Регион

БиХ: Уапсено лице осомничено за воени злосторства, депортирано од САД

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Меѓународниот аеродром во Сараево. Фото: Викимедиа комонс/Мики

Босанската полиција го уапси поранешниот припадник на Војската на Република Српска (ВРС), Милан Тришиќ, на аеродромот во Сараево, бидејќи тој е осомничен за злосторство против човештвото извршено над Бошњаци, на подрачјето на Братунац, во 1992 година.

„Тој е осомничен, дека како припадник на ВРС, на подрачјето на Братунац, во 1992 година, извршил злосторство против човештвото над жртви од бошњачка националност, кое се однесува на прогон, убиства, присилно исчезнување, нелегално притворање, тортура и злоставување, како и присилно преселување на поголем број жртви“, соопшти Обвинителството на БиХ.

Тришиќ живеел во градот Шарлот, во американската држава Северна Каролина.

Минатиот март, американските власти го осудија Тришиќ на затворска казна од 18 месеци, бидејќи во неговото барање за зелена карта не навел дека бил припадник на братуначката бригада на ВРС.

Тришиќ пред судот призна дека како член на оваа бригада, учествувал во разни незаконски активности, како што се претепување и незаконско притворање на бошњачки затвореници.

Американскиот суд донесе одлука дека Тришиќ, по издржувањето на казната, треба да биде екстрадиран во БиХ.