Јаневски зад седумте јасени

Денес, понеделник, 20 јануари, се навршуваат точно 20 години од смртта на Славко Јаневски (Скопје, 11.01.1920 – Скопје, 20.01.2000). Пред десетина дена, на 11 јануари, се навршија сто години од неговото раѓање. Тој 11 јануари само еден портал (и со бројки: 1) го објави овој податок во рубриката „На денешен ден“.

Никој не положи цвеќе на неговото вечно почивалиште. Или барем на неговиот споменик во паркот „Жена-борец“. Ниту една телевизија не направи обид да направи барем еден прилог и да потсети на големиот јубилеј. Министерството за култура на Република Северна Македонија, кое, нели, (би требало да) се грижи за културното наследство, не прати никакво известување, ниту, пак, најави некакви активности за обележување на јубилејот. Собранието на Република Северна Македонија очигледно има попаметна работа. Техничката влада и онака е техничка и се занимава со шпионирање на администрацијата…

Не очекувам дека и денес, на 20-годишнината од смртта на нашиот великан, кој било ќе направи што било за да ја поттикне колективната меморија и, ако ништо друго, барем да потсети на гранката на која денес седиме. Евентуално, и тоа само евентуално, во некоја рубрика од типот на „На денешен ден“ ќе го забележи овој ноторен податок.

Но, ајде да не бидеме сосема неправедни. Градот Скопје најави дека на следната седница на Советот ќе ја прогласи 2020 година како година на својот истакнат сограѓанин. Нема или барем јас немам информации кога оваа седница ќе се одржи. Како и да е, најавени се повеќе активности: голема изложба за животот и делото на Јаневски, именување на една улица со неговото име, именување на еден клон на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ со неговото име…

 Иако, ако сакаме да бидеме доследни, тука мора да напоменеме дека писателот Милован Стефановски, инаку пријател на Јаневски, сведочи дека по негова иницијатива, библиотеката „Другарче“ уште во 2004 година официјално го добила името „Славко Јаневски“.

Македонската академија на науките и уметностите најавува Свечен собир по овој повод некаде напролет годинава. Веројатно нешто ќе направат и Друштвото на писателите на Македонија, Струшките вечери на поезијата, како и некои други институции, кои, како и целата држава, ги има задолжено овој колосален темелник на македонската култура.

Клучното прашање на оваа држава не е како да влезе во Европската Унија, туку како да ги поврати сопствените темели и како да се извлече од урнатините на сите културни стандарди. Кога нешто ќе се урне, мора да се гради одново. Од почеток. Цигла по цигла

Досега единствено Фондацијата што го носи името на великанот, на 15 јануари организираше дружење и литературно читање во Културно-информативниот центар во Скопје, со што барем формално ја обележа стогодишнината од раѓањето на својот патрон. Претходно, истиот ден, членовите на семејството на Јаневски, на Фондацијата, како и десетина негови пријатели, колеги и почитувачи положија цвеќе на споменикот во „Жена-борец“. На положувањето цвеќе од естаблишментот, единствено беше виден градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Славко Јаневски, дури и без оглед на онаа огромна неправда што државата Македонија претходно му ја направи со трагичниот процес на лустрација, е само илустрација за нашиот однос, не само кон великаните на македонската култура, туку кон културата воопшто.

Односот кон јубилејот на Јаневски, како и кон неговото дело, не е инцидент. Македонската култура е инцидент. Таа како да не му е потребна на ова општество, како она што се случува во културата да е самородно, па што излезе – излезе! На крајот на краиштата, и „Медена земја“ е типичен пример за овој модус вивенди на нашето преживување. Ништо повеќе, туку еден ексцес.

Секторот за култура во извршната власт најчесто служи за меѓупартиски нагодувања и задоволувања на апетитите за владеење. Просто, човек не може да избега од впечатокот дека Министерството за култура постои затоа што „така треба“, а не затоа што има потреба од него.

Дури и во годините кога Министерството располагаше со значително повеќе средства од сегашните едвај нешто над еден процент од републичкиот буџет, тоа повеќе се однесуваше како некаква градежна оператива, занемарувајќи ја или политички боејќи ја таканаречената жива култура.

Славко Јаневски, дури и без оглед на онаа огромна неправда што државата Македонија претходно му ја направи со трагичниот процес на лустрација, е само илустрација за нашиот однос, не само кон великаните на македонската култура, туку кон културата, воопшто

Во таа смисла, не изненадува стратегијата „за сите по малку и за никого ништо“, па речиси по секој конкурс за помагање проекти од национално значење ќе се случат некакви помали или поголеми скандали. Едноставно, принципот на работа е тој: ако нешто излезе – добро, а ако не излезе ништо – пак добро.

Но, ќе бидеме и премногу наивни ако поверуваме дека станува збор за волунтаризам и не снаоѓање во просторот и времето. Не. Станува збор за сериозна стратегија – стратегија на отапување на општеството и негово метаморфозирање во гласачка машина, во лесно манипулативна толпа, која, едноставно, не може да најде одговор на предизвиците на времето без партиска послушност.

Една од карактеристиките на овој процес е исчезнувањето на културата од медиумите, вклучувајќи ги и оние со национален предзнак. Тие одамна веќе не се борат со нивото на пишаниот збор и со кредибилноста на информацијата, туку се занимаваат со дистрибуција на лажни вести, измислување приказни и додворување на политичкиот фаворит.

Во македонските медиуми, повеќе не може да се најде уметничка критика, а онаму каде што не постои овој вид критички збор, таму нема ни критериуми, ни критичка свест, а богами ни релевантно јавно мислење.

Секторот за култура во извршната власт најчесто служи за меѓупартиски нагодувања и задоволувања на апетитите за владеење. Просто, човек не може да избега од впечатокот дека Министерството за култура постои затоа што „така треба“, а не затоа што има потреба од него

Се издаваат бројни книги во минимални тиражи, колку да влезат во нечии биографии и библиографии, а притоа многу важни дела поминуваат целосно незабележено. Книги што некогаш ќе се продадеа во повеќеилјаден тираж, денес не можат да се продадат ни во сто примероци. Наместо критична маса на мислечки луѓе, создаваме критична маса на зомбифицирана толпа.

Да се разбереме, културата не е надградба во онаа марксистичка смисла: „првин наполни го стомакот, па потоа оди во театар“, затоа што колку што е важно заситувањето на физичката глад, толку е важно и заситувањето на духовната глад. Некогаш дури и поважно. Значи, културата е круцијален темел на секое сериозно општество.

Ние некогаш бевме сериозно општество, а на тоа, меѓу другите, нѐ потсеќа токму Славко Јаневски и неговото грандиозно дело. И затоа треба да биде оставен во заборавот.

Неговите дела, како и делата на Шопов, Абаџиев, Солев, Мицковиќ, Анте Поповски и останатите не можат да се најдат по книжарниците и нема да се преобјавуваат. Новите генерации нема да ги препрочитуваат и нема да ги превреднуваат. Единствено што ќе направиме, ако имаме можност – ќе ги лустрираме! Колку да им фрлиме дополнително петно.

Затоа клучното прашање на оваа држава не е како да влезе во Европската Унија, туку како да ги поврати сопствените темели и како да се извлече од урнатините на сите културни стандарди. Кога нешто ќе се урне, мора да се гради одново. Од почеток. Цигла по цигла. Ете, затоа ни треба Славко Јаневски!