На Илинденска број 2 владее неизвесност. Иако изгледа дека Беса експресно може да реши за опстанокот на владиното мнозинство (откако ДУИ преку приговор до ДИК си отвори пат да ја преиспита победата на Беса во Желино), или дека Алтернатива може да го спаси мнозинството, сепак, во равенката не се исклучени и други непознати.
Што значи, на пример, изјавата на Али Ахмети – „јас имав договор со Заев“, „тој не смее да се повлече“. Дали може да значи дека без Зоран Заев на чело на Владата, Ахмети нема намера да останува во влада со нов мандатар, да слуша партнерски забелешки за тоа кои од нејзините кадри треба или не треба да останат во идниот владин кабинет, или да отстапува ресор за нов партнер доколку мнозинството евентуално се зголеми?
Без разлика на официјалните изјави од типот „мнозинството е стабилно и треба да продолжи“, можни се разни игри без граници, кои може да ги направат целосно беспредметни напорите на Заев да замине од функцијата, но откако ќе обезбеди стабилно мнозинството што ќе ги продолжи заложбите за почеток на преговори со ЕУ
Според изјавите што засега стигнуваат од ДУИ, видлива е една основна линија: дека Заев за оставката претходно не се консултирал со ДУИ (и другите партнери), дека оставката е избрзана и неоснована, и дека не се согласуваат со таа одлука.
Што би можело да значи тоа во контекст на сегашните разговори во коалицијата? Освен што се чита како жалење и несогласување со одлуката, може да се чита и како услов: или Заев да се повлече од оставката, или ништо од муабетот за продолжување со работа на актуелното владино мнозинство.
Токму оваа позиција на ДУИ (несогласувањето со оставката) може да биде и главната окосница од која ќе зависи натамошниот процес – потврдување на мнозинството или отворен пат кон нови избори.
Ако се споредат резултатите на ДУИ, партијата на ланските парламентарни избори освоила 104.699 гласови, а сега на советничките листи 104.393 гласови, што рефлектира ненамалена, односно потврдена поддршка од нејзините гласачи. Тоа значи дека врз крилата на сегашниот резултат, на евентуални брзи предвремени избори, ДУИ би имала шанса повторно да се зацементира како неодминлив фактор на политичката сцена.
Особено, во време кога нејзините опоненти од албанскиот блок каскаат зад неа, а ДУИ не пропушта да им забележи дека, не само што ништо не добиле од коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ, туку – и дека дополнително изгубиле. Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, лани на парламентарните избори освоила 81.620 гласови, а сега на советничките листи нешто над 55.000 гласови.
Гледано од овој аспект, може ли несогласувањето на ДУИ со оставката на Заев и изборниот резултат во џебот на интегративците – да биде нивниот клучен мотив и алиби за отворање пат кон нови избори? Може. Но, не мора да значи.
Од потегот што ќе го повлечат, ќе се види дали навистина биле приврзани на програмските цели на Владата (без оглед дали се сменил кормиларот, ако целите се исти), или заминувањето на кормиларот може да го искористат како аргумент дека има „дисконтинуитет“ што ги принудува да свртат нова страница.
Заев се смета за политичар што бележи најмногу напори и резултати во подобрувањето на меѓуетничките односи и правата на заедниците, но практично за тоа никогаш не му беше искажано соодветно признание од партнерите во албанскиот блок. Напротив, неговата политичка супстанца во континуитет беше нагризувана и оптоварувана со барања за политички „трофеи“, кои воопшто не зависат од премиерот, туку од изборната волја на гласачите.
И покрај тоа, Заев направи сѐ за да го алиментира и тоа: прифати да има премиер Албанец во последните 100 дена од владата. А за тоа да не биде малку, на кадар на ДУИ му припадна и функцијата „прв вицепремиер“. Вината за ова, секако, ја носи и Заев: меѓу изборот да биде опозиција или да го трпи тоа, избра да трпи.
ДУИ, не само што не го штедеше Заев, туку максимално го цедеше на штета на неговиот и имиџот на владата во македонскиот блок, каде што трпеше големи критики поради неговата п(р)опустливост за ваквите крунисувања на кадри на ДУИ, со функции кои и Законот за владата воопшто не ги познава.
Или, како што коментира поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, „Ахмети помогна Заев да изгуби, Заев помогна Ахмети да не изгуби.
Што значи, на пример, изјавата на Али Ахмети – „јас имав договор со Заев“, „тој не смее да се повлече“. Дали може да значи дека без Зоран Заев на чело на Владата, Ахмети нема намера да останува во влада со нов мандатар
Сега, кога многумина истото го коментираат и за епилогот во опозицискиот блок „АА/А помогна ВМРО-ДПМНЕ да победи, ВМРО-ДПМНЕ не помогна АА/А да не изгуби“, реално се дестилираат две партии, кои може да станат природни сојузници во отворање на патот кон предвремени избори: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
И двете ги врзува ист мотив – да го потврдат или унапредат резултатот од локалните избори.
На тој терен, каде што без разлика на официјалните изјави од типот „мнозинството е стабилно и треба да продолжи“, можни се разни игри без граници, кои може да ги направат целосно беспредметни напорите на Заев да замине од функцијата, но откако ќе обезбеди стабилно мнозинството што ќе ги продолжи заложбите за почеток на преговори со ЕУ.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која барем формално нема обврска да се грижи за владините интеграциски очекувања во декември (бидејќи неа не ѝ носи рејтинг), ДУИ е на позиција од која извира и политичка, и морална, и коалициска обврска да мисли на тоа, без разлика дали има нов премиер.
Во тоа е разликата. И низ таа призма ќе се мери кој низ какви интереси ќе ги влече потезите: партиски или државни. Едното ќе се книжи како класичен опозициски пристап, другото како морално-политички престап. И многу бргу ќе се види кој што избрал.