Нема некој што не видел како се изведува Хајмлихов зафат. Од 1974 година, кога доктор Хенри Хајмлих за првпат го опишал овој спасувачки маневар, до денес тој се употребува речиси во секоја неприлика, кога некое лице се задушува од пречки во горните дишни патишта – од предмет или од заглавена цврста храна.
Лицето што помага треба да биде позиционирано зад грбот на „пациентот“ и со рацете да притиска врз дното на дијафрагмата, што ќе ги компресира белите дробови и ќе врши притисок предметот да биде исфрлен.
Хајмлиховиот зафат е виден во многу филмови, прославен во многу ресторани, станал причина за нови пријателства. Истовремено, зафатот бара внимателност, бидејќи при помагањето може да настрадаат ребрата.
Tоа што не го направиле партиите во својот двор за црнолисташите, тоа што не го направиле обвинителствата и судовите, се планира да биде супституирано со законски измени за рестриктивни мерки
На овој зафат ме потсети владината дискусија околу предлогот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки. Целта е позната – лицата од т.н. црни листи на нашите стратегиски партнери, да се процесираат и дома.
За волја на вистината, таков порив не беше почувствуван до денес, иако македонски граѓани одамна се на неславните листи. Дури и во последниве две години, кога таа листа почна да расте, ниту еден правосуден орган или институција не се заинтересираа, ниту се обратија до соодветните институции во САД за да побараат споделување на доказите поради кои тие лица од Македонија се ставени на црната листа.
Тоа не е побарано ни за одамнешните, ниту за „новите“ случаи од април 2022 – Никола Груевски и Сашо Мијалков, ниту за ланските – Рамиз Мерко, Јордан Камчев, Сергеј Самсоненко и членови на нивите семјества. За отворање постапки за нив во земјава, воопшто и не помислија. Бидејќи и оние што дотогаш ги имаше, си чмаеја во фиоки.
Се сеќавате колкава врева се крена за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко? Се вршеше надзор врз предметите за него, обвинителството по увидот кажа дека е запишан за 30 кривични дела, половина од постапките веќе беа застареле, а по сила на измените на Кривичниот законик, тој се спаси од преостанати истраги за корупција.
Тој не беше санкциониран дури ни во матичната партија ДУИ. На барање на Мерко (а не на ДУИ), нему му беше замрзнато членството во Централното претседателство и во Генералниот совет. Но, и тоа се покажа како шеќерна водичка за јавноста, бидејќи камерите го покажаа на партиски настан како радо виден член на партиското семејство.
И сега, тоа што не го направиле партиите во својот двор за црнолисташите, тоа што не го направиле обвинителствата и судовите, се планира да биде супституирано со законски измени за рестриктивни мерки.
А со нив, владата ќе одлучува за воведување рестриктивни мерки за случаи на корупција и криминал врз основа на основи за сомневање. И врз основа на основи на сомневање за корупција и криминал може да се воведе замрзнување имот на определено физичко или правно лице. Според информацијата за предложените измени и дополнувања што протече во јавноста, предвидената постапка е сосема изместена од коритото.
Практично, тоа што сега се предлага е Хајмлихов зафат, во кој притисокот врз македонската дијафрагма ќе го врши извршната власт. Таа ќе ја исфрла „коската од грло“. Без постапка, без правосилна пресуда, тоа значи дека ќе страдаат ребрата на судската власт и дека ќе остане сомнеж за злоупотреба на рестриктивните мерки за политички цели.
Повеќе мириса на стратегија со која ќе се манифестира порака до стратегиските партнери – ете, ние се трудевме, ама правната фела критикува, јавноста не прифаќа
Очигледно, правилото број 1 кај нас гласи – сѐ што можеш да направиш едноставно, замени го со нешто сложено, до степен да биде неприменливо. Направи го да биде спротивно на Конвенцијата за човекови права, на правото за правично судење, да создаде смут…
Тешко е за верување дека тоа е направено од незнаење, случајност, превид. Повеќе мириса на стратегија со која ќе се манифестира порака до стратегиските партнери – ете, ние се трудевме, ама правната фела критикува, јавноста не прифаќа. И волкот сит, и овците на број.
Ме изненади загриженоста на правниците дека такво нешто може помине. Дали некој навистина верува дека тоа ќе може да помине за да се примени? Дека на Мерко, или на оној што се залагаа да биде вратен, или на оној што му се оддолжуваат за Преспанскиот договор, ќе им биде замрзнат имот? Или дека е „случајно“ тоа што во измените не е одредено кој ќе определува кој имот треба да биде предмет на рестриктивни мерки. Ништо не е случајно. Сите дупки неслучајно се оставени да се прикрие намерата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија