Додека оркестарот на бродот свири, зад грбот на капетанот пратеници доставуваат признанија со колку илјади евра е условена нивната лојалност во Парламантот, а судии собираат докази колку од дивото прислушкување пост фестум треба да биде покриено со налози: каменот навистина доаѓал од блиску!
Иако јавно беше соочен со сознанија кои недосмислено кажуваат дека неговиот недемократски режим е демаскиран и однатре и однадвор, Груевски, во време кога од него се очекуваше да покаже макар минимум одговорност, го избра најпогубниот чекор за земјата – да оди „до крај“ со истата политика што државата ја донесе пред амбис. Со наредбата издадена до оркестарот – тој и натаму да свири како сѐ да е во ред, а министрите насмеани да танцуваат по остатоците од руинираната палуба на македонскиот „Титаник“, тој лично го увери целиот демократски свет дека на земјава ѝ треба многу повеќе од итна помош. Се самопрепорача за подлабока интервенција. Ќе го оставам настрана срамот од фактот дека Парламентот на една европска земја расправаше за „случајот Македонија“, не со помала загриженост од расправата за Сирија.
Да немате дилема дека на масата пред тие пратеници стојат стотици релевантни извештаи за состојбите во Македонија, уште попикантни од аудио-снимките. И кога некоја од нивните оценки потоа, премиерот со неподнослива леснотија ќе искоментира со зборовите „веројатно пратеникот не бил добро информиран“, испраќа јасна порака дека и натаму не е подготвен да се соочи со реалноста. Дека не дозволува градење оценки за него, надвор од оние што ги продуцира неговото Министерство на вистината, а ги дистрибуираат медиумите кои се негови експозитури.
Претпоставувам дека кога некој германски пратеник вели оти приказната за странски служби во прислушкувањето „е евтино правдање, со кое со сила се барат непријатели во странство“, веројатно тоа не го кажува случајно или како израз на неинформираност. Колку за потсетување, „неинформираниот“ пратеник Јосип Јуратовиќ е еден од најчестите посетители на Македонија – и лани и во годините претходно. Не поминаа ни три недели од неговата последна посета на Македонија, кога со уште неколку пратеници оствари серија официјални средби во земјава. Ако е „проблемот“ тоа што доаѓа од несестринска партија, тогаш можеби подобро информиран е Клаус Бремих, пратеник од сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, владејачката ЦДУ, кој децидно изјави: „Авторитарниот курс на Владата ја загрозува интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО!“
Можеби и Бремих е „неинформиран“, особено за ова, околу авторитарноста? Но, во секој случај, подобро е информиран од Груевски кој во моментов не знае какви процеси му се одвиваат зад грбот, од истите луѓе кои имаат задача да му стојат зад премиерскиот грб како потврда за сликата што тој ја распродава пред граѓаните – идила за монолитност и нормалност.
Но, реалноста е поинаква. Пратеници веќе доставуваат признанија на каков начин и со колку илјади евра е условена нивната лојалност во Парламантот – со детали, бројки и фотографии. Со точен тајминг во колку часот пред истекот на крајниот рок за доставување на изборните листи мораат да потпишат меници и да донесат гарант за меницата. Објаснуваат каде се чуваат тие и кога може да биде активирана бланко оставка. Тоа не е сѐ. Судии собираат докази за тоа што се бара од нив – колку од дивото, незаконско прислушкување пост фестум да биде покриено со налози; кој им го бара тоа; за колку случаи; за антидатирање на документи итн.
Трето, содржината на разговорите, која ја покажува анатомијата на севкупниот систем, а која Груевски се обидува да ја сведе само на ниво на „незаконски стекнат материјал“, ќе игра огромна улога во натамошните и политички и правни процеси. Правни експертски тимови анализираат и колку трансформации доживеаја изјавите на Груевски од денот кога ја информираше јавноста за случајот „Пуч“ до денес? Колку неговото објаснување кореспондираше со соопштението на МВР? Колку докази обезбедени со ПИМ мерки истекоа надвор и зошто? Колку во старт е искомпромитиран целиот процес? Па, кога еден ден ќе биде одреден странски „правен мониторинг“ или „правна помош“, тие нема да дојдат како „неинформирани“ туку со целосно скенирана слика за нашето судство, со многу правни и процедурални прашања на кои обвинителот ќе треба да им одговори, откако претходно ги премолчи пред домашната јавност. А ќе има многу незгодни прашања.
На дневен ред ќе бидат и медиумите кои спроведуваат убиство на вистината со позајмен нож од власта. Медиумски експерти ги анализираат сите владини спинови и пропаганди со кои се ограничува правото на граѓаните на објективно информирање.
Посебна приказна е МРТВ заради улогата што треба да ја има во општеството, а е киднапирана од владејачката партија. А главното прашање е – зошто Владата и натаму форсира медиумски манипулации во своја заштита и за свои потреби, а на штета на јавниот интерес?
Претставниците на меѓународната заедница веќе не зборуваат за ова во ракавици. Не случајно, амбасадорот на САД во ОБСЕ, во Виена, Даниел Баер, изјавата ја адресира исклучиво до власта/ Владата: „Ги повикуваме властите да ја покажат својата посветеност на владеењето на правото, почитување на слободата на изразување, како и интегритетот на демократските процеси во Македонија. Ги нотираме сериозните обвинувања кои ги доведуваат во прашање независноста на медиумите и на судството, како и почитта за другите основни демократски вредности кои Владата на Република Македонија се обврза да ги заштити и да ги почитува. Ние сме загрижени за непримерното владино влијание на медиумското покривање за сегашната ситуација и како тоа може да ја ограничи дебатата за прашања од јавен интерес. Природата на овие проблеми бара итно внимание од страна на властите на Македонија – нејзините граѓани го заслужуваат и не треба да бараат помалку“.
Од четири реченици, во три е прозвана власта. Нормално. По девет години на власт и драматично назадување во сите процеси, Груевски не може да очекува дека меѓународната заедница и натаму ќе замижува пред спроведувањето на политики кои немаат врска со декларираните вредности кон кои се стреми државата. Ни Д од демократија, ни П од правна држава, ни С од слободни медиуми.
Секој политичар кој барем малку држи до своето достоинство, досега ќе разбереше што сакаат да му кажат, без да го навредат. И наместо да се соочи со критиките и да преземе чекори кои ќе ја лоцираат и операционализираат одговорноста за тоа, Груевски кукавички се позиционира како статуа на Буда. Седна на постаментот и си нарача камери кои 24/7 ќе ја регистрираат неговата наводна посветеност за државата, повторувајќи иста мантра и партиска тантра. Со тоа, освен што се препорача како соговорник со кој тешко дека некој ќе се разбере, а уште помалку ќе воспостави дијалог, со своите потези и најдиректно ги легализираше сите причини што ги наведе опозицијата за нејзиното речиси двегодишно отсуство од Парламентот.
Она што одамна е познато, е дека најбрзиот пат до личниот пораз е кога егото е поголемо од рациото. Груевски секој ден со сѐ покрупни чекори се ближи кон својот пораз, носен од егото и суетата на својата замислена непобедливост. Пропагандата која ја избра да биде негово најголемо оружеј, незапирливо го носи кон најголемиот пораз. Како што се вели, „Со свој камен, по своја глава“. Притоа, не треба да биде изненаден, ни разочаран, ако се увери во она што го тврдел и неговиот братучед – дека „каменот доаѓа од блиску, а не од далеку“.
Но, тоа се работи кои ќе си ги разговараат во фамилијата. Она што граѓаните ги загрижува е што ќе биде со државата.
Отсуството на активности во таа насока, проследено со натамошно с’скање на медиумите, со кулминација на владината пропаганда која ги зголемува поделбите во општеството и со диригирање на судско-обвинителските постапки, Груевски ја исцрта траекторијата на неговото предвидливо движење. А таа е во целосно спротивна насока од онаа во која треба да се движи државата. Ако дојдеме до точката на целосно разминување, време е за разделба. Некој ќе мора да си оди.