Изгубениот момент

„По Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, дојде време за голем договор, а тоа е Договорот за економски консензус – економски рамковен договор. За да постигнеме животен стандард што е близок, а зошто не и еднаков на другите европски граѓани, ги поставивме економските прашања како еден од трите централни столбови на нашата програма Европа 2030. Договорот ќе обезбеди политички и социјален консензус за развојните приоритети, политики и клучни реформи, кои ќе овозможат социјална еднаквост и еднакви економски можности за сите, ќе создадат оптимизам и ќе промовираат забрзан економски раст – над 5 отсто годишен раст на БДП, одржлив и сеопфатен развој за повисок стандард и квалитет на живот на сите граѓани“.

Се сеќавате ли на ова ветување? Да потсетам – беше тоа предизборното ветување на Европскиот фронт. На посебна прес-конференција детално го претставуваа овој приоритет на фронтот предводен од ДУИ.

Оттогаш до денес, никој од ДУИ не спомнал ни „е“, од економија. Како што никогаш не ја спомнаа ни ветената зелена агенда, бидејќи се уверија дека најмногу се ќарува од етничката. Како досега.

Позајмена идеја

Откако ДУИ отиде во опозиција, зборува единствено за Охридскиот рамковен договор. Економскиот исчезна од фокусот, односно никогаш и не бил во фокусот на ДУИ. Да беше поинаку, ќе се заложеа за него и порано, бидејќи идејата за таков договор не е од вчера, ниту, пак, е автентична идеја на ДУИ, но тие имаа можност да ја спроведат додека беа на власт со СДСМ.

Оваа идеја ја актуализираше поранешниот премиер Хари Костов, по вторпат во август 2021 година, на конференција по повод 20- годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

„Ако е точна констатацијата дека Охридскиот договор е веќе исполнет, тогаш политичките партии во државава треба да склучат нов рамковен договор – за економските реформи, политики и мерки што треба да се спроведуваат во следните најмалку десетина години, во соработка со науката и бизнисот. Новиот рамковен би значел договор меѓу сите релевантни политички партии со учество на науката и бизнисот за мерки за кои ќе постои согласност дека ќе мора да се применуваат независно кој ќе биде на власт“, порача тогаш Костов.

Прогнозираше дека тој негов предлог ќе наиде на „тврди уши“ и игнорирање, како што се случило и во 2004 година.

И повторно погоди. Никој не се заинтересира. ДУИ не зуцна ништо за тоа ни тогаш, во 2021 година, ни до крајот на мандатот. Реши да ја „продава“ оваа позајмена идеја за изборни цели во 2024 година. И со тоа потврди дека партиите се чувствуваат удобно да ги трошат самостојно и нетранспарентно прибраните пари од стопанството и граѓаните кога се на власт, а да го критикуваат тоа кога се во опозиција. Така поминавме 30 години.

Без калкулации

Во меѓувреме, беше препуштено матен Вардар да ги покрива криминалите и корупцијата што ја урнисаа економијата, со оглед дека судството се покажа недораснато да се справи со центрите на политичка и бизнис-моќ. По повеќе од три децении и мандатна смена на Курто/Мурто во власта, во која беа видени сите возможни и невозможни коалиции, граѓаните веќе имаат дебело искуство да препознаат кој е кој, и што е што.

Оттаму и увереноста дека ова е последен циклус во кој е заложена граѓанската надеж дека ќе се стави крај на негативната спирала во која земјата тоне. А прв предуслов да се мрдне од точката на стагнација или назадување е битката со криминалот. На тој план повеќе не смее да има тактизирања од типот – да го оставиме тоа за утре – задутре или да се проценува кој момент е погоден, бидејќи секој неуспех почнува кога ќе надвладеат калкулациите.

Моментот беше пред 30 години. Па, пред 25. Па, пред 15. Па, пред 7. На крај целосно го изгубивме „моментот“.

Драматично доцниме. На дело ништо не случува, а во сферата на вербалното, секој ден „војуваме“ со корупцијата. Но, грубо кажано, клучната „битка“ досега се одвиваше низ заткулисни наративи – „оставете ги граѓаните да веруваат дека водиме битка со корупцијата, но ние мора да живееме од нешто, да создаваме капитал, зашто без пари нема ни моќ…“

Или – „на кого му е до чесност, правда, еднаквост и неселективност, нека оди во црква/џамија, а не во политика и бизнис“.

Вака звучеше „искрената посветеност“. Многу владејачки гарнитури паднаа на испитот, зашто ем сакаа да глумат чесност и бескомпромисност, ем се впуштија во исти дејства со оние што требаше да ги гонат. Таа битка се претвори во најкарикатуралната слика за елитите, кои зад неа вешто ја маскираа својата криминогеност од позиција на моќ.

Последна шанса

Новата влада сега е пред нова, но и последна шанса. Последна шанса за земјата. Ако се остави криминалот и корупцијата и натаму да ги јадат ресурсите, ако не се случи ништо радикално освен прегрупирање на интересите и мафиите, ако не се обујат железни опинци за да се тргне „со штитот или на него“ против криминалот, проблемот не ќе може да го решат ни некои нови партии, ни некои нови избори, зашто ќе бидат претекнати од една голема имплозија.

Земјата не може да издржи ново одложување на операцијата за чистење на метастазите. Ако невладеењето на правото е безбедносно прашање, истото важи и за несанкционирањето на криминалот, кој ја разјадува и распаѓа земјата однатре. Нема да дојдат нови инвестиции во земја каде што има „епидемија од криминал“, нема правна сигурност, нема предвидливост.

Нема да ги посочувам „предвидувањата“ што се редат за земјава во експертско-политичките кругови кај најблиските соседи, а и пошироко, доколку земјава не излезе од лавиринтот во кој секоја патека е минирана со националистички теми.

Впрочем, тоа е и стапицата во која може да влезе владината коалиција, доколку ја троши енергијата за да реплицира на теми за измислени вазалства, да парира на етнички трофеи по полиците на национализмот и за сѐ друго што во овој момент се употребува за да ѝ се размати водата, зашто опонентите знаат дека во матно најлесно се лови.

Опозициските партии што играат на оваа карта не добиваат додадена вредност, а што порано го разберат тоа, можеби и ќе успеат навистина да се наметнат како респектабилна опозиција. Во моментов се многу далеку од тоа. Над нив останува да виси прашањето – што направивте во вашиот мандат? Немањето одговор не се покрива со ништо. Најмалку со изјави – ако не влеземе во владата, ќе влеземе во Европа. Со вакво поведение може само индивидуално, по цена од 7 евра.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија