Кога премиерот Заев најави дека на лидерската средба кај претседателот ќе предложи „брзи, предвремени избори“, имаше и морална и демократска оправданост тие навистина да се организираат до крајот на декември. Но, нема никаква логика да спроведат дури на 12 април. Тоа не се брзи избори. До нив нѐ делат повеќе од шест месеци, кои за граѓаните ќе се претворат во полугодишна изборна агонија.
Второ, ако сите лидери на парламентарните партии со консензус потврдиле дека стратегиски приоритет на земјата останува европскиот пат, тогаш каква е смислата граѓаните да се изјаснуваат по кој пат ќе оди државата, ако сите партии истото го нудат во „излогот“.
Трето, во исто време се тврди дека земјата и натаму ќе останела посветена на реформите. За реформи остануваат само два месеца. Од 3 јануари ќе функционира техничка влада која не спроведува реформи, и ќе биде посветена исклучиво на тековни активности и на подготовка на изборниот процес. По изборите ќе треба време за конституирање на парламентот и за избор на владата, и ете ти го – дошло летото, кога работната и реформска температура веќе е на „резерва“. Врти-сучи, до септември 2020 ќе имаме една изгубена година.
Според навиката изборите да ги доживуваме како битка на живот и смрт, се плашам дека токму во тој период ќе успееме да произведеме куп докази со кои ќе биде пополнет сегашниот недостиг од јасна аргументација за француското „не“.
Каква додадена вредност ќе испорачаме до самитот во Загреб во наша корист, ако тој период ни е исполнет единствено со кампања и избори? Според навиката изборите да ги доживуваме како битка на живот и смрт, се плашам дека токму во тој период ќе успееме да произведеме куп докази со кои ќе биде пополнет сегашниот недостиг од јасна аргументација за француското „не“.
Имајте предвид дека уште сега сите се влезени во кампања. Карваните ја крстосуваат државата, се остри речникот, се мерат рејтинзи, се копаат партиски ровови, се поставува сцената за „последна пресметка“, како што најавува Мицкоски, со што – апсурдно, но вистинито – лично тој најпрво ја „обнови“ најпогубната фраза за македонското општество, со која десет години автократски оперираше неговиот претходник Никола Груевски.
Ваквата реторика не мириса на ништо добро. Ако се додадат и јавно презентираните „начини“ за поништување на Преспанскиот договор, кои наводно не се партиски став на ВМРО-ДПМНЕ, а од друга страна нема ни јавно оградување на партијата од нив, на повидок може да биде вовед во атмосфера на загрозување и на најклучните достигнувања кои ја доведоа земјава до членство во НАТО.
Освен Антонијо Милошоски, со вербални еквибрилистики на темата „Преспански договор“ прилично се истакнал и меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во интервју за грчка телевизија, што само укажува дека за изборни цели „обновата“ интензивно ќе го „проблематизира“ договорот. Се разбира, тоа е лажна мамка за гласачите што се противеа на Договорот, но ќе направи штета за државата, претставувајќи ја како нестабилна во однос на преземените меѓународни обврски.
Имајќи ја предвид лесната предвидливост на опасностите од вакви (пред)изборни авантури, од лидерската средба кај претседателот очекував други предлози.
Имено, откако опозицијата инсистирала на 100 дена техничка влада, што ги попречило плановите за брзи избори во декември, можеби требало да се размислува за други решенија. Зошто не се разговарало за широка коалициска влада, која во име на претходно искажаниот консензус за безалтернативно и полноправно членство во ЕУ, во претстојниот период и практично би демонстрирала заедничка посветеност на реформите.
Не знаеме дали тој предлог би бил прифатен, но ако беше поставен на маса, ќе имавме јасна слика дали и кои партии вистински или само декларативно се загрижени за перспективите на државата, а не само за себе – колку гласови ќе ќарат на изборите. Во случај на одбивање на тој предлог, барем ќе знаевме кому му се брза да се смести во фотелја, а кому да ја смести земјата на европски шини.
Вака, непродуктивно ќе се тетеравиме шест месеци меѓу партиски понуди, спинови и вербални пресметки, ќе го трошиме скапо стекнатиот политички капитал, кој треба да биде клуч за отворање на вратите на ЕУ, ќе се исподелиме и фрагментираме во нови и невидени димензии, и во последната пресметка со вкус на референдумско изјаснување ќе ѝ ја расплачеме и „европската мајка“ на земјава по сите основи.
Тоа е накусо она што ќе нѐ очекува на долгата изборна патека во следните шест месеци. Има ли поголем подарок за шупливото француско „не“ од едно вакво сценарио? Нема.
И потоа ќе го слушаме Тимоние дека Преспанскиот договор не можел да биде компензација за реформите. А кој вели дека е компензација? Брисел две децении ни повторува иста фраза – дека нема членство во ЕУ без решени билатерални спорови. Решени ли се? Да.
Зар е малку една влада да реши проблем за кој ниту една не успеа во изминатите три (3) децении? Не е тоа само „храбар потег“ како што сака да релативизира Тимоние. Тоа е вистински европски пример, модел и израз на разбирање и споделување на европските вредности, или како што опиша Ципрас: „Понекогаш европските вредности се посилни на Балканот отколку во Брисел“.
Колку за споредба, гледам со која брзина одат реформите што ги најави Макрон. Она што го ветуваше во 2017 година, сѐ уште е на маса.
Тоа е вистинската оценка. „Преспа“ не ги фрли во сенка реформите, ниту е компензација за нив. Тие се во тек. И ние не сме задоволни од брзината, но за две и пол години, колку што ефективно е на власт оваа коалиција и со количеството опструкции со кои се соочува, може да се заклучи дека е извлечен можниот максимум. Без опструкции од опозицијата и без грешки и детски болести на власта, целиот процес би одел многу побргу.
Колку за споредба, гледам со која брзина одат реформите што ги најави Макрон. Она што го ветуваше во 2017 година, сѐ уште е на маса. Само што тие се во клубот, па нема кој да ги мониторира, оценува, да им држи лекции и да ги подведе на реверзибилен процес, според најавената нова методологија.
На крајот, чудно е што Париз нема ништо против македонското членство во НАТО, за кое важат исти политички критериуми. Но, залудно е да бараме искрен одговор зошто сметаат дека сме подготвени за членство во НАТО, а не и за преговори со ЕУ. Во оваа француска епизода нема искреност.
Има само тесни интереси поврзани со изборни калкулации, а мотивирани од стравот од екстремната десница. Но, залудна е таа игра на Макрон преку македонскиот и грбот на Албанија. „Спасувајќи“ ја наводно ЕУ од проширувањето, а себеси од опонентите, тој ни за себе нема да обезбеди политички профит.
Само ќе им даде легитимитет на екстремните десничарски тези и ќе им потврди на Французите дека кога си го имаат оригиналот (Марин), нема зошто да гласаат за неговата имитација (Емануел).
Тоа се нарекува „со свој камен по своја глава“. И за жал на европските вредности, тој пораз – негов, европски и наш, ќе биде по лична заслуга на големиот Европеец.