Исцелител

Колумна на Сашо Кокаланов

Сензибилитетот што јавноста го покажува кон новата власт, и пред сѐ кон новиот премиер, се уште еден доказ дека Македонија била и за жал сѐ уште е тешко болен пациент, во терминална фаза на болеста, кој кренал раце од „регуларната“ медицина и почнал да верува во чудата и исцелителните моќи на еден човек.

Само таков пациент се спушта неколку скалила на степениците на разумот и прибегнува кон верувања што често пати се на границата помеѓу налудничавост и бескраен очај и тогаш го препушта своето тело на исцелителот, очекувајќи да биде санирано сѐ што медицината не успеала да санира, зашто, нели, надежта последна умира.

Знам дека кај нововладетеливе ваквата накострешена јавност некогаш им оди на нерви, но бидете сигурни дека евентуалното прибегнувањето кон хомеопатски методи (со груевизам во мали дози против груевизмот како болест), тоа сега кога сме во терминална фаза, би можело да биде навистина погубно. По животот.

Иако, некој припадник на новава власт можеби ќе се пожали дека тоа не е фер, дека очекувањата се предимензионирани, дека времето е прекратко за оценки и судови, а критиките пресурови, сепак колку и да звучи контрадикторно на прва топка – ваквата накострешена јавност (во услови на аздисани луѓе на сите нивоа во власта и поприличен број на кучиња пуштени од синџир) му е всушност најголемиот, можеби и единствениот вистински сојузник.

Особено откако стана јасно дека и Зоран Заев како и сите негови претходници го имаат истиот систем за потхранување со добри вести и пофалби, штедејќи го исцелителот максимално, како најскапоцен ресурс во битката за лечење на тешко болниот пациент.

Знам дека кај нововладетеливе ваквата јавност некогаш им оди на нерви и можеби го буди понекојпат груевистичкиот порив за нејзино принудно стивнување, но бидете сигурни дека евентуалното прибегнувањето кон хомеопатски методи (со груевизам во мали дози против груевизмот како болест), тоа сега кога сме во терминална фаза, би можело да биде навистина погубно. По животот.

Затоа, помалку демагошки ставови колку критиката е корисна, а повеќе енергија за брзи реакции на секое вклучување на алармите. Макар било и лажно. Зашто многу е поневажно ако сензорите ги вклучуваат алармите и во случаи на лажна тревога, од тоа дека функционира некаков (каков-таков) систем за рано предупредување и тоа е нешто што новата власт треба да го негува, а не да го задуши.

Еве на пример, вчера на социјалните мрежи се појави вест дека новоименуваниот „шарен“ директор Александар Донев, кој треба да работи на привлекување странски туристи во земјава, во првите дестинации ги посетил Јапонија и Аргентина, и тоа кон земјата на гаучосите одјавал заседлан во бизнис-класа. Донев се правда дека разликата во цената била само 40.000 денари, летот бил цели 17  часа, а агендата му била многу набиена.

Не, друже, дури и да си добиел иста цена на билетите за економска и за бизнис класа, кога пациентот го лечите меѓудругото и со автосугестија и со плацебо ефект, има бе да седнеш во економска класа, ако за ништо друго, за сам себеси да си влијаеш сугестивно дека сѐ уште припаѓаш на идеалите поради кои сме мереле улици и сме фарбале фасади. Кога бевме Че Гевари, 17 часа пеш ќе одевме ако треба, не ни беше проблем.

И кога, бре, успеавте да го усвоивте тој бирократски речник, агенду вам набијем!

Ваквите работи се обично плускавче на кожата, што кај здрав човек поминуваат речиси незабележано, но кај тешко болен крева панична реакција. И треба да крева. Паниката во оваа фаза е наш сојузник.

Паниката е предизвикана и од нешто друго. Имено, од фактот дека во јавноста постои впечаток оти „исцелителот“ некако многу повеќе време поминува менувајќи го надворешниот изглед на пациентот, отколку во битка со болеста вгнездена внатре во организмот.

Луѓето се свесни дека Македонија боледува од внатре (организмот ѝ е сосема разорен, имунолошкиот систем не функционира, нема орган што не е зафатен од болеста) и затоа кога го гледаат единствениот кому (сѐ уште) му веруваат растрчан по комшии и по светот наместо по дома, се плашат дека и самиот исцелител изгубил верба во своите моќи и е во потрага по некоја надворешна исцелителна моќ што ќе нѐ оздрави од надвор.

Оваа паника не е оправдана до крај –  да, ни нема спас ако не нѐ примат во семејството на „здравите“ и да, ни нема спас без иљачи од надвор. Но, да се послужам со аналогија од „регуларната“ медицина, не смеете пациентот да го оставите на операционата маса, со отворена рана, и да отрчате по решенија надвор. Прво мора барем раните да се зашијат, инаку искрваревме ко ранет пес.

Прочитав деновиве роман од кој ми се блуе и повеќе од стомачниов вирус што ме стрефи. Едно врвно македонско перо напишало цел роман за да си се оправда пред себеси, веројатно и пред целата публика, за квислиншкиот став што го имал кон злото сево ова време.

Како контрапункт на тезите дека критиката е претерана, се појавуваат и релативизации на злото. Перфидни, расипани, некои до толку што ги спакувале и во литература.

Прочитав деновиве роман од кој ми се блуе и повеќе од стомачниов вирус што ме стрефи. Едно врвно македонско перо напишало цел роман за да си се оправда пред себеси, веројатно и пред целата публика, за квислиншкиот став што го имал кон злото сево ова време.  

Изминатава декада немало режим, туку власт како и секоја друга, лоша но избрана од народ, и како таква треба да се остави да си го истера мандатот, дури и ако е фатена не со рацете во медот, ами со рацете на вратот на жртвата. Луѓето немало зошто да излегуваат на улици, затоа што другите луѓе (мнозинството) си ја избрале таквата власт и требало да си истрпат до изборите и слични небулози. Биле изманипулирани од надвор и наивни, а најдрска е вешто изведената романескна инсинуација дека нашите рани биле шминка, ќотекот бил фејк, страдањата – глума, за разлика од неговите рани кои биле вистински, како и ќотекот…

Што знам, но ако ви препорачувам нова книга, ќе ви ја препорачам сепак таа на новинарот Томислав Кежаровски за годините поминати зад решетки. Освен, ако можеби не верувате и вие дека Кежаровски цело време бил во американски хотел, додека соросоидните портали нѐ лажеле дека Кежо е во зандана за да го урнат божемниот режим.

И да, гледајте го „Исцелител“. Велат дека (рас)кажува многу за сите нас.