Не знам зошто сме толку изненадени од фразите што извираат од аудио-снимките, од типот – „ќе ги сотреме“, „новинари говеда и идиоти“, „ќе лета од работа“ или „на клоци ќе ги избркаме од државните институции“… Тие се само дел од методите со кои до денес се остваруваа насоките од познатото „Писмо на Груевски“, за последна пресметка со неистомислениците.
По презентацијата на дел од фонотеката со која распoлага СДСМ, а чија автентичност досега никој не ја оспори, се зголемија очекувањата дека скандалозните содржини на разговорите мора да предизвикаат чин на морална одговорност, спакувана во неотповикливи оставки на клучните лица кои раководат со безбедносниот систем. Или, ако тие имаат проблем со сопствениот морален индикатор и не можат да разберат дека од одреден момент повеќе стануваат проблем, отколку менаџери за решавање на проблемот, тогаш тој клучен чекор мора да го преземе премиерот: да ги разреши од функциите! Така би било во секоја демократска земја во која владееат правото, одговорноста и отчетноста.
Но, ова нема да се случи, не затоа што Македонија одамна е во расчекор со тие вредности и стандарди, туку затоа што тоа е во целосна спротивност со концептот врз кој се темели целокупното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, предводено од премиерот Никола Груевски.
За жал, на тој клучен факт, кој покажува дека ние овде постојано страдаме од вишок политика и од кусок меморија, деновиве ме потсети колега, странски новинар, дојден да направи поширока анализа за причините, димензиите и можностите за излез од македонската криза, откако претходно за „случајот Македонија“ направил серија брифинзи и разговори со официјални лица во Брисел.
На списокот на неговите прашања, теми и поттеми, воопшто ги немаше оставките. Кога го прашав – зошто, наместо одговор, од чантата извади куп анализи од европски институции, меѓу кои, еден од заклучоците е овој: „Во Македонија со години не функционира институтот морална и политичка одговорност. Дури и по настаните во Собранието од 24 декември 2012 година, кои сериозно ја искомпромитираа улогата на Парламентот, дозволувајќи неговата работа да биде узурпирана и суспендирана и од претставници на извршната власт, тоа не предизвика ни лична ни иницирана одговорност за носителот на функцијата Претседател на Собранието (како и за други носители на функции) инволвирани во настанот. Покрај тоа, истото лице повторно беше избрано за Претседател на Собранието, со што, несанкционираните пропусти или грешки на надлежните, Владата ги востоличи како модел на одобрено и наградено политичко однесување…“.
Под оваа, но и под други забелешки, се повторува една иста фуснота: „Во јавните политики и натаму се спроведуваат насоките од ‘Писмото’“, по што е наведен линк за него.
Колку за потсетување, станува збор за писмото преку кое Груевски во 2009 година ги повика сите членови на партијата да се вклучат во последна пресметка со неистомислениците. Ако се сеќавате, за писмото кое тогаш ја шокираше домашната и меѓународната јавност, на Груевски му беше поставено прашање и во шоуто „Quest means business“ на Си-ен-ен. Водителот Ричард Квест, откако му посака добредојде на македонскиот премиер, го запраша дали ќе биде разочаран ако Македонија не влезе во ЕУ до 2014 година, на што доби позитивен одговор. Потоа го праша дали и Македонија ги дели истите вредности со земјите од ЕУ – слободен пазар, правна држава, демократија,.. на што Груевски уверливо одговори: „Се разбира дека ги делиме истите вредности“.
„Навистина?“, праша иронично Вест, по што на маса го извади скандалозното писмо и побара објаснување за пораките што Груевски ги испраќа со него.
„Тоа е писмо што го пратив до членството на партијата. Тоа обично го правам еднаш годишно.
Многумина во Македонија го разбраа како подготовка за вонредни избори, што – ќе кажам ексклузивно за вас – не е вистина. Всушност, тоа е своевидна мобилизација на луѓето да им се приклучат на прогресивните сили во земјата“, објасни Груевски.
Не само што Македонија не влезе во ЕУ до 2014 година туку уште повеќе се оддалечи од стандардите и вредностите кои дотогаш ја приближувааа кон таа цел. Во изминатите години, пак, воопшто немаше други такви премиерски писма „еднаш годишно“. Изгледа, доволно беше само тоа едно, за да се разбере и почне да се спроведува премиерската порака.
Денес ги жнееме резултатите од тој труд. Земјата е успешно поделена на оние кои ја „бранат“ и оние кои ја „предаваат и продаваат“, иако веќе стигна јавна утеха дека каде и да е, „предавниците“ ќе бидат сместени под „бетоноски плочи“. Што значи дека сѐ се остварува според планот.
Инаку, под линкот за „Писмото“ (преведено на англиски, француски и германски), во фуснота се наведени и сите домашни и меѓународни реакции што уследиле по него. Меѓу нив, е содржината на прес-конференција на Гордан Георгиев од СДСМ, одржана на 19.11.2009, а болдирани се неколку поенти.
„Смешните оправдувања дека се работи за писмо кое еднаш годишно Груевски го испраќа до членството, воопшто не ги прави наивни пораките кои тој ги испраќа до сите оние кои мислат поинаку од него… Воопшто не е важно дали Груевски се подготвува за предвремени избори, многу е поважно што тој сее омраза и отворено повикува на целосно задушување на демократијата во Македонија… Господине Груевски, СДСМ никогаш нема да повикува на Ваше финално истребување. Колку и да не се согласуваме со Вас, секогаш ќе Ве респектираме како политички противници… СДСМ како и досега ќе Ви пружа помош и поддршка секогаш кога се работи за интересите на нашата татковина. Затоа Ве повикуваме да престанете со Вашите обиди за внесување раздор и поделба на македонскиот народ“.
Значи, оние што овде ги доживуваме како некакви незаинтересирани бирократи, многу темелно ги ажурираат причините, мотивите и развојот на сите епизоди кои од почеток до крај, на различни начини придонеле во креирањето на македонската криза. Што би се рекло, го гледаат целиот пакет, а не сегментарно, преку „бомба“ или „пуч“, сеедно. Имајќи го предвид спомнатото писмо, денес не треба премногу да бидеме изненадени од фразите што извираат од аудио-снимките од типот – „ќе ги сотреме“, „новинари говеда… и идиоти“, „таа ќе лета од работа“ или „на клоци ќе летаат од државните институции“… Тие се само дел од методите со кои се остваруваа насоките од скандалозното писмо на Груевски.
Затоа, сега дури е и ирелевантно, дали ќе има поединечни оставки. Онаму каде што постои „пустина на неодговорноста“, едно или две зрнца песок помрднати лево или десно, не можат да ја сменат сликата на целиот пејзаж.
Расчекорот меѓу она што ѝ е потребно на Македонија – интеграции, владеење на правото, медиумска слобода и демократија, и политиките што се спроведуваат – е преголем, за да може тој да се игнорира или бајпасира со неколку неискрени оставки, жртвувани пред олтарот на лажната одговорност. Потребна е целосна реконструкција.