Регион

„Новости“: Опстојување во тешко опкружување

Неделниот весник „Новости“, на српското национално малцинство во Хрватска, ја одбележува 20-годишнината од своето постоење,

„Новости“ започна да се појавува пред 20 години, како неделник на српското национално малцинство во Хрватска, но како што растеше неговата важност и влијание, растеа и притисоците со кои вработените се соочуваа.

Неговата читателска публика, со тираж од 6.500 месечно, плус оние што го читаат преку интернет, денес е многу поголема од малата српска заедница. Но, десничарските националисти не му се наклонети, делумно, затоа што негов издавач е Српскиот народен совет, организација која ги претставува српските интереси во Хрватска.

„’Новости’ се смета за различен од другите медиуми, затоа што издавач е Српскиот народен совет. Тој се смета за весник на српското национално малцинство“, вели главниот уредник, Никола Бајто, во интервју за БИРН.

„На ниту еден друг медиум не му се случиле протести пред редакцијата. Ниту еден весник не е запален, екстремни десничари повеќепати го палеа весникот, и тоа се тие околностите во кои сме навикнати да работиме“, нагласува Бајто.

Денес, весникот ги покрива сите важни теми, во и надвор од државата, исто како и другите хрватски медиуми.

„Ние се обраќаме критички кон политичката реалност, објавуваме анализи, истражувачки стории, коментари, мислења кои произлегуваат од некои наши ставови со зголемена чувствителност кон одредени социјални трендови“, додава Бајто.

Изложбата „Новости 20/20“’, еден од настаните со кои се одбележува 20 годишнината од постоењето на весникот. Фото: Јовица Дробњак.

„Новости“ алармира и за растот на нетолеранцијата кон националните малцинства, на говорот на омраза и на историскиот ревизионизам во хрватското општество.

„Можеби бевме први што ја користеа фразата ‘фашизација’ на општеството, термин што денес го користат многумина во Европа,  затоа што тоа е тренд што не се забележува само во Хрватска“, вели тој.

„Некои кои ги промовираат вредностите на фашистичките режими, преку промовирање на усташките слогани, нè критикуваат дека критички пишуваме за тоа“, посочува Бајто.

Весникот е познат и по острото, а понекогаш и сатирично известување, што, исто така, предизвикува незадоволство кај неговите десничарски критичари.

„Слично е со ситуацијата на градскиот советник во Задар … кој ги поправа графитите „Убиј го Србинот“ во „Бакни го Србинот“, посочува Бајто, алудирајќи на случајот со Јуре Зубчиќ, советник на Социјалдемократската партија на Хрватска, кој стана познат по тоа што ги менува антисрпските графити во Задар.

Бајто посочува дека ситуацијата во Хрватска се влошила како резултат на „уништувањето на некои основни цивилизациски стандарди во оваа земја“.

Почетокот на оваа состојба, тој го гледа во 2016 година, во времето на десничарскиот политичар, Томислав Карамарко, тогашен претседател на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и вицепремиер на Хрватска.

Тој смета дека работите продолжиле да се влошуваат и под водство на сегашната Влада, предводена од умерениот премиер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ. „Сегашната влада се карактеризира со изјавата на Пленковиќ дека усташкиот поздрав има двојна конотација“, вели тој.

Во декември 2016 година, Пленковиќ изјави дека уташкиот поздрав, „За дом спремни“ има две значења – дека може да се однесува на усташкиот режим, но и на хрватските бранители, кои го оживеале поздравот во војната во 90-тите години.

„Ниту еден друг медиум не им се обраќа на ‘малите луѓе

Уметникот, Синиша Лабровиќ, уредникот на „Новости“, Никола Бајто, и новинарот и фотограф, Давор Коњикушиќ, на отворањето на изложбата „Новости 20/20“. Фото: Јовица Дробњак

Тензиите меѓу хрватското мнозинство и српското малцинство, постојат од војната меѓу хрватските сили и силите на Југословенската народна армија и побунетите хрватски Срби, при што е зголемен говорот на омраза кон Србите, на што, во 2018 година, предупреди и Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата на Советот на Европа (ЕКРИ).

Но, Србите во Хрватска се соочуваат и со други проблеми. Повеќето од нив живеат во неразвиени области, а се бележи и нагло опаѓање на нивниот број – од 581.000 во 1991 година, пред војната, на 186.000 во 2011 година.

Како што беше истакнато на овомесечната изложба, „Новости 20/20“, која е дел од одбележувањето на 20-годишнината од постоењето на овој весник, „Новости“ е единствениот медиум што редовно известува од теренот и ги објавува приказните на овие луѓе.

„Направивме избор од 20 приказни, од изминатите 20 години … Сакавме да покажеме дека „Новости“ го следи животот на српската заедница од недела во недела, пишува за тоа како изгледа судбината на овие луѓе … дека ги следиме како што тоа не го прави ниту еден друг медиум, обраќајќи им се на ‘малите луѓе’, без разлика дали се тие Срби или Хрвати“, потенцира Бајто.

На изложбата, поставена според концептот на дизајнерот, Никола Крижанац, беа претставени портрети што ги направил Давор Коњикушиќ, новинар и фотограф на „Новости“. На изложбата ѝ претходеше перформанс на отворено, во центарот на Загреб, наречен „Пронајдете ја Србинката!“, на уметникот, Синиша Лабровиќ, кој на еден од неговите перформанси, го предизвика хрватскиот министер за култура на бокс меч.

Перформанс во центарот на Загреб, „Пронајдете ја Србинката!“, на уметникот Синиша Лабровиќ. Фото: Јовица Дробњак

Меѓу приказните на изложбата беше и онаа на Милорад Јандриќ и Анѓелија Маќешиќ, кои како деца, за време на Втората светска војна, усташите ги затвориле во логори.

Бајто, како примери за „борбата на обичните луѓе“ ги наведува приказните како онаа за семејството Богуновиќ, од селото Карин Доњи, чии членови станале бегалци за време на операцијата на хрватската војска, „Бура“, во 1995 година, а кои подоцна се вратиле и повторно го изградиле својот дом, но и приказната на семејството Ѓакула од селото Сјеверовац, кое денес води успешна фарма, „покажувајќи како некој може повторно да се издигне после војната“.

Сепак, тој ја раскажува и сторијата за Драган Пјевач, кој избегал од Хрватска во 1995 година и никогаш не се вратил, а кој денес ја предводи Координацијата на српски здруженија на семејствата на исчезнати, загинати и убиени лица од просторот на поранешна Југославија.

Во врска со влијанието на весникот, Бајто изразува задоволство што написите инспирираат и спонтани добротворни иницијативи и дела на добра волја, при што читателите подаруваат мебел, се нудат да помогнат во изградба на покрив, па дури и на цела куќа, за ранливите членови на заедницата.

„Ова се многу конкретни ефекти од работата на нашите новинари и тоа е нешто од што гледате дека вашата работа има некои резултати на теренот“, заклучува Бајто.