Немаше спас, опасно беше. Кад погледнамо одозгора – иде Дунав! Искочисмо надвор на своју храброст и вољу. Ризик јак, мила душа. И да погинеш, колку можеш ќе се спасиш.
(славен оксиморон од македонската народна „мудрост“)
Ако се потврди дека унгарски дипломати во најмалку три земји (Албанија, Црна Гора, Србија), не исклучувајќи ја и Македонија, биле инволвирани во организацијата и логистиката на големиот транспорт на осудениот Никола Груевски од Скопје до Будимпешта, тоа ќе биде скандал од меѓународни размери.
Унгарските дипломати, кои работат по инструкции на нивната влада, секако знаат дека политички азил не им побарал само човекот „кој бил премиер повеќе од 10 години, и на кој од безбедносни причини унгарските власти му овозможиле да поднесе барање за азил и да биде сослушан во централата на Канцеларијата за имиграции и азил во Будимпешта“, како што соопштија од кабинетот на Орбан.
Кабинетот на Орбан, пред сѐ, требало да има предвид дека бившиот премиер сo десетгодишен стаж сега има нова „функција“: правосилно осудено лице кое избегало од Македонија пред да ги исцрпи сите правни лекови (во Врховниот суд и Европскиот суд за човекови права) и лице кое е обвинето во уште неколку други судски процеси за тешки кривични дела.
Кои се тие „безбедносни причини“ поради кои унгарските власти му овозможиле да поднесе барање за азил? Им кажал ли нивниот амбасадор во Скопје дека нивниот старо-нов штитеник во Македонија имаше шестчлено полициско обезбедување и дека влакно не му фалеше од главата?
Кои се тие „безбедносни причини“ поради кои унгарските власти му овозможиле да поднесе барање за азил? Им кажал ли нивниот амбасадор во Скопје дека нивниот старо-нов штитеник во Македонија имаше шестчлено полициско обезбедување и дека влакно не му фалеше од главата? Им кажал ли дека толку многу беше „прогонет“, што дури еднаш месечно имаше обврска да се јави во Судот, за разлика од други смртници кои тоа мора да го прават еднаш седмично.
Дури и не е сигурно дали илегално влегол во Албанија. Знае Груевски кој негов бизнис-партнер во изминатата деценија имаше „чудна моќ“ преку македонско-албанската граница да пренесува лица кои нема да бидат евидентиран во граничниот систем. Доволно е само да се таму соодветните луѓе во соодветната смена. Малку да замижат, и ете возилото и лицата поминале неевидентирано, а камерите (ако ги има), баш во тој момент не работат. Башка, може да снема струја или нешто слично.
Со смена на две постави на унгарски дипломатски персонал, (една во Албанија, друга во Црна Гора, Груевски влегол во Србија и според сведоштва првата пауза за кафе ја направил пред мотелот „Лукс“ пред Пријепоље, место каде што обично одмораат уморни возачи на шлепери и автобуси и мезат „лесковачка“ и златиборски кајмак.
Таму македонскиот „патриот“ како ескорт-дама бил предаден на трета тура унгарски дипломатски персонал дојден по него директно од Белград. Истрагата ќе покаже дали до Хоргош стигнал по автопат или со мистериозен приватен авион, кој свртел еден круг од Виена до Белград и од Белград до Будимпешта и сѐ уште стои вкотвен во тоа воздушно пристаниште.
Да си брат со Шешељ е многу голем комплимент. Исто и со Орбан. Но, чудни се патиштата на вмровскиот патриотизам
Хашкиот осуденик Војислав Шешељ веќе се пофали дека „нивниот брат Груевски преку Србија со четнички бајонети бил придружуван и обезбедуван сѐ до Хоргош“. Да си брат со Шешељ е многу голем комплимент. Исто и со Орбан. Но, чудни се патиштата на вмровскиот патриотизам. Едно е извесно: тоа што Груевски најверојатно бил заштитен и транспортиран како бела мечка со комплетна инволвираност на унгарски дипломатски службеници (да, и српски четници), на целото бегство му дава една многу поинаква слика и димензија. Бидејќи тој не тргнал таму „трбухом за крухом“ (нели немал никакви сметки во Македонија), туку „трбухом за азилом“ по пат целосно послан со унгарски рози.
И додека сите се прашуваат како Орбан од позиција на домаќин на кандидатот за азилант ќе ја правда оваа правна диверзија пред европското семејство, има многу индиции дека баш и не го интересира што ќе рече Брисел, туку една друга престолнина со која тој има повеќе заеднички вредности – Москва! Во тој контекст азилот за Груевски е потег „фрли рипче – фати крапче“.
Со Груевски растат проблемите на Орбан во ЕУ, но му растат и акциите. Зошто? Затоа што тој е внатрешниот човек на Москва во ЕУ. Преку пребегот на Груевски во Будимпешта се обезбедува простор за создавање нов балкански проблем, но и простор за уцени и условувања.
Како ќе реагира Унгарија, чиј парламент утре ќе треба да го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО? Може ли да одолжува, да игнорира, суптилно или отворено да блокира и тактизира? Може. На тој начин Орбан си обезбедува позиција за условувања и пазарење, доколку азилот на Груевски предизвика поголеми неприлики за Унгарија.
Значи, Груевски ќе биде самарот врз кој Орбан ќе си го јава инаетливото магаре, во заднинска спрега со Москва, која се радува на сите расположливи пречки за македонската интеграција во НАТО. Така што, ова нема да биде проблем само на релација Скопје – Будимпешта, туку проблем со „среден домет“ до Брисел и Вашингтон.
Груевски ќе си остане обична крпа употребена за реализација на тој план, одбран како нивен идеолошки, авторитарен и либерален истомисленик, со употребна вредност да заврши како евтин пион за туѓи игри. Ете тоа е „каузата“ на која ќе биде посветен поранешниот премиер. Не е тоа „faux pas“ во класична смисла, не е тоа несвесно промашување и погрешен чекор. Тоа е врвно предавство на земјата од страна на човекот, кој сѐ уште го храниме со пратеничка плата.
Тој ќе биде алатката за спроведување поширока диверзија врз интеграциските перспективи на Македонија, која до скоро ја нарекуваше татковина. А овие слепи „самуилови војници“, кои уште си го чуваат за почесен претседател, не гледаат дека иде Дунав и дека веќе се до гуша во… Сами нека си оценат во што.