешто, па да не можеме да бидеме како нив?

Пред ваквите аргументи и боговите молчат, а не пак, дузина непризнаени владици. Веднаш се најдоа двајца доброволци да се солидаризираат со идиотизмот на грчките колеги и нивни идоли во бизнисот со клерофашистички бит-коини и да застанат на чело на протестот.  

Го ругале Заева на протестот. Е па ќе го ругаат, нормално, кога работи спротивно на интересите на Македонија и пред сѐ на господ. А, фино почна, се сеќавате, една од првите средби откако стана премиер му беше кога го прими поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.

Не го послуша тогаш и сега ако му е што скандира верниот народ против него. По девет месеци од средбата, конечно дојдов до транскриптот од таа средба.

– Оче, ќе правам реформи, ќе ги наречам 369 – побара благослов Заев.

– Никако. Тоа е ѓаволска работа, збирот на цифрите од 369 е ист со ѓаволските 666.

– Епа како до правна држава и петсто евра просечна плата?

– Помоли му се на господа.

– Оче, ќе го решавам спорот со Грција?

– Никако! Името е свето, не го даваме.

– Е па како во ЕУ и НАТО?

– Помоли му се на господа.

– Оче, ќе правам карневал во Струмица за Прочка.

– А, ќе дојдеме, тоа секако… Туку, да не знаеш добар мајстор за џип? Не ми влече добро на угорници, ко да ми трокира, мислам дека е до ламелата. Тој некој Ване ми го фалат од Струмица, го знаеш?

– Ване, Ване, знам го, ама не е тај за ламели, за карбуратори е.

– Чаре?

– А Стојче ут Богданци?

– Бевме кај Стојче, скап е тој, изгор, па луѓето по сто денара оставаат на икона, не по сто евра.

– Не знам. Да му се помолите на господа?

Браќа и сестри, значи крајно време е, ова може да е и последен апел од господа, дајте да баталиме тоа реформите (и така не ви одат баш најсјајно), дајте да баталиме спор за име, дајте да си ги сочуваме традицијата и транзицијата, да си го задржиме квалитетот на живот од времето на Библијата, за да не бидат залудни сите тие триесет спомнувања. Ве молам, ко бога ве молам.