Каде згреши Министерката?

Не знам што повеќе ме шокираше – тоа што Владата сака да го укине прогресивниот данок, неполна година откако го воведе, или нестручноста и слабоста на аргументите на Министерката за финансии додека го бранеше ова. Да почнеме со второво.

Базирајќи се на податоци за првите шест месеци од 2019 (да, само шест месеци), Министерката изнесе два аргумента за укинувањето на прогресивниот данок. Дека не ја намалил нееднаквоста доволно, односно, Џини коефициентот се намалил за само 1 процентен поен, и дека имало избегнување на данокот, односно, биле изгубени околу 50% од приходите кои можеле да се соберат.

Тоа што Министерката смета дека намалувањето на Џини коефициентот за 1 процентен поен за половина година е мало намалување, е елементарно непознавање и целосно неразбирање на проблематиката на нееднаквоста, што можеби и не чуди, знаејќи дека доаѓа од бизнисот. Но, добро упатените знаат дека пред некој ден излегоа податоците за нееднаквоста за 2018 година, и дека Џини коефициентот тогаш, со покачувањето на минималната плата од 25%, се намалил за 0,6 процентни поени.

И сега, кога само за шест месеци се намалил за двојно повеќе од тоа, вие тврдите дека тоа е малку? Но, во ред, дури и да сметате дека е малку, зошто вашиот одговор на тоа е да го укинете прогресивниот данок, наместо да го направите уште попрогресивен? Зарем не е логично, доколку сметате дека нееднаквоста не се намалила доволно, да воведете уште една, а можеби и две стапки?

Избегнувањето на данокот Министерката го аргументираше со тоа дека некои даночни обврзници ги немало во системот во 2019 година, и со тоа дека некои физички лица одлучиле дел од своите приходи да ги префрлаат на други лица, за да не го надминат прагот за повисоката даночна стапка, што особено било присутно кај хонорарите.

Околу „исчезнувањето“ од системот, да, нормално е некои даночни обврзници кои ги имало во системот во 2018, да ги нема во 2019. Илјадници луѓе се иселуваат секоја година од државава, има луѓе кои остануваат без работа, а има и луѓе кои умираат. Но, од друга страна, секоја година во системот влегуваат и нови обврзници, поради што е битен вкупниот број на даночни обврзници.

Министерката не кажа дали вкупниот број обврзници се намалил или не (таа всушност не кажа ни колку обврзници исчезнале од системот, но добро). Но, со оглед на тоа што бројот на вработени во првата половина на 2019 е зголемен за околу 40.000 лица, јас сум прилично сигурен дека вкупниот број на лица во системот воопшто не е намален, туку веројатно е и зголемен.

Но каде е Премиерот Заев, кој пред година дена велеше дека, ако сакаме да градиме фер и праведно општество, треба тие што имаат повеќе, да плаќаат повеќе? Дали се откажа од намерата да гради фер и праведно општество?

Префрлањето на приходите на други лица е друга работа, и тоа е нешто што воопшто не може да се утврди од податоците со кои располага Министерството за финансии, односно Управата за јавни приходи. Познавајќи ги добро овие податоци од моето работење таму, знам дека во тие податоци може да се види само која фирма на кое физичко лице исплатила средства, но не и како фирмите планирале да ги исплатат тие средства пред реформата.

Да, може да има примери кога едно лице во 2018 година има исплатен хонорар од некоја фирма од 100.000 денари, а во 2019 има хонорар од 90.000 денари, но тоа никако не ви дава за право да тврдите дека лицето го префрлило својот приход на друго лице. Многу поверојатно е дека станува збор за целосно различен хонорар, односно различен договор, за различна услуга, со различен надомест.

Оттука, јасно е дека аргументацијата на Министерката за укинувањето на прогресивниот данок е целосно непоткрепена и нестручна. Всушност, и самото тоа што Министерката дава оценка на ефектите од даночната реформа на база на податоци за само шест месеци, е благо кажано, несериозно. На сите што знаат барем малку економија или јавни политики им е јасно дека шест месеци се премал период за согледување на ефекти од даночна реформа.

