Затвор и слобода

Зошто се чудиме на големите опозициски опструкции? Кога Груевски падна, зарем не констатиравме дека ќе треба многу време за да се демонтира груевизмот од општеството. Тој процес не е завршен. Поточно, не е ни почнат.

Дел од инiцијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ први се уверија колку е мачно и тешко да завладее демократски дух во партијата, а камоли таа промена да рефлектира и бенефити за општеството. И така ќе биде се додека на челна позиција седи Груевски, односно негова комплетна реплика, односно цел Ж-тим.

Сите заедно уште попосветено го негуваат груевизмот како ретка билка која мора да се спаси од исчезнување, го чуваат небаре се две-три ретки капки зачувана есенција која не смее да испари, бидејќи во неа е тајната за вечна и несанкционирана власт. Нешто слично како секојдневно подготвување напивка од комбуха. Само што таа навистина има некакво делотворно дејство, а ова другово е како да секој ден да го храните општеството со двојна доза солна киселина.

Што има патриотски во тоа да се живее со сеење поделби и злоба и да се опструира државата на штета на сите? Ставот „опструирам, значи постојам“, одамна не бара политичка анализа, туку стручна дијагноза. Особено, кога и самите актери го признаваат делото. Груевски вели: „ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде уценето. Ако ВМРО-ДПМНЕ е уценето, уценета е и Македонија“.

Ова го кажува човекот што со години ги уценува сите пратеници и градоначалници со меници. Неговата идеологија е владеење со закана и страв. И тие меници, иако се тотално незаконски, се уште некаде ја играат нивната функција.

Дел од инiцијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ први се уверија колку е мачно и тешко да завладее демократски дух во партијата, а камоли таа промена да рефлектира и бенефити за општеството

По толку „бомби“ и наводни податоци каде се тие депонирани, нејасно е – зошто до денес не е разбиено дувлото од каде уште се инструментализира однесувањето на пратениците според заканата со мениците? Од аспект на слобода на став, мислење и одлучување, многу е позначајно да се осуети модерното ропство во ВМРО-ДПМНЕ и да се ослободат луѓето од притисоци и закани.

И тука вистинската улога требаше да ја одигра новиот партиски претседател, да покаже свест за политичкиот момент и одговорноста, наместо дополнително да ја заробува партијата со дисциплинирање на секој став што отскокнува од партиските догми.

Фактички, тој дозволи неговиот претходник да држи лекции за чесност по фејсбуци, небаре сме заборавиле кој ни се обраќа: раскалашен нарцис маскиран во скромно лидерче со шоферско јакниче, кое верува дека со габаритна автомобилска марка и уште погабаритна авторитарност ќе го покрие недостигот од крупен политички и човечки формат.

Тој хомо дуплекс денес јавно признава: „Кога ВМРО-ДПМНЕ е на колена, на колена е и Македонија. Но, и кога ВМРО-ДПМНЕ е силно и исправено, исправена и силна е и Македонија“.

Тоа е неговиот/нивниот микро комос. Ако ВМРО-ДПМНЕ е на колена, (читај – не е на власт) и Македонија мора да страда. Ако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, тогаш Македонија е силна, прва по се и сешто во светот. Да, го гледавме тој филм десет години.

Ставот „опструирам, значи постојам“, одамна не бара политичка анализа, туку стручна дијагноза. Особено, кога и самите актери го признаваат делото

Тој би сакал тоа да се репризира. Да се врати на сцената гланц нов, неискомпромириран, неосудуван, а за тоа му треба елиминирање на СЈО, за чие основање и ВМРО-ДПМНЕ гласаше во парламентот. По лично признание на Груевски, тогаш наивно си мислел дека СЈО ќе биде претставувано само од еден обвинител, а не цела институција. Демек, очекувал некаква пржинска козметика, а не цела машинерија која денес ќе ги тресе неговите „чесни“ десет години.  

Разочаран од таа грешка, денес вели: „Треба секогаш на прво место да ни биде општиот и заеднички интерес на нашата држава. Индивидуалните и лични предизвици и ризици, не смеат да го доведат во прашање претходното“. Со таа разлика што тој ЕУ и НАТО не ги гледа како општ интерес.

Неговиот, и предизвикот на негови соработници за соочување со правдата, навистина не смеат да го доведат во прашање интересот на државата – членство во ЕУ и НАТО. Лично, би била најсреќна ако никој не мораше да оди во затвор.

Бидејќи и за оние кои се на слобода ништо нема биде ни толку добро ни толку лесно, доколку судски се потврди дека живеат во држава опљачкана од оние кои пред Уставот се заколнале дека ќе работат за нејзино добро. Тие патриотски синови кои не покажале респект кон ресурсите на земјата, најдиректно ги осиромашиле нивните сограѓани и им ја скратиле шансата за подобар живот.

Па ќе гледаме училишни згради како онаа во Гостивар, покриена со најлон наместо покрив, а таму учат околу 1.000 деца. Со колку проценти од рускиот клириншки долг, можело тоа да се реновира? Да не зборуваме за амбуланти, болници, лекови…

И сега опозицијата критикува за сето ова. Тоа што не го направиле за десет години, го бараат од оваа Влада за една година. Секако, тоа не ја амнестира сегашната Влада од непостапување за активности кои не трпат одложување ни еден ден, без оглед на политичката фаза во која изгледа „нормално“ се друго да се стави на „off“.

Напротив, се мора да биде на „on“. Власта посебно, но не помалку и опозицијата. Денес, кога се подигнати и очекувањaта за одговорност од опозицијата, изгледа ѓаволски тешко да се адресира од каде таа би дошла. Сепак, очекувањата на граѓаните се дека таа ќе дојде токму од нивните избраници.

Граѓаните имаат право да бараат и се надеваат дека пратениците ќе бидат гласот на разумот, дека тие ќа направат разлика, дека тие ќе го обелат образот на партијата, но пред се, на Македонија.

Зашто, поразително е кога поранешниот бугарски претседател Плевнелиев пријателски не потсетува дека пред две децении Македонија била десет години пред Бугарија, а денес е најмалку десет години зад неа. Го имам предвид и потсетувањето на Груевски дека „иднината им припаѓа на оние кои најдолго и најдалеку се сеќаваат на минатото (Ф.Ниче)“.

Пратниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се на пат да стигнат до својата слобода. Впрочем, тоа е истиот пат по кој Македонија чекори кон својата иднина. И добро е сите да бидат заедно на тој пат

Да го читаше Груевски навистина тој Ниче, а не Ниче Македон, денеска друг муабет ќе правевеме. Вака, тешко ќе може да ја покрие политичката и образовната дупка со еден цитат пронајден на гугл. И затоа верувам кога признава: „Јас сум ништожен и безначаен во однос на илјадниците жртви дадени за делото и каузата за која со генерации македонските патриоти и маченици се бореа, гинеа, страдаа, беа затворани, понижувани и угнетувани“.

Точно. Тој се бореше и се бори за кауза која нема многу врска со вистинска жртва за Македонија. Впрочем, во сите клучни моменти, тој беше надвор од Македонија. Други му ги водеа „битките“, други ставаа потписи на патриотски тендери, други денеска страдаат заради неговите авантури.

Вистинските каузи на Груевски и неговото друштво ќе ги откријат надлежните органи. Оние кои не сакаат да се валкаат во таа кал, ќе тргнат по свој пат, пат без меници и страв. Во спротивно, би останале негови вечни, доброволни заробеници.

Нешто што потсетува на случајот со затвореникот на Голи Оток, кој по излегувањето од озлогласениот затвор, воден од стравови, решил и натаму да остане таму. Сакал да живее во своевидна самоизолација и да напише книга за се што доживеал во тешките денови.

Иако секој ден се подготвувал да запише нешто на хартија, поминале многу години, и еден ден починал. Единственото што го оставил запишано, била една реченица: „Еден летен ден излегов од затвор, но на слобода никогаш не успеав да стигнам“.

Пратниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се на пат да стигнат до својата слобода. Впрочем, тоа е истиот пат по кој Македонија чекори кон својата иднина. И добро е сите да бидат заедно на тој пат.