Избори за изолација

Попис никако да направиме, ама се чини дека пак ќе се пребројуваме. И овојпат на – избори. Кај нас, за волја на вистината, изборите, барем во последната деценија, никогаш не биле избор, туку  – пребројување: кој не е за нас, тој е против нас. Кој не е предавник, тој е патриот.

Но, овие избори, ако дојде до нив, сепак нема да бидат обични, туку ќе бидат токму тоа – судир на два крајно различни и, би рекол, непомирливи концепти за устројството на државата и нејзината иднина. И еден концепт би морал да биде целосно поразен, бидејќи во спротивно состојбата ќе биде, едноставно, неодржлива – ќе влеземе во еден непрекинат, маѓепсан круг на вечни избори што ништо нема да решат.

Во суштина, евентуалните избори најмалку ѝ одговараат токму на партијата што ги предизвикува – на ВМРО-ДПМНЕ. Разјадена однатре и однадвор, лишена од вистинските полуги на одлучување, со која раководи сѐ уште политички недефиниран лидер, оваа партија буквално се наоѓа меѓу чеканот на избрзаното отфрлање на Преспанскиот договор и наковалната на неспремноста да се излезе на избори.

Дури, еве, да го освои истиот процент гласови и повторно да биде најбројна партија во Парламентот, тешко може да се претпостави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе може да покаже коалициски капацитет да состави влада. Без оглед на нивните наводни приближувања до партиите од албанскиот блок, сепак круцијални се разликите во стратешките погледи на иднината на оваа земја, така што тешко во овој момент може да се замисли една таква коалициона влада.

Од друга страна, како што сега стојат работите, на повидок нема некоја политичка сила која ќе може посериозно да се вмеша во битката за власт меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, односно да биде она јазиче на вагата што ќе пресуди во нечија полза. Политичките сили што стојат зад Левица, Јанко Бачев, Солза Грчева, Љупчо Палевски се прилично недефинирани, со сопствени разидувања и, секако, во општа идеолошка конфузија.

Коалицискиот дефицит кај ВМРО-ДПМНЕ не произлегува само од нивниот иманентен национализам, кој, како по правило, најекспонирано излегува на виделина токму во периодот на изборите, туку околу нивната конфузија околу основните политички прашања со кои се соочува државата.

На времето, кога дојде до првата смена на лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски изгради имиџ на технократ и опозит на „комитството“ на Љубчо Георгиевски. Акцентот го стави на економијата и на ветувањата за подобар стандард. За разлика од него, Мицкоски акцентот го става на таканаречениот идентитет и наводното чување на националниот дигнитет.

Како што сега стојат работите, токму инсистирањето на овие теми е во спротивност со декларираните евроатлантски интеграции. Со други зборови, сите позначајни европски партнери, целото лидерство на Европската Унија, на НАТО, на САД… тврдат дека Преспанскиот договор е единствена перспектива за Македонија и за регионот, само Христијан Мицкоски, дел од неговото опкружување и грчките националисти гледаат во него национално предавство. Да, и Воислав Шешељ, се разбира.

Ако веќе не е можно пратениците да се опаметат, тогаш партиите што го поддржуваат Преспанскиот договор мораат да одат на избори во предизборна коалиција со една единствена тема, содржана во референдумското прашање, односно ратификација на Преспанскиот договор и продолжување на патот кон НАТО и ЕУ

Со овој став, Христијан Мицковски ризикува да ја изолира партијата на поширок план, а со самото тоа и да ја маргинализира. Прашање е колку емотивните моменти („ни ја крадат историјата“, „предците се превртуваат в гроб“, „Македонија е библиска земја“) реално можат да ги заменат евроатлантските интеграции, стабилноста и безбедноста на земјата.

Евентуалните избори, впрочем, ќе покажат колку навистина од оние фамозни 1.200.000 гласачи од избирачкиот список што не излегоа на референдумот се навистина реални и колку од нив се навистина мотивирани да застанат наспроти светот и што е уште поважно наспроти видливите перспективи на земјата.

Значи, може да се очекува жестока и непотребна предизборна кампања, свртена кон емотивните и психолошките ефекти (достоинство, патриотизам, капитулација, геноцид итн.), а не кон реалните геополитички правци и можноста Македонија да го дофати последниот воз за една колку-толку нормална иднина и да ја избегне судбината на ВМРО-ДПМНЕ, односно да остане изолирана, нестабилна, со мали инвестиции и лош економски амбиент.

Во ваква ситуација, логично е да се предвиди уште поголема поделеност на националното ткиво и натамошно пропаѓање во сеопштата криза. Во зависност од изборните резултати може да се очекува нивно непризнавање, улични протести, ескалација на говорот на омраза, а евентуално и реприза на 27 април.

Како тогаш да се избегнат негативните последици и во првиот квартал од 21 век Македонија конечно да стане нормална земја? Наједноставен начин е Собранието да ги усвои уставните амандмани. Ако веќе не е можно пратениците да се опаметат, тогаш партиите што го поддржуваат Преспанскиот договор мораат да одат на избори во предизборна коалиција со една единствена тема, содржана во референдумското прашање, односно ратификација на Преспанскиот договор и продолжување на патот кон НАТО и ЕУ.

Тоа е единствената шанса некако да се скрпи двотретинско мнозинство во Парламентот, а кога веќе ќе се завршат овие работи, ете им можност за нови избори, па тогаш нека се расправаат и спротивставуваат на некои други  теми!