Предизборната кампања ми поѕвони на врата. Поточно, активистите на ВМРО-ДПМНЕ. При оваа непланирана, но, сепак, официјална посета се здобив во посед на едно пригодно пакетче, со предвидлива, но главно бескорисна содржина: една црвена маичка со аплицирана партиска предизборна содржина, капче со истата боја и истиот мотив, запалка (единствената работа на која ѝ пронајдов употребна вредност и во таа смисла благодарен сум што партијата се сетила на мене) и едно минијатурно и малку распаднато нотесче (без хемиски молив).
И, да, имаше и еден памфлетски леток со наводно мотивациски зборови на лидерот Христијан Мицкоски, а, всушност, патетични флоскули, како што впрочем ѝ прилега на македонската предизборна теорија и пракса. И имаше предизборна програма на партијата за мојата општина, Општина Аеродром.
Малку бев разочаран што не ми доставија и предизборна програма за градот Скопје, ама што е, тука е. Како што велат, на подарокот во програма не му се гледа. Сепак, се надевам дека ќе ми ја достават и неа и ќе ги замолам во таа пригода да ми достават и хемиски молив во тон со нотесот. Нема смисла на тефтерче од ВМРО-ДПМНЕ да пишувам со хемиски молив од Левица. Не сакам ни да замислувам каква содржина ќе произведе оваа комбинација.
Малку бев разочаран што не ми доставија и предизборна програма за градот Скопје, ама што е, тука е. Како што велат, на подарокот во програма не му се гледа
Другите конкуренти на претстојните избори уште се немаат појавено на мојата влезна врата. Со нетрпение ја очекувам нивната понуда, односно пакетчињата што ќе ме убедат дека светлата иднина се крие токму во генијалните, ем политички, ем комунални стратези од нивните редови.
Сепак, со нескриена возбуда седнав да ја читам добиената програма за да видам кои нови благодати за мене и мојата општина, во следниот период ќе донесат партијата и градоначалникот, кои и досега владееја со неа. Старата мудрост, а и долговечното искуство, ме подучуваат дека нема толку лоша програма што не може да се чита од позади. И онака нашите политички фактори секогаш првин застануваат напред и како што поминува времето се повлекуваат наназад, кон крајот.
Значи, во согласност со добрите практики, почнав од крајот кон почетокот. На крајот на програмата сосема очекувано се наоѓа најкусиот дел, насловен како „Предлози и идеи од граѓаните за општината“. Граѓаните го заземаат она место што им припаѓа – последното. Јас би рекол, со право.
Веднаш до нив, во мртва трка за дното на програмата, се наоѓа делот за социјалната и здравствената заштита, а на високото трето место од позади е културата. Всушност, затоа почнав да ја читам програмата од крајот, затоа што знаев дека културата, тој мој домен на интерес, секогаш е меѓу последните дупки на партиските кавали.
Гола месечина
Да се разбереме, не бев и не сум толкав оптимист да верувам дека токму на ВМРО-ДПМНЕ и токму на овие избори ќе му се просветли и ќе го согледа значењето на културата и творештвото во локалните заедници, ама, да бидам, искрен, не очекував ни толкава неинвентивност. Програматa за култура, сместена на страничка и пол, ги набројува манифестациите што главно веќе постојат, па така во реченица-две ќе ви се објасни важноста за културниот живот на Општината на „Мичурински средби“ или на „Аеро стрит фуд фестивал“, на пример.
Секако. Меѓу шесте наброени манифестации, тука е и неизбежниот „Илинденски марш“, а свое место најдоа и извесен фестивал „Св. Троица“ во Долно Лисиче, детскиот фестивал „Цветови“ и театарскиот фестивал „Гола месечина“.
Нема да навлегувам во квалитативни оценки за тоа колку оваа програма „создава современа и инспиративна средина за граѓаните“, како што навеле авторите на оваа содржина, ама затоа еден ноторен факт ми боде очи. Не само што таму нема никаква нова идеја, туку нема ниту збор за најголемиот културен настан што следи во овој мандатен период, проектот „Скопје – Европска културна престолнина 2028“.
Не може „престолнината на кичот“ да биде „престолнина на културата.“ Тоа, не само што е некомпактибилно, неспоиво, туку е контрадикторно самото по себе
Некој можеби ќе каже дека тоа е работа на градот Скопје, па и на државата Македонија, ама нема да се согласам со тој факт. Аеродром, дури и да не е, како што е, најголемата скопска општина, барем според бројот на жители, значи дури и да не е, според тие критериуми, најурбаната градска општина, таа не смее да се однесува како да е дел од германскиот Кемниц или словенечката Нова Горица, кои годинава се европски престолнини на културата, туку треба да ја преземе одговорноста за некакви содржини што би биле застапени во нашиот град.
Добро, да не излезам сега пристрасен. Не е само ВМРО-ДПМНЕ во прашање. Реков веќе дека програмите на другите кандидати не ми беа доставени, ама она што според за мене достапните податоци или барем според она што можев да го видам, ниту другите партии баш не се загрижија како и дали македонскиот главен град ќе ја оправда оваа престижна титула. Мислам дека тоа доволно говори, не само за нашиот однос кон културата, туку и кон таканаречените европски вредности, во чие остварување толку се колнеме.
Не сум во оној модус да кажам „Нели ви реков?“, ама факт е дека бев еден од ретките скептици за нашите амбиции уште од почетокот на процесот на кандидирање на Скопје за оваа титула. Впрочем, за тоа постојат и пишани траги, во форма на текстови, објавени токму на овој портал. Едноставно, не може „престолнината на кичот“ да биде „престолнина на културата.“ Тоа, не само што е некомпактибилно, неспоиво, туку е контрадикторно самото по себе. Онаму каде што има кич, нема култура. И обратно.
На крајот на краиштата, ние не би биле „престолнина на кичот“, ако тука не владее корупција, непочитување на струката и непотизам. Не би постоел ни проектот „Скопје 2014“, ако ние навистина ги почитувавме тие фамозни европски вредности. Уште тогаш некаде реков или напишав дека „овој град нема ни срам, ни образ, штом така дрско конкурира за оваа титула“. И, искрено, не сакав да бидам во право. Сега, за жал, можам само да дополнам дека овој град нема ни срам, ни образ штом така се однесува кон оваа чест и оваа одговорност.
И повторно сакам да не бидам во право, ама не верувам дека градот во таа 2028 ќе блеска од чистота, ќе има куп паркови и зелени површини, јавниот превоз ќе биде функционален, јавните простори ќе бидат достапни за стотици музички и сценски изведби на дневна основа, дека пропаднатите фабрички погони ќе бидат претворени во културни центри, а не во станбени блокови, дека ќе има нови барем четири концертни сали, дека европските пари нема да се исперат и мистериозно да им се изгуби трагата… Не.
И тогаш ќе се бориме со пожари по диви депонии, со целосно хаотичен сообраќај, со најголемата загаденост во Европа, со скриената инфлација, со коруптивните тендери и нерегуларните зделки…
Трансформација? Што?
Но, што, всушност, значи таа титула „Европска престолнина на културата“? Не, не значи тоа дека таа ќе влијае врз туризмот, тој чуден „приопаш“ на Министерството за култура. Нема Нова Горица да стане туристички центар затоа што годинава е европска културна престолнина. Не значи ниту дека светот ќе слушне за нас и ќе оформи некаков позитивен имиџ. Бидете искрени, колку од вас воопшто слушнале за германскиот Кемниц? И колку и на кој начин оваа титула го променила имиџот на Германија?
Што значи тогаш? Значи промена на свеста и праксата токму кон сите оние општествени аномалии што погоре беа спомнати. За да не биде ова сфатено како гола реторика, ќе наведам еден пример. Грчкото гратче Елефсина, кое беше европска престолнина на културатa во 2023 година, ја доби оваа титула откога при евалуацијата, Европската комисија ги истакна „огромната трансформација“ и „високото ниво на организација“. За помалку упатените, ќе кажеме дека Елефсина е гратче на некои 20-тина километри западно од Атина и со отприлика 25.000 жители.
И Елефсина е сето она што Грција не е. Или барем не е Грција од нашата претстава на нивните туристички места или од сликите што ги добиваме од рекламните проспекти. Тоа, како што се наведува во една репортажа на Дојче веле, е место со безлични градби, индустриски руини, бродови што веќе не пловат и ‘рѓосуваат на бродските „гробишта.“ Можете да претпоставите што значат цитираните зборови од евалуацијата.
Без култура, нема ни култивирано општество. Затоа, пак, има евтини предизборни пакетчиња, кои веројатно севкупно чинат токму колку европските средства за културната престолнина
Сега Елефсина изгледа многу, да не кажеме драстично поинаку. Ете, индустриските руини се претворени во јавни простори и центри за различни намени. Што се однесува до организацијата, изворите велат дека за тоа е најзаслужен денес веќе 69-годишниот актер, режисер и писател Михаил Мирамакис, кој беше на чело на организацискиот одбор на овој проект.
Важно е да се каже дека на Европската престолнина на културата, од европските фондови, поточно од Фондацијата „Мелина Меркури“ ѝ следуваат милион и пол евра. Толку доби Елефсина, толку доби и Нови Сад, а толку доби и Кемниц… Дали Скопје ќе ги добие тие пари, зависи од низа критериуми, односно од евалуацијата на активностите што ги проценува посебна комисија. Еден од главните критериуми е формирање некакво управно тело што (ќе) ја води целата организација.
И, секако, во тоа тело треба да бидат грамадни луѓе, луѓе со визија што ќе оди малку подалеку од „Мичуринските средби“ или од „Илинденскиот марш“. Да се разбереме, немам ништо против овие манифестации, иако немам ни нешто многу за нив. Само, ете, мислам, не се тоа баш тие вредности со кои ќе ја „заслепиме“ Европа.
Иако, наводно, постои некое такво тело, дури колку што разбрав имаат и свои, главно затворени канцеларии, во некоја катна гаража, најмалку што можам да кажам е дека тоа тело е прилично нејасно дефинирано. Барем не кај мене, да не кажам во очите на јавноста. Нема(м) информации што работат, дали работат нешто и што е воопшто идејата да се прави со оваа европска титула.
Изгледа дека тие милион и пол евра не се некој предизвик за Скопје. Се чини дека тоа го знаат и партиите, па не се активираат нешто премногу околу ова прашање. Премали се тие пари за посериозна трансформација! И премали се за сите оние што треба да се „вградат“ во нив.
Она што не го знаат е дека културата не е само творештво и инфраструктура, туку начин на размислување и социјална интеракција. Без култура, нема ни култивирано општество. Затоа, пак, има евтини предизборни пакетчиња, кои веројатно севкупно чинат токму колку европските средства за културната престолнина. Или можеби и повеќе.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија