И зборот убива

Не сум прочитала книга од Хандке. Не е добро, без оглед што денес некои тоа го сметаат за предност. Имам олеснителна околност за пропустот – тој ме одврати да го читам. Можеби сѐ ќе беше поинаку, ако го запознаев преку неговите рани дела. 

За (не)среќа, мојата прва средба со Хандке се случи на страници на српски медиум, каде што во продолженија се објавуваа негови есеи, меѓу кои и фрагменти од „Зимско патување по Дунав, Сава Морава и Дрина или правда за Србија“, (подоцна дополнето со „Летен додаток на зимското патување“). 

Повеќето читатели може да се уловат на книжевната естетика со која се раскажани неговите патнички искуства. Но, на оние кои се од Балканот, повеќе внимание ќе им предизвика „лесната аналитика“, како што самиот го дефинира „гарнирот“ што го додава на тие патувачки искуства. 

Практично, сѐ наликува на добро спакуван сендвич: две лепчиња книжевна естетика, а меѓу нив мала подвала – еднодимензионален и пристрасен политички ракурс, кој може да помине само кај читатели кои немаат никакво предзнаење за регионов и настаните во него. 

Маскирањето и играњето со главната поента зад патувачката нарација е она што иритира, но не помалку и арогантниот став за длабоко „владеење“ со темата и регионот. Доволно, за да речеш – батали, не читам импровизирани имитации, по оригиналот што го имавме пред очи за сите тие настани. 

Многу слично како што Кустурица си најде инспирација во ромската егзотика, така Хандке си обезбеди српски сокак во кој секогаш ќе има добра доволно литературна слава, добра ракија и тазе прасечко во чест на еднодимензионалните очила низ кои ја гледа и толкува приказната. 

Како што мудро забележува Светлана Слапшак („Пешчаник“), се работи за „страст да се искористи распадот на Југославија зa успон кон славата – таква каква што веќе зграбија француските автори од генерацијата на Хандке: Бернар Анри Леви, кој ја избра Босна, и Ален Финкелкрот, кој ја избра Хрватска. На Хандке му остана Србија“. 

Околу повиците да се гледа одвоено на политичкото од литературното, да се одвои делото од хабитусот на писателот, таа вели: „Војната во Југославија барем во тоа воведе некој ред: дека писателот e oдговорен за своето дело, и дека и зборовите убиваат. Тоа важи и за Хандке“. 

Како што Кустурица си најде инспирација во ромската егзотика, така Хандке си обезбеди српски сокак во кој секогаш ќе има добра доволно литературна слава, добра ракија и тазе прасечко во чест на еднодимензионалните очила низ кои ја гледа и толкува приказната

Тоа важи за сите. Зборот може да убие, да повреди, да подели и да се вмеша во внатрешните работи на една земја. Токму последново го направи српскиот претседател Александар Вучиќ, откако македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, на Твитер порача „Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот“ и објави дека го советувал македонскиот амбасадор во Шведска да ја бојкотира церомонијата на која на Хандке требаше да му биде доделена Нобеловата награда за литература.

Вучиќ со видлива нервоза експресно упати порака до македонската влада.

„Нека си ја гледаат својата работа, но со бојкотот им покажаа на Србите во Северна Македонија како и за кого да се определат и за кого треба да гласаат. Мислам дека нивниот проблем (на Владата во С. Македонија – н.з.) е многу поголем отколку нашиот“, порача тој. 

Најдиректната порака на Вучиќ до Србите во земјава е на изборите да гласаат за опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Не се огласи ни МНР, ни владата за ваквото мешање во внатрешните работи во земјава. 

А замислете да беше обратно, ако нашите власти јавно им порачуваа на Македонците во Србија за кого да гласаат на избори? Па, имаше Дачиќ цел месец да „пее“ протестни ноти од Белград до Скопје. 

Во име на добрососедските односи, власта честопати неоправдано подзамижува на некои нешта за кои промптно треба да реагира. Но, освен власта, ме фрапира што и опозицијата молчи

Во име на добрососедските односи, власта честопати неоправдано подзамижува на некои нешта за кои промптно треба да реагира. Но, освен власта, ме фрапира што и опозицијата молчи. 

Со повикот на Вучиќ дека „Србите во Северна Македонија ќе знаат за кого треба да гласаат“, тој не ѝ прави чест на нашата опозиција. Напротив, ја сместува во ист ред со српските поддржувачи (и на молкот на Хандке), но и на неговото и нивно разбирање за политиките на Милошевиќ, кои предизвикаа толку жртви. 

Тоа е многу непријатна позиција за нашата опозиција. Сакајќи да им направи комплимент, им предизвика штета. Ако од ВМРО-ДПМНЕ тоа не го гледаат, ако дозволат да бидат третирани како задгранични пријатели на „таа политика“, се согласувам со Вучиќ дека не само нашата влада, туку и целото општество ќе има проблем многу поголем од нивниот, кој и да е тој.