Фактот што повеќе од четвртина век избираме, секој следен пат, сѐ покорумпирани и понеспособни лидери, зборува најмалку за нив. Оваа упорна издржливост на корупцијата, некомпетентноста и авторитарните тенденции често открива повеќе за македонскиот народ и електорат, односно за нашите вредности, фрустрации, стравови и системот што го толерираме, отколку за некакви внатрешни квалитети или мани на носителите на јавни функции.
Со други зборови, не е чудо што постојат лидери, како Мицкоски, Вучиќ, Орбан, Нетанјаху или Трамп, туку што тие се избираат повторно и повторно, во свет што не успева да погледне подалеку од квази-харизматичните и сомнително богати мајстори на злосторствата и корупцијата.
Има нешто вредно за набљудување во народ, кој истовремено не престанува да се исмева над глупавоста и невештите лаги на политичарите, кои подоцна повторно ги гласа. Можете бесконечно да им се смеете на лидерите на политичките партии на Фејсбук, ама на денот по изборите, тие се оние што последни се смеат.
Знаат, или во меѓувреме дознаваат, и Мицкоски и министрите околу него дека лагите и изговорите веќе не им проаѓаат… Тие повеќе не се надеваат на нашата глупавост или неинформираност. Тие сега играат на картата на нашата издржливост
Некогаш владееше претпоставката дека народот е толку неинформиран и изманипулиран што тешко може да ги разобличи системските измами, односно дека луѓето се лесна мета за „обработка“. Денес, тешко дека овие политичари можат да се надеваат на тоа. Знаат, или во меѓувреме дознаваат, и Мицкоски и министрите околу него дека лагите и изговорите веќе не им проаѓаат, дека се провидни нивните иницијативи, дека се празни нивните зборови.
Тие повеќе не се надеваат на нашата глупавост или неинформираност. Тие сега играат на картата на нашата издржливост. Да издржиме во толеранцијата на неправдите, уништувањето и осиромашувањето. Се крстат во нашата апатичност, замор и безнадежност. Друго објаснување за овој циркус маскиран во владеење јас немам.
Постојат ли уште луѓе што му веруваат на Мицкоски кога ни тврди дека проблемите што нè задушуваат не се реалност, туку хибридни напади од завидливи центри на моќ, наводно љубоморни на нашите успеси? Има ли еден жител што смета дека неговата општина е управувана на скандинавски начин? Каде се тие луѓе што сметаат дека сме вредни да ни бидат љубоморни и да ни завидуваат на нашиот живот во Македонија?
Не знам кому се обраќа мојот премиер, но гледам дека тој е влезен во филм, дека има своја замислена публика, која истовремено му се воодушевува и го сожалува. Повторно имаме влада што е жртва на сопствениот спектакл, заиграна во сопствената претстава, со публика која истовремено е и разочарана и аплаудира во полн сјај.
Додека Македонија гори, Скопје се задушува во токсини и во ѓубре, а црната хроника е полна и ја доминира јавната сфера, нашиот премиер глуми жртва на внатрешни и надворешни центри на моќ, министерот за внатрешни работи пишува магистерска, а претседателката едвај го напушти Охрид за да замине во Њујорк да се слика со Трамп и Меланија.
Ако во 2022 година, во Македонија биле пропишани над милион и половина пакувања „дијазепам“, тогаш денес сигурно ни се потребни двојно повеќе за да можеме да ја поднесеме реалноста. Дајте и нешто појако зашто ни „дијазепамот“ не удира веќе како порано.
Ни треба нешто силно, нешто, не само што зашеметува и умртвува, туку може и да поддржи параноидни халуцинации, како оние за љубоморните странски центри на моќ, меланхолични депресии, како онаа за навредениот премиер, на кого наводно родителите на починатите деца од Кочани му прават мемиња на интернет или анксиозни растројства предизвикани од расизмот при обвинување на Ромите за екоцидот што ни се случува.
Како што поминува времето, така „големите“ теми полека се трошат, па од помпезни хибридни војни, за скоро ќе спаднеме на свечени отворања на чешми
Додајте на оваа наша мала лудница и апетисани во вредност од 180 илјади евра, кои Службата за општи и заеднички работи на Владата ги набави за тековната година и ќе сфатите дека не ни е баш на сите лошо тука.
Оние што имаат можност да си ги намрсат прстињата во печени бадеми и фстаци, немаат зошто да бидат скептични, ним реално и има кој да им љубомори. Ако сте обична млада девојка, како Росица од Велес, можете да пријавувате насилство десетици пати додека на крај не бидете убиена од човекот кого го пријавувате.
Ама, ако сте од нивните, како градоначалникот на Неготино, тогаш човекот што ви се заканувал на Фејсбук, веќе е во притвор. Тоа и не е така лошо зашто отвора слободно време за министерот Тошковски да работи на својата магистерска теза.
Па, каков е тој народ што разбира, ама не презема ништо? Ако се согласиме дека заврши ерата на лековерни гласачи, тогаш овој нов електорат претставува маса од луѓе што се заробени во циклуси на разочарување, резигнација и преживувачки прагматизам. Кога тие ни ја напаѓаат интелигенцијата, тогаш ние ги намалуваме очекувањата.
Како што поминува времето, така „големите“ теми полека се трошат, па од помпезни хибридни војни, за скоро ќе спаднеме на свечени отворања на чешми. По сѐ изгледа, ќе ни треба малку повеќе „дијазепам“, ќе треба повеќе послушност и тишина, зашто да не заборавиме на приоритетите, сепак некој ќе треба да пишува и докторат.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија