Добивам чувство дека референдумската кампања станува здодевна, дури по малку дегутантна, со еден збор – непотребна! На оној што досега не сфатил зошто треба да го искористи своето право на глас или што не разбрал која е ползата на Македонија од договорот со Грција и од отворањето на евроатлантските перспективи, отсега е бадијала да му се „црта“.
Еден од тие што не го разбираат значењето на моментот е, ете, претседателот на државата, Ѓорге Иванов, инаку универзитетски професор во времето кога не се занимава со геостратегија и светски заговори. Иванов, имено, при својата посета на САД, на некаква вечера на иселениците, изјавил дека нема да гласа на референдумот, меѓу другото, затоа што својот глас го дал пред 27 години и нема намера да го повлекува.
Во суштина, со оваа изјава работите стануваат значително појасни. На тој 8 септември 1991 година, референдумското прашање отприлика гласеше: Дали сте за самостојна и суверена Македонија со право да стапи во сојуз со другите југословенски држави? Со оглед на фактот дека Европската Унија, а уште помалку НАТО, се сојузи на државите што произлегоа од некогашна Југославија, тогаш е разбирливо зошто претседателот е против овие империјалистички клубови.
Но, ете, сонот за Југославија или барем за „сојуз со останатите југословенски држави“ остана. Барем кај оние, најголемите сонувачи. Кои, по некој случај, сега се претседатели. Претседателот на државата е некаде моја генерација, па претпоставувам дека и тој ги помни деновите на училиште, па дури и текстовите по весниците, каде што со голем ентузијазам се говореше и се пишуваше за надворешните, а богами и за внатрешните непријатели, за специјалните војни против земјата, за непријателски расположените соседи итн.
Носталгијата е чудна работа, знае таа некогаш да се проектира многу години подоцна, во некоја друга реалност. Па, повторно од некаде се повампируваат внатрешните, а богами и надворешните непријатели, специјалните војни, непријателските соседи итн.
Бојкотот на референдумот, всушност, е не(до)разбирање на позицијата на Македонија наспроти светот; трагично несфаќање дека не сме сами во светот и дека без светот не се може; неумеење да се слушне другиот; незнаење и несакање да се пресметаат придобивките на цивилизираниот свет; слушање и гледање само во себе, да не кажам во својот папок, кој на волшебен начин се претвора во папокот на светот
И, замислете сега, каков пораз е договорот со Грција! Со него, имено, ќе се избрише и последното споменување на Југославија во меѓународниот политички простор. Државата што се реферира на терминот Бивша Југословенска Република Македонија е последниот рецидив на некогашната држава и со гаснењето на оваа референца, Југославија дефинитивно ќе се изгуби во историските читанки.
Особено затоа што прифаќањето на договорот со Грција не значи само бришење на понижувачкото „Бивша Југословенска“, туку значи отворање на евроатлантските перспективи, што ќе рече дека, освен СФРЈ, во историјата ќе завршат и сите наши внатрешни и надворешни непријатели, специјални војни и останати фантазмагории, а богами и политичките сили што ги олицетворува токму Ѓорге Иванов.
Од ова, всушност, произлегува дека бојкотот на претстојниот референдум не е ништо друго, туку последната битка за Југославија!
За што, всушност, се работи?
Станува збор за не(до)разбирање на позицијата на Македонија наспроти светот; за трагично несфаќање дека не сме сами во светот и дека без светот не се може; за неумеење да се слушне другиот; за незнаење и несакање да се пресметаат придобивките на цивилизираниот свет; за, што би рекол Иванов, авторефлексивно слушање и гледање само во себе, да не кажам во својот папок, кој на волшебен начин се претвора во папокот на светот.
Ова, се разбира, во некое искривоколчено сфаќање се толкува како патриотизам! Но, ако веќе сакаме да се навраќаме и да се повикуваме на предците и на доајените на македонските битки, тогаш никогаш не е доволно да се потсетуваме на Гоце Делчев и на неговото разбирање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Во денешната Европа, ако сакате и во денешниот свет, единственото поле што го овозможува меѓународниот културен натпревар се вика Европска Унија.
И не станува тука збор за способност или за неспособност самите да си ја уредиме државата и самите да си ги решаваме проблемите. Иако и за тоа вреди да се расправа. На крајот на краиштата, дали некој мисли дека Холандија, Белгија, Франција, Луксембург, Италија… не можат сами да опстанат? А, сепак, избрале да бидат заедно.
Редно е, значи, да направиме една показна вежба во која ќе докажеме не само дека сме ја заслужиле довербата на она што вообичаено се нарекува нормален свет, туку дека можеме да бидеме и негов рамноправен дел.
Иако на некои веќе е бадијала да им се објаснува.