Иран: Анатомија на еден експеримент

Долга е приказната на Иран. Долга повеќе од два и пол милениума. Иран е најдолговечната цивилизација на Земјината топка. Иран (или ако сакате Персија) е првата голема империја со централизирана администрација и формиран државен апарат.

Иран е татковината на зачетоците на концептот на човекови права. Цилиндарот на Кир Велики (антички документ во облик на цилиндар од глина, 539 година п.н.е.) се смета за прв документ каде што се гарантираат верските слободи и традициите и се прокламира ослободување на робовите (во случајот на еврејските робови во Вавилон).

Иранска лауреатка на Нобеловата награда за мир, Ширин Ебади, во 2003 година, примајќи ја наградата, ќе каже: „Јас сум Иранка, потомок на Кир Велики. Тој цар, пред 2.500 години, на врвот на својата моќ прогласи дека не сака да владее со оние што не го сакаат тоа. Вети дека нема никого да присилува да ја промени својата религија или вера и дека ќе ги почитува сите малцинства. Овој документ треба да се изучува во историјата на човековите права.“

Античкиот Иран е државата каде што се гради урбанистички планирана патна инфраструктура, подземни аквадукти за водоснабдување (кои и денес се користат во некои региони), ледени складишта во пустински услови… Таму е изграден Персополис, вистинска космополитска метропола. Развиени се астрономијата и математиката.

Сочувани се најстарите пишани документи за лековитите својства на растенијата и медицинските практики. Конечно, зороастизмот е една од најстарите монотеистички религии, која подоцна врши огромно влијание врз јудаизмот, христијанството и исламот.

Од уставна монархија до диктатура

Ова се неколку факти, наведени тука само како илустрација за подлогата што Иран ја создава за своето натамошно вековно и милениумско егзистирање. Но, да не навлегуваме длабоко во историјата на оваа огромна земја. Сепак, за контекстот на денешните случувања не е на одмет да се кажат и некои податоци од минатиот век врзани за оваа држава.

На почетокот на 20 век, тука се одвива таканареченото Уставно востание, кое доведува до донесување на Уставот од 1906 година што Иран го претвора во уставна монархија. Треба да се забележи дека оваа уставна реформа се случува две години пред Младотурската револуција и секако има големо влијание врз неа.

Интересно е да се каже дека првиот Пахлави, Реза Шах Пахлави, во обидот да ја модернизира државата, во 30-тите години на минатиот век им забранува на жените да носат велови. Оваа одлука, меѓутоа не им се допаѓа на поголемиот дел од женската популација, кои отворено протестираат против неа. Забележено е дека припадниците на иранската војска на сила им ги кинат бурките на иранските жени, а најупорните застапнички на носењето велови завршуваат по иранските затвори.

Еве уште еден, кај нас не толку познат податок. Реза Шах Пахлави владее до есента 1941 година, кога е свргнат по инвазијата што врз Иран со заеднички воени сили ја прават СССР и Велика Британија. СССР влегува во оваа операција само неколку месеци откога е нападнат од Германија, што само покажува колку е Иран важен за комунистичката земја.

Од почетокот на Втората светска војна, Иран прокламира неутралност, меѓутоа наклонетоста на Реза Шах Пахлави кон Хитлер (особено кон неговиот однос кон еврејското прашање) е очигледна, што доведува до споменатата инвазија и до негова абдикација. Впрочем, не е нималку случајно што првата конференција на врвот на сојузниците во Втората светска војна се одржува токму во Техеран, на крајот на ноември 1943 година.

Првин, затоа што Сталин не сака многу далеку да патува и, Техеран, иако во друга држава, безмалку го смета како своја територија.

Стариот Пахлави го наследува неговиот син Мохамед Реза Пахлави, кој со еден кус прекин на оваа позиција ќе остане сѐ до 1979 година, односно до Исламската револуција и воспоставувањето на режимот на мулите.

Тој краткотраен прекин на владеењето се случува во почетокот на 50-тите години, кога шахот влегува во судир со премиерот на првата демократски избрана иранска влада, Мохамед Мосадек.

Мосадек е левичар и искусен политичар, член на Меџлисот (иранскиот парламент) уште од 20-тите години на минатиот век. Во согласност со неговите политики, тој ја национализира иранската нафтена индустрија, која дотогаш е во сопственост на Британско-иранската нафтена компанија, подоцнежен Бритиш петролеум, односно БП.

Дотогаш, 80 проценти од нафтениот профит оди за Британците, а 20 проценти за Иранците. Тоа, се разбира, не им се допаѓа на Британците, а шахот, во рамките на своите уставни овластување, не е во состојба да ја поништи одлуката. По отворениот судир со својот премиер Пахлави оди во егзил во Ирак. Во 1953 година, ЦИА и МИ6 организираат воен удар против владата на Мосадек и шахот се враќа на својот престол.

Мосадек е затворен и осуден на куќен затвор каде што останува до својата смрт во 1967 година. Законот за национализација се укинува и Бритиш петролеум повторно станува сопственик, само што сега профитот се дели на еднакви половини.

Хомеини, сојузник и противник

Во борбата против Мосадек, Пахлави е сојузник со шиитскиот исламски клер, вклучувајќи го тука и влијателниот исламски мислител, подоцна ајатолах, Рухолах Хомеини. Проценката е дека левичарите, односно комунистите се најголемата државна опасност, а не конзервативното свештенство.

Во следната деценија, Пахлави обилно ја финансира шиитската заедница. Гради медреси, џамии, верски центри… Во училниците на медресите паралелно се закачени фотографиите на ајатолахот и шахот.

Расколот меѓу Хомеини и Пахлави доаѓа дури во 1963 година, кога Пахлави ја спроведува таканаречената „бела револуција“, модернизирајќи ја државата по углед на Запад и особено давајќи им права на жените што на мизогенот Хомеини никако не му се допаѓа. По низа критички, дури и прилично навредливи текстови на сметка на Пахлави, Хомеини е првин апсен, а потоа и протеран во егзил. Десетина години поминува во Ирак, а кога Ирак му го ускратува гостопримството, оди во Франција.

Во 1971 година, Хомеини ја објавува книгата „Исламска држава“, каде што ги поставува постулатите на идното уредување во Иран. Интересно е дека оваа книга се појавува една година по објавувањето на Исламската декларација на Алија Изетбеговиќ со соработниците.

Во трите години поминати во Париз, Хомеини буквално дава илјадници интервјуа и симптоматично е дека буквално во ниту едно не го споменува концептот на исламската држава. Мудриот Хомеини знае дека во секуларната Франција, ваквиот концепт, најблаго речено, ќе биде исмеан.

Во меѓувреме, во Иран се случуваат константни немири. Причината, како што тоа се случува, е енормната корупција. Од една страна е осиромашениот народ, а од друга, доконите олигарси што уживаат во речиси безобразно декадентниот луксуз. Денес по социјалните мрежи можете да видите фотографии од тоа време на девојки во мини-здолништа и момчиња качени на „веспи.“ Да. Тоа е во Техеран. Сè друго е тешка сиромаштија и заостаната беда.

Опозицијата во земјата, составена од комунистите, левичарите, националните либерали и конзервативните националисти, под перманентен притисок од тајната полиција Савак, е прилично разнебитена. Оваа пресија, иако постои, е најмалку изразена врз исламистите, меѓу другото и затоа што шиитскиот ислам е иранска државна религија.

Во 1977 година умира популарниот исламски водач Али Шаријати, потенцијален ривал на Хомеини во лидерството на опозицијата. Истата година умира и синот на Хомеини, Мостафа. Опозиционите групи за двете умирања го обвинуваат Савак за наводни убиства. Синот на Хомеини е прогласен за маченик. Меморијалната служба за Мостафа, организирана во Техеран, на голема врата го враќа Хомеини на опозициската сцена.

Во јануари 1978 година почнуваат масовни протести, штрајкови и немири по целата земја, кои континуирано траат цела година. Во јануари следната година, војската прогласува неутралност во внатрешните политички судири, а шахот, веќе разјаден од тежок карцином, заминува во Египет, каде што останува до својата смрт, година и пол подоцна.

Хомеини триумфално се враќа во Техеран, во февруари 1979 година. Опозицијата се обединува околу него со една цел – да се урне режимот на шахот и да се воспостави републикански систем. Хомеини ја прифаќа таа улога, со тоа што политичките разлики ќе ги решаваат откога ќе ја остварат главната цел и ќе бидат сигурни дека режимот на Пахлави нема да може да се реставрира.

Западните сили погрешно проценуваат дека Хомеини е своевидно компромисно решение, кое нема сериозно да ги загрози нивните интереси. Да потсетиме, за нив главните непријатели се комунистите и националните левичари. Хомеини е доволно искусен да ја искористи оваа прилика. Го пишува првиот исламистички Устав, кој е масовно верификуван на референдумот, организиран во декември 1979 година.

Крајот на империјата?

Тоа е почетокот на Исламската република Иран. Тешко е да се предвиди дали денес, 47 години подоцна, доаѓа нејзиниот крај. Но, во секој случај треба да се каже дека овој исламистички експеримент трае подолго од, на пример, траењето на социјалистичка Југославија.

Убиството на наследникот на Хомеини, ајатолахот Али Хамнеи, не е никаква гаранција дека функционално нешто ќе се смени. Хамнеи, веќе длабоко завлезен во години (87) и разјаден од повеќе болести, и онака набргу ќе се симнеше од историската сцена. Конечно, проблемот на Иран не е злобниот водач, туку злобниот систем, кој уште ја има моќта да се регенерира самиот себе.

Моменталната иранска опозиција нема некој харизматичен водач, некој пандан на Хомеини од времето на Пахлави. Се чини дека третиот Пахлави, синот на Мохамед Реза Пахлави, нема некоја критична поддршка, а тешко е и да се поверува дека иранскиот народ ќе сака да ја реставрира монархијата. Впрочем, Пахлави нема поддршка ни во западните земји.

Повикот на американскиот претседател Доналд Трамп, иранскиот народ самиот да ја заврши работата дава изгледност на едно непосакувано сценарио: од Иран да се создаде некоја нова Либија или Сирија, каде што повеќе групи ќе се борат за превласт. Ваквото сценарио би можело да стане реалност, со оглед на фактот дека во Иран живеат повеќе Азери отколку во нивната матична земја Азербејџан, како и околу десет милиони Курди.

Ваквиот развој на настаните секако нема да ги остави рамнодушни ниту Азербејџан, а особено не Турција.

Западните геополитички стратези секако ги имаат предвид овие околности, па затоа мене многу поверојатно ми изгледа таканареченото венецуелско сценарио. Исламистичкиот режим ќе се согласи со сите барања од Американците, особено околу нуклеарната програма и вооружувањето воопшто (барањата на Израел), ќе ја денационализира нафтената индустрија и ќе му овозможи на Трамп пристап до нему омилените ретки минерали и метали.

Конечно, натамошната ескалација не им одговара ниту на главните сојузници на Иран, на Русија, која е исцрпена од војната во Украина, но и на Кина, која така може да си го прекине дотекот на нафтата преки Персискиот Залив. Во замена за своите отстапки, на внатрешен план сѐ ќе си остане исто, со можно мало попуштање на стегите околу човековите права.

Впрочем, како што е во Катар или во Саудиска Арабија.

Всушност, клучно е кога „миротворецот“ Доналд Трамп ќе ја прекине вооружената кампања и така на својот список ќе додаде уште една војна што ја завршил. Колку подолго траат воените дејствија, толку хаосот е поизвесен.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија