Импликации за партијата од бегството на лидерот

Колумна на Димитар Димитров

Еден начин на раководење со партијата и државата, заврши со бегство на лидерот, сега во својство на почесен претседател и пратеник.

Овој поразителен факт е последен аларм за партијата најпосле да пристапи кон самокритика и кон ревизија на битието на партијата – нешто што го наложи уште обзнанувањето на незаконското масовно прислушување, но упорно се пренебрегнуваше.

Надвор од партијата, во домашната и во светската јавност, се тематизираше систем груевизам, според името на лидерот, како синоним на криминален режим под народна, демохристијанска обланда. Како таков, груевизмот претрпе пораз на парламентарните и на локалните избори.

Новата власт за кратко време афирмира ново лице на Македонија и, практично, ја внесе во процесот на НАТО и ЕУ интеграциите. Додека протагонистот на груевизмот, соочен со една правосилна пресуда и со низа тешки обвиненија и истраги, се решил да се скрие под скутот на Орбан и да дочека странските медиуми за него да известуваат како за „криминалец“.

Ваквиот исход за главата на груевизмот, го потврдува идентитетот на партијата според наодот на СЈО, кое Извршниот комитет го обвини како „злосторничко здружение“. Тоа актуелното раководство и партијата ги исправа пред дилема: да му останат верни на лидерот-криминалец, многукратен клиент на судовите или да ја изберат Македонија како дел на ЕУ и НАТО, посредувана со Преспанскиот договор и со уставните измени поврзани со него.

Дилемата е дотолку потешка, доколку лојалноста кон лидерот беше религија во партијата и основен принцип на кадровската политика. Но, да се биде лојален кон лидерот кој е нелојален кон државата?! Да се сподели идентитетот на криминалец и тоа како патриотизам да му се противстави на„капитулантскиот договор“ со Грција?

Со продолженото споделување на груевизмот во една ваква ситуација се губи идентитетот и легитимитетот на партијата како политички субјект. Партијата по дефиниција не е ни самоцел, ни приватен посед на лидерот, туку е дел од државата, која уставните измени ја обликуваат во „важен влог на ЕУ“ (Иво Вајгл).

За жал, новиот лидер , избран како најлојален меѓу кандидатите, без задршка го продолжува демагошкиот наратив на Груевски. Аранжира бојкот на референдумот и на уставните измени, антивладини протести, без комплекс за импликациите врз него лично од бегството на оној кој го поставил на таа функција.

По бегството на Груевски и дебаклот на груевизмот, етичките и поличките принципи налагаат: или осуда на груевизмот и темелно реформирање на партијата, или оставка веднаш и извинување пред членството и народот поради злоупотребата на партијата за криминални цели,

(Јас,неволно го кажувам ова, како советник му ја откажав лојалноста на Груевски уште додека партијата беше во опозиција, во 2оо4, зашто оценив дека тој не му е лојален на Уставот.)

Така пратениците од „подобрата Македонија“, останаа сирачиња – со лажна кауза, со лажна преродба, со изгубена перспектива. За ЕУ и НАТО, но без Преспанскиот договор и уставните. (А ЕУ и НАТО стојат имено зад тие измени и тој договор, додека Кремљ ги саботира.) За правда и владеење на правото, но против правното санкционирање на партиското злосторничко здружение.

Единствена јасна константа на паријата е противењето, фингираната омраза кон „комуњарите“ – уште еден критериум за кадровската промоција. Таа негативна константа дополнително ја заматува перцепцијата на Преспанскиотт договор, поистоветувајќи го со СДСМ. А се’ што е поврзано со СДСМ, е лошо – и договорот е лош!

Се разбира, лоша е самата таква перцепција. Договорот со Грција, по оној со Бугарија, веќе си ја врши работата: ја етаблира Македонија како никогаш досега во регионот, ја отвори вратата на НАТО и издејствува конкретна препорака за почеток на преговорите за членството во ЕУ.

При таквата констелација партијата станува повеќе фантом, отколку ориентир. Ако пратениците ја следат паметта на Груевски-Мицкоски, ќе работат, наместо на европеизација, на егзил на Македонија. Останува на нивната лична свест и совест дали ќе се подадат на таква елементарна изневера на нивната државничка вокација или ќе се приклучат на парламентарното мнозинство неопходно за уставните измени и за реформите што се услов за интегративниот процес околу кој е постигната ретка и среќна усогласеност – национална, регионална, европска, евроатлантска.

Штрчи само клинот на груевизмот, бидејќи груевизмот бега од европските вредности. (Европскиот парламент со амандмани кон Извештајот за Македонија бара од Унгарија да го екстрадира бегалецот, кој имал „транспарентен судски процес“. Од друга страна, ЕП го одбил амандманот на грчки европратеник за бришење на синтагмата македонски јазик. Каде е тука посветеноста на каузата: во одбивањето, или во прифаќањето на договорот?)

Во овој голем момент, солидарноста со лидерот-криминалец пратениците ги прави бесмислена лична колатерална штета. Приклучувањето кон условите на интегративниот процес ги прави херои, кои не допуштиле ова епохално извишување на Македонија да сеодвива без нив или наспроти нив.

ВМРО на Гоце Делчев и на Дамјан Груев, не е со Груевски и со Мицкоски, туку со Зоран Заев, со Костадин Богданов, со Митко Јанчев…, кои апелираат сите пратеници да се вклучат во донесувањето на уставните измени.

Преку тоа, ќе има и време, и простор за демократски натпревар и битки на сите полиња.