Избори: шпанска серија со македонска натсинхронизација

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Не знам што точно во здравствената состојба на земјата ќе промени пролонгирањето на изборите за десетина дена, освен што ќе се внесат дополнителни административни компликации со воведување дополнителна вонредна состојба.

Оваа шпанска серија, наречена „Договарање датум за предвремени избори“, која трае некаде од крајот на минатата година, веќе им стана здодевна, не само на оние на кои им е наменета, туку и на нејзините сценаристи. И на крајот, како што тоа обично бива во шпанските серии од турско говорно подрачје, ама со македонска натсинхронизација, наместо главните актери да се земат и да живеат среќно до крајот на предизборниот молк, сите шанси се дека невестата ќе избега од пред олтарот.

Имено, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која бараше предвремени избори, практично од моментот кога СДСМ влезе во владиниот кабинет, сега најавува дека ќе го бојкотира токму тоа што толку настојчиво го бараше. Не толку одамна, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски одбиваше да оди на лидерски средби, ако не се разговара за предвремени избори, а сега одбива да оди на – избори! Извичник, што би рекол Мицкоски.

И така доаѓаме до чудни и драматуршки неоправдани пресврти во (пред)изборниот серијал: партијата што беше против карантини и строги мерки во борбата против епидемијата со ковид-19, особено во времето на верските празници, сега бара претседателот Стево Пендаровски да прогласува вонредни состојби до комплетната изнемоштеност на нацијата и до целосното руинирање на институциите.

И тоа го прави токму со дерогирање на истите тие институции, па така ќе видиме дека Државната изборна комисија, барем судејќи според однесувањето на нејзиниот претседател, одеднаш не знае што и зошто да работи и од кого треба да очекува насоки за нејзиното дејствување.

Земја и без сериозен здравствен систем може да понуди сериозен одговор на предизвикот наречен корона вирус, ама земја без сериозни политички институции, сигурно не може тоа да го направи. На крајот на краиштата, и македонската страшна статистика го потврдува тоа

Претседателот на Собранието, ту неповратно го вратил мандатот на народот, ту само тој бил овластен по вторпат да распишува едни исти избори. Полицијата се грижи за менталното здравје на граѓаните ни, решава да не ги казнува. Извесна родилка потпишува изјава дека на своја одговорност ја напушта медицинската установа и на тој начин онеспособува и друга болница. И така натаму.

А луѓето, гласачите, оние за кои се распишуваат изборите, со најголемо задоволство би грицкале семки и би гледале сеир, ама не можат да го прават тоа со задолжителните маски. На оние што не носат маски и онака не им е гајле, тие се зафатени со јадење мекици и одење по свадби, матурски вечери и крштевки.

Јас не можам да се сетам на некој изборен циклус во оваа несреќна Македонија, а тој да не бил историски. Произведуваме, што би се рекло, повеќе историја отколку што можеме да поднесеме, а наспроти тоа, или токму поради тоа, никако да го преживееме тој пуст 19 век.

Имавме ние искуство и со избори без главната опозициска партија. Тогаш коалицијата наречена „Сојуз за Македонија“ имаше апсолутна власт, па во еден момент мораше самата себеси да си стане опозиција (се сеќавате на оној крик на тогашниот претседател Киро Глигоров: „Не ме оставајте сам!“).

Сепак, кога и како и да се одржат овие избори, тие по многу работи ќе бидат уникатни, особено поради вонредните околности што денес се нарекуваат „нова реалност“, но и поради низа други фактори, особено ако најголемата опозициска партија навистина се реши да ги бојкотира.

Во тој случај, за разлика од изборите во 1994 година, кога практично гласачите и од македонскиот и од албанскиот политички блок имаа само една опција, овојпат нема да се гласа за тоа кој ќе биде на власт, туку кој ќе биде токму – опозиција. Бојкотот на главната опозициска партија нема да предизвика политичка криза, туку ќе ги засили малите и новите партии од типот на Интегра, Твоја, Левица… кои, како што сега стојат работите, ќе ја немаат силата за сериозно влијание врз политичките одлуки, ама затоа ќе имаат сериозна шанса да се факторизираат во македонскиот политички простор.

Во секој случај, евентуалното остварување на сонот на секој политички лидер на овие простори од осамостојувањето до денес, неговата партија да има апсолутно мнозинство во Парламентот и практично монопол врз сите оски на власта, нема да лежи на владејачката партија, туку токму на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа шпанска серија, наречена „Договарање датум за предвремени избори“, која трае некаде од крајот на минатата година, веќе стана здодевна, не само на оние на кои им е наменета, туку и на нејзините сценаристи

Значи, во една работа можам да се согласам со опозицијата – прашањето на избори е здравствено прашање, пар екселанс. Исто како што е прашањето на епидемијата со корона вирусот првенствено политичко прашање.

Бадијала вика Христијан Мицкоски словенечки лекари на помош. Може да викне и екипа од Светската здравствена организација, бадијала е. Едноставно, за ковид-19 нема вакцина и нема лек. Медицинската наука нема одговор. Земјите што тврдат дека го победиле корона вирусот (вклучувајќи ја тука и Словенија), не го победиле со медицински, туку со политички средства и со политички одлуки.

Кина, првата земја што настрада од вирусот и првата што направи слет во чест на победата над вирусот, пред некој ден затвори 11 квартови во Пекинг токму поради ширењето на вирусот. На крајот на краиштата, ако ковид-19 беше медицинско прашање, тогаш можеме слободно да тврдиме дека една Црна Гора, на пример, има подобар и поквалитетен здравствен систем од Франција, Белгија, Шпанија…

Со други зборови, земја и без сериозен здравствен систем може да понуди сериозен одговор на предизвикот наречен корона вирус, ама земја без сериозни политички институции сигурно не може тоа да го направи. На крајот на краиштата, и македонската страшна статистика го потврдува тоа. Затоа, браќа, ако навистина мислите на јавното здравје, тогаш излезете на избори и понудете соодветен одговор на епидемијата.

Мене и онака веќе ми здодеа да грицкам семки преку маска.