Регион

Нобеловата награда на Хандке: Карика во ланецот на негирање на геноцидот

Доделувањето на Нобеловата награда на Питер Хандке, е само дел од пошироката појава на негирање на злосторствата во Босна и Херцеговина

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Нивната задача беше неверојатно опасна, а сепак Хандке ги нарече овие новинари „орда“, и сугерираше дека тие фабрикуваат приказни. А странските новинари одиграа клучна улога во ширењето на сознанијата за ужасите што се случуваа во БиХ. Нивното известување беше клучно за генерирање на политичка волја, која во 1995 година доведе до интервенцијата на НАТО и до ставање крај на војната.

Како истражувач на геноцидот во БиХ, јас веќе долго бев свесна за дискурсот на неговото негирање во западните научни кругови. Иако е ова став на малцинството, сепак, тој, во очите на некои издавачи и организатори на конференции, се смета за „легитимен“. Така, во неколку наврати, и самата на маса сум седела спроти негатори на геноцидот, а се случувало, на некој од нив, мојот издавач да им испрати и мои текстови на рецензија.

Да бидеме јасни, меѓу овие луѓе малкумина се блатантни и гласни негатори како Хандке; и колку што знам, никој од нив не присуствувал, а камоли одржал говор на погребот на Слободан Милошевиќ, како што тоа го направи Хандке во 2006 година.

Дискурсот на негаторите, со кои се соочував во текот на годините,  обично беше дел од аргументот за рамнотежа, дека „ниту една страна не е невина“, дека „ако сите се виновни, никој не може да биде исклучиво виновен“,„ние одбиваме да заземеме страни“ и „ние сакаме да бидеме објективни“.

Но, обично, како што се одвиваат нашите дискусии, многумина се обидуваат да ѝ дадат приоритет на идејата дека Милошевиќ, Радован Караџиќ, Ратко Младиќ и целиот српски воен и политички естаблишмент, не биле мотивирани од омразата кон босанските муслимани или босанските Хрвати, туку од нивната љубов кон Србите и нивната должност да ги заштитат. „Значи, геноцидот врз босанските муслимани беше само колатерална штета при изразувањето на таа љубов?“, прашав еден од нив во една пригода.

Без оглед на аргументите на негаторите, тие сите сметаат дека војната во БиХ била граѓанска, а не непропорционална српска агресија и војна против цивилите. Тие негираат дека постоел план за убивање и присилно раселување на босанските муслимани и на босанските Хрвати, од териториите за кои се сметало дека исклучиво им припаѓаат на Србите.

Според тоа, нивното размислување е дека секое злосторство сторено во војната, е нуспојава на неконтролиран граѓански конфликт. И, секако, како и Хандке, скоро сите ја осудија улогата на Западот и бомбардирањето на НАТО, настан, што во очите на негаторите, Србите ги направи вистинските жртви.

Еден од најстрашните елементи на негирањето на геноцидот е тврдењето дека Армијата на Босна и Херцеговина (АБИХ), го гаѓала својот народ. Хандке е меѓу оние кои сугерираат дека ова е вистина.

Вакви ставови сè уште можат да се прочитаа, дури и во трудови на респектирани западни научници. Навистина, откако една војна ќе заврши, започнува друга – војната околу доминантниот наратив на конфликтот. Во овој случај, на „пазарот на идеи“, наративот за негирање е толку истакнат, што понекогаш служи како информација за реторички и историски перспективи на други истражувачи на геноцидот.

На пример, неодамна бев шокирана кога ме замолија да разгледам ракопис на еден истакнат колега, кој најнормално тврдеше дека на муслиманите во Сараево пукало „нивното раководство“.

Имаше моменти кога на аргументите од ваков вид реагирав емотивно и кога тие ме вознемируваа. Меѓутоа, со текот на времето, како што се зголемуваше бројот на пресуди на Хашкиот трибунал, многу негатори на геноцидот, станаа помалку смели и почнаа да изнесуваа посуптилни аргументи. Многумина дури и изненадувачки признаа дека злосторствата извршени од страна на Војската на Република Српска, во јули 1995 година, над Бошњаците од Сребреница, претставуваат геноцид.

Како и да е, негаторите продолжија да го карактеризираат геноцидот во Сребреница, како што еден нашироко цитиран автор го нарече, како „непредвидлива кампања на етничко чистење“, наместо како систематска кампања на геноцид.

Воената документација дава непобитни докази

Местото на кое што се закопани жртвите од Сребреница. Фото: Викимедиа; Мајкл Букер

 Почнав да сфаќам дека многу од негаторите немаат искуство од прва рака, кога станува збор за БиХ. Тие не истражувале на терен, не ги испитувале примарните извори, а на многумина генерално влијаела и српската пропаганда или исламофобијата.

Некои, пак, го поврзуваат Милошевиќ со левичарската идеологија или едноставно, ѝ се приклонуваат на српската „страна“ во војната,  затоа што се против западната интервенција. Затоа, сфатив дека цитирањето на исказите на жртвите на геноцидот, или презентирањето на моите толкувања на релевантните воени политички контексти, е неефикасен пристап за промена на перспективата на негаторите на геноцидот.

Покрај тоа, првото е емотивно предизвикувачки за мене, а второто обезбедува платформа за дебата што ја нарушува таа дискусија. Така, во еден момент, започнав да се вооружувам со документација потврдена од Хашкиот трибунал, чија автентичност не ја спореа ниту адвокатите на српските воени злосторници; со други зборови, документација што ја создавале самите сторители  на геноцидот, како што се записници од седници на Собранието и состаноци на високо ниво, пишани воени наредби и детални воени и политички планови.

Овие документи се доказ дека геноцидот врз босанските муслимани не бил планиран и спроведен само под будното око на Милошевиќ, Караџиќ и Младиќ, туку и со целосно знаење и учество на поширокиот политички круг, на безбедносниот сектор и на воените актери во Пале и во Белград.

Секогаш кога разговорот на тркалезните маси или конференции се движи кон реториката за „неконтролирана граѓанска војна“ или „сложеност на докажувањето на геноцидната намера“, јас го извлекувам купот документи за да ги цитирам зборовите на осудените извршители на геноцид, користејќи ги нивните лични зборови и разговори, како поддршка на моите аргументи. И овој пристап обично функционира.

Меѓу тие документи е и транскриптот од седницата на Собранието на Република Српска, од мај 1992 година, на која Младиќ експлицитно изјави дека стратешките цели на Србите не можат да се спроведат без геноцид.

„Ние не можеме да исчистиме, ниту може да имаме решето за да просееме и да останат само Срби или Србите да поминат низ ситото, а остатокот да замине“, рече тој, предупредувајќи дека единствениот начин да се постигне ова е „геноцид“.

Младиќ даде јасни упатства и за пропагадната стратегија: „Ние не смееме да кажеме дека ќе го уништиме Сараево … Нема да кажеме дека ќе урнеме далновод или дека ќе ја исклучиме водата, не, затоа што тоа ја крева Америка на нозе, но господа, ние ве молиме, сѐ е во ред, еден ден нема вода во цело Сараево. Што е, не знаеме … Затоа, мора мудро да му соопштиме на светот – тие гаѓаа. Го погодија далноводот и снема електрична енергија, гаѓаа објекти за снабдување … Тоа е таа дипломатија“.

Негирањето на геноцидот не е подобро од „лажните вести“. Но, како и со лажните вести, можеме да му се спротивставиме со факти; во случајот со геноцидот во БиХ, нема подобро место за наоѓање на фактите, од архивите на Хашкиот трибунал.

Вознемирувачки е што членовите на Нобеловиот комитет не ги разгледувале овие архиви, туку се потпирале на теоријата на заговор. Но, вистината е дека нивната негрижа и лошата проценкам го привлекоа вниманието на јавноста, на глобално ниво.

Можеби сум оптимист, но имам чувство дека можеби Нобеловата награда на Хандке е лоша вест за негаторите на геноцидот.

Всушност, вниманието што сега е насочено на Нобеловата награда на Хандке, може да ја отстрани сенката фрлена врз вистината.

Edina Becirevic е професорка на Универзитетот во Сараево и автор на книгата „На Дрина геноцид“ (Yale University Press, 2014).
Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторите и не ги одразуваат ставовите на БИРН.