Иди Грујо, и не окреќи се сине!

Колумна на Сашо Кокаланов

Уште еден доктор на науки ја напушти Македонија. Белата чума продолжува да ја коси нашата земја. Како да имаме милиони доктори по економски науки, па ете дозволуваме вака лесно да ни бегаат високообразовани кадри, и тоа во моментите кога треба со темелни реформи да ја оправаме руинираната економија и кога секој стручњак ни е неопходен.

Требаше да го задржиме доктор Никола Груевски, но не успеавме. Сега можеме само да си ја префрламе одговорноста едни на други, но сите сме виновни. И МВР, и Судот, и Обвинителството, и сите ние кои не му кажавме колку многу го сакаме овде, колку многу сакаме овде, во нашата татковина, да ги пишува своите нови книги.

Зашто, и покрај избрзаните заклучоци дека господинот побегнал за да ѝ избега на правдата и да не лежи затвор, причината можеби, сепак, е невозвратена љубов, како што некогаш говореше Тања Затниуста.

Невозвратена љубов од неговиот народ. Од сите. Малкумина беа тие што излегоа да го бранат, едвај неколку десетици се зачленија во здружението „Правда за Груевски“. А уште помалку бевме тие што излеговме за со жив штит да го задржиме овде и да овозможиме навистина да има правда За Груевски.

Сите, и едните и другите, се чини бевме измамени. Верувавме дека институциите, ако не љубовта кон Татковината, ќе го задржат овде.

Требаше да го задржиме доктор Груевски, макар со притвор. Но, не успеавме. Затоа сега можеме само да му довикнеме: Бегај, Грујо! Бегај, трчи и не окреќи се, сине!

Бегството на Груевски е пораз по секоја основа. Тоа е пораз на Македонија и нејзиниот систем, на правната држава како таква, на власта, на опозицијата и партијата ВМРО-ДПМНЕ, на неговата одбрана, на одбраната на неговите обвинети сопартијци, на честа, на надежта…

Требаше да го задржиме доктор Груевски, макар со притвор. Но, не успеавме. Затоа сега можеме само да му довикнеме: Бегај, Грујо! Бегај, трчи и не окреќи се, сине!

Но, и на ЕУ и НАТО, не само затоа што во нивна земја-членка побегна, туку и затоа што треба да продолжат да ја продаваат приказната дека не се само сојузи на интереси, туку и на вредности, а притоа да објаснат што во тоа семејство на вредности е Виктор Орбан? Непланирано дете? Изрод? Копиле?

Тоа што планот на Груевски (беш)е провиден, не значи дека нужно мора да заврши со неуспех. Барем на краток рок. Неговата проценка е дека оваа власт ќе издржи барем до крајот на својот мандат, ако во меѓувреме не успее и да си го продолжи за уште некоја година. Тоа е, сепак, предолг период да се биде во зандана. Сè што ќе следува е логична последица на ваквата проценка.

Груевски и неговата мала група стратези, имено, изминатиов период евалуирале два плана –  „Нелсон Мандела“ и „Ванчо Михајлов“. Очигледно е дека изборот паднал на вториот, а еве и зошто.

Планот „А“ бил да се игра на картата политичка жртва на режим. Да помине некое време зад решетки, а потоа, или на крајот од мандатот на Иванов или ако има предвремени избори и јасни показатели на анкетите дека е можен предвремен пад на оваа власт, дури да почека уште некој ден/недела/месец.

А потоа, како најголема жртва, херој кој не го продаде името и затоа мораше да лежи в црни, темни зандани, да излезе со крената глава. Да се врати на голема врата, да им прости на „помалите“ грешници, да ги казни „најголемите предавници“.

Вториве не се малку, посетители на неговата канцеларија во Палома Бјанка тврдат дека наместо книга, Груевски веќе со месеци пишува (проширена и дополнета) листа за отстрел.

Но, ништо во меѓувреме не одело во прилог на тој план. Ќе ги наведам овде петте клучни аргументи што го одвратиле Никола да ја запее самиот „Шутка не ти бега…“ и да влезе во менделска битка за слобода, и наместо тоа – да прибегне кон бегство.

Прво, веројатно нема да има предвремени избори, а дури и да ги има, партијата му е со блокирани имоти (можеби до тогаш и сметки), поделена, речиси распадната и може да не успее да профитира од лошите резултати на новата власт.

Второ, Иванов и самиот се соочува со кривичен прогон и може воопшто да не го дочека крајот на мандатот. Трето, премногу се свежи лузните од неговото владеење и сеќавањата за неговиот криминал (бомбите уште зујат во ушите на граѓаните) за да може да се претстави како невино јагне заклано на жртвеникот на историјата.

Четврто, и во неговата партија повеќето го доживуваат како криминалец и себичен нарцис што гледа да си го спаси само својот задник, па не може да се соберат повеќе од сто луѓе пред судот на рочиште, дури ни со платен хонорар за тоа. Петто, се одмотува клопчето и крвавите настани од 27 април, сè повеќе сведоци покажуваат со прст кон врвот на партијата како организатор на насилствата, а тие, да потсетиме, се окарактеризирани како тероризам и за тие дела нема амнестија.

Имало и други аргументи кои зборувале во прилог на тоа дека паралелата на Мандела и Груевски се споредби на бог и шеширџија, на две дијаметрално спротивни приказни. По што, со акламација е усвоен вториот план.

Суштината на планот „Ванчо Михајлов“ е следна: живот во егзил сè додека не се променат околностите. Притоа, не се мисли само на околностите во Македонија, туку и во Унгарија и пошироко.

Зашто, се претпоставува дека додека Орбан е на власт (а засега тоа се чини цврсто и неприкосновено), тој е безбеден во „Хотел Будапест“. Но, ако има јасни назнаки дека се случуваат промени, не е крај на светот. За потсетување, Михајлов по окупацијата на Полска од Хитлер, го добил правото да живее во Варшава.

Кога била создадена независната Хрватска држава на усташите во 1941, се преместува во Загреб, кај својот верен пријател Анте Павелиќ, каде што живеел до крајот на Втората светска војна. По војната живеел во Австрија, Шпанија и во Италија.

Бај д веј, таму има напишани голем број книги, без никаква пречка. Ванчо Михајлов, имено, никогаш не одговарал за својата соработка со фашистичкиот режим. Умрел од природна смрт во 1990 година во Рим, Италија, десетина дена пред да наполни 94 години.

Да, планот на Груевски е сосема проѕирен, ама еве се покажа дека таа проѕирност досега не беше пречка тој да се спроведува така како што бил и замислен во кабинетот на почесниот претседател

Се разбира дека живот поминат во егзил не е смислата на планот на Груевски и на неговите стратези. Михајлов не дочека фашизмот да воскресне и „неговите“ да дојдат на власт, но власта во Македонија се менува побргу одошто светот во времето на Михајлов.

Не треба не знам каква анализа за да се пресмета дека власт што најдолго опстоила во нашата земја е токму неговата, на Груевски, која со целата пропагандно-мафијашка машинерија ставена во погон траеше 11 години. Што ќе каже дека искуствата зборуваат оти една декада е некаков плафон за опстојување на една власт во нашава земја.

Во равенката за актуелната власт треба да се земе предвид и фактот дека на оваа влада „ѝ се падна“ да ги прави болните реформи. Ако не ги направи, ќе падне зашто не ги направила, ако ги направи – ќе падне зашто се болни.

Во прилог на претпоставките за „недолготрајноста“ што ги чека актуелниве (и покрај сета меѓународна поддршка што ја уживаат) секако се и некадарноста што е очигледна во многу ресори, ужасната неспособност на локалната власт речиси насекаде, неуспехот да го искоренат груевизмот од системот и од менталитетот на луѓето, итн…

Така што, да заклучиме – да, планот на Груевски е сосема проѕирен, ама еве се покажа дека таа проѕирност досега не беше пречка тој да се спроведува така како што бил и замислен во кабинетот на почесниот претседател. Но, притоа, почетниот успех не смее да ги залаже неговите кројачи, тој план е далеку од совршен и како и има и многу „фалинки“.

Многу бргу ќе видиме дали еден орден и неколку стотици милиони евра се навистина доволни за да се купи слободата. Зашто, убеден сум, иако поранешен лидер на една мала и неважна земја, Груевски е неспоредливо поголем тест за демократските начела на западните демократии, отколку што тоа некогаш бил Михајлов за слободарскиот, антифашистички свет.