Првата поиздржана оценка за прогресивниот данок ќе може да се даде дури кон средината на 2020 година, по поднесувањето на годишната даночна пријава. Имено, со даночната реформа се воведе и една новина кај нас, инаку стандардна пракса во земјите што имаат прогресивен данок, дека по истекот на годината ќе има доплаќање на данок од страна на оние лица кои платиле помалку во текот на годината отколку што требало.

Ова ќе се прави со поднесувањето на годишната даночна пријава, односно во мај 2020 година. Така, сите оние лица кои во текот на 2019 година имале повеќе приходи во текот на еден месец, кои што индивидуално се пониски од 90.000 денари, но собрани заедно надминуваат 90.000 денари месечно, со пријавата ќе треба да доплатат данок. Оттука, пред да се согледаат овие податоци, секоја оценка на ефектите од даночната реформа е нецелосна и непрецизна.

Дури и откако ќе се согледаат овие податоци, тоа нема да даде чиста слика за даночната реформа, затоа што секоја даночна промена нужно и неизбежно генерира одредени прелевања на данокот од еден период во друг. Конкретно, во декември 2018, непосредно пред да стапи на сила прогресивниот данок, многу фирми направија предвремени исплати на дивидендите кои планираа да ги исплатат во 2019 година, за да го избегнат повисокиот данок.

Таа добро знае дека ефектите од реформата се подобри отколку што се очекуваше. Впрочем, и самата кажа дека „товарот“ од прогресивниот данок го поднеле компаниите. Тоа всушност ѝ е болката

Поради ова, даночните приходи од дивидендите во декември 2018 беа 5 пати повисоки отколку во декември 2017, односно имаше прелевање на даночни приходи од неколку милиони евра од 2019 во 2018 година. Поради ова прелевање, и целосните податоци за 2019 година нема да дадат чиста слика за ефектите од прогресивниот данок, односно, ќе ги потценат ефектите. Она што е важно тука е дека ваквото прелевање се случува само еднаш, пред да се направи промената, односно, не претставува трајно губење на приходи.

Но, не викам дека не може да се дадат првични прелиминарни оценки за ефектите од прогресивниот данок. Тие можат да се дадат многу едноставно, на база на јавно достапните податоци од Министерството за финансии, за извршувањето на буџетот за првите 9 месеци на 2019 година. Таму може да се види дека приходите од персоналниот данок на доход (односно, данокот на личен доход, по ново) во првите 9 месеци на 2019 изнесуваат 13.222 милиони денари, додека во првите 9 месеци на 2018 изнесувале 11.558, односно, дека пораснале за 1.664 милиони денари (27 милиони евра).

Притоа, кога се воведуваше прогресивниот данок, очекувањата беа дека приходите во целата година ќе се зголемат за 25 милиони евра. Односно, може да се каже дека веќе во првите 9 месеци од годината, се надминати очекувањата од даночната реформа. Односно, нема ни трошка вистина во тоа дека биле изгубени 50% од приходите кои можеле да се соберат, туку, напротив, приходите ги надминуваат очекувањата за околу 25%.

Всушност, мислам дека и Министерката ова многу добро го знае. Таа добро знае дека ефектите од реформата се подобри отколку што се очекуваше. Впрочем, и самата кажа дека „товарот“ од прогресивниот данок го поднеле компаниите. Тоа всушност ѝ е болката. Затоа што и таа, исто како и Вицепремиерот Анѓушев, во Владата дојдоа директно од раководството на најголемата стопанска комора во државата, што ни дава за право да се сомневаме дека и во Владата го застапуваат интересот на крупниот капитал, а не интересот на граѓаните.

Но, каде е Премиерот Заев? Него воопