Како од релативно чиста ситуација – да постигне гол, опозицијата заврши со автогол? Одговорот не е во „киднапирањето“ на Кастриот Реџепи (тоа е последица), туку во фактот што опозицијата дозволи да биде киднапиран и монополизиран наративот за силите што ги движат евроинтеграциските процеси напред (силите на прогресот) и тие што ја враќаат земјата во изолација (силите на злото).
Споредбата е груба, несоодветна за реалните состојби, но ВМРO-ДПМНЕ со чинење и нечинење, најмногу помогна да му даде легитимитет на тој наратив. Како? И покрај тоа што интеграцијата во ЕУ е надворешно-политички приоритет и на ВМРО-ДПМНЕ, партијата дозволи (и не спречи) нејзини советници по изборите да се заиграат со „играчката“ што програмски ѝ припаѓа на Левица.
На најтежок испит ќе биде власта. Тоа што сега се протна низ иглени уши, не значи дека добила гаранција за спокој и дека ќе биде толерирано „терањето по старо“
По примeрот на советниците од Левица, и тие тргнаа да го „ревидираат“ Преспанскиот договор на локално ниво преку свечени советнички изјави. Мицкоски како да ги преспа раните предупредувања од Атина и од меѓународната заедница на таа тема. Уште полошо е ако свесно ги игнорирал.
Кога му беше дофрлена топка за излез од таа магла, со потсетување дека и Нова демократија како опозиција била против договорот, ама кога дошла на власт се обврзала дека го почитува (pacta sunt servanda), наместо децидно да потврди дека тоа е завршена работа, тој повторно остави простор за двосмисленост. Рече дека за него Преспанскиот договор е реалност, и наместо да стави точка по таа реченица, продолжи со две „но“: но, дека тој нема да ја употребува придавката Северна, но и дека „ќе продолжат да работат еден ден кога ќе имаат можност, кога ќе седнат заедно со нивните партнери на истата маса, да ја исправат таа и сите грешки што се резултат на таа реалност“.
И додека опозицијата, постизборната вода популистички ја насочуваше кон една воденица – дека СДСМ и Заев ги изедначуваат граѓаните/гласачи за опозицијата со „зло“, не сфатија кон која воденица вистински е насочена таа вода – кон Вашингтон и Брисел, политичките центри кои потрошија многу време, напори и кадровски ресурси за да помогнат во постигнувањето на Преспанскиот договор.
На САД и ЕУ не им е битно дали премиерот се вика Зоран или Христијан, сѐ додека течат процесите што водат кон добрососедство, стабилност и интеграција на регионот. Но, ако добијат сигнали дека некој ја мати преспанската вода уште на локално ниво, секако дека ќе се заинтересираат за опасноста тоа да се пренесе и на централно ниво.
Мицкоски со својата потврда на „реалноста“ на Преспанскиот и со двојното „но“, не им остави сигнал за предвидлив континуитет, туку сомнеж за политичка непредвидливост. Во време кога Заев се повлече од јавноста, овој пропуст на Мицкоски со раширени раце го дочека Ахмети.
Веднаш по најавеното опозициско мнозинство од 61 пратеник, тој најави дека „состојбата создадена со оставката на премиерот ја менаџираат преку интензивен контакт со сите страни, со исклучок на тие што ги негираат Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство, НАТО, ЕУ, Република Косово и албанскиот јазик и дека за актуелните случувања е во контакт и координација со стратешките партнери, САД, НАТО и ЕУ“.
И не морал многу да објаснува за најавеното опозициско мнозинство, бидејќи веќе стигнуваа голем број странски пораки за загриженост околу иднината на Преспанскиот договор при евентуално изменети политички сили, до толку – што дури и непопустливата Бугарија целосно го намали тонот околу ветото.
Ако партиите во албанскиот опозициски блок со години се соочуваа со монополизирање на придобивките од Охридскиот договор од страна на ДУИ, наместо ВМРО-ДПМНЕ да извлече поука од тоа искуство, самата подари аргументи и евроинтеграцискиот курс да се монополизира како ексклузивна програмска заложба на СДСМ и ДУИ, а тоа да резултира и со „пријателски совети“ и однадвор до пратеници/групи.
Со тоа, партијата што најмногу ја затресе фотелјата на премиерот и на нејзиниот најголем коалициски партнер ДУИ, (ин)директно придонесе истите да ги стабилизира.
Втората опасност што демне зад аголот, е доколку ВМРО-ДПМНЕ сега подлегне на уште една „играчка“ на Левица – повикот за радикализација на состојбата
Втората опасност што демне зад аголот, е доколку ВМРО-ДПМНЕ сега подлегне на уште една „играчка“ на Левица – повикот за радикализација на состојбата. Со тоа само би ја потврдиле тезата на власта дека опозицијата работи на „враќање назад и рушење на постигнатото во однос на стратешките интереси на земјата“.
Напротив, опозицијата што побргу мора да ги поправи грешките направени непосредно по локалните избори, да се збогува со наивни популистички потези, внимателно да ги чита знаците покрај патот, да се вклучи во поддршката за интеграциските процеси, да го демонополизира, но и да демаскира во која мера тој се (зло)употребува за да се покријат други процеси што се далеку од европските вредности – селективна битка со криминал, корупција, селективна правда, клиентелизам…
Но, треба да биде свесна дека секој нејзин чекор сега ќе биде детално проверуван и низ локалните политики – дали тоа што го критикува на централно, го практикува на локално ниво.
На најтежок испит ќе биде власта. Тоа што сега се протна низ иглени уши, не значи дека добила гаранција за спокој и дека ќе биде толерирано „терањето по старо“. Граѓаните се заинтересирани за големата слика (напредокот во интеграциите), но најмногу за малата – секојдневието во кое сметките не се плаќаат со ветувања, ниту со нив се купува леб.
А следните избори бргу ќе дојдат, дури и да се редовни. Ќе решава и големата, но уште повеќе малата слика, на малите животи, на малите граѓани. Властите ќе добијат шанса само ако дотогаш овозможат големи промени на внатрешен план – оние што ги ветија, а не ги реализираа досега. Темелна реконструкција е само прв чекор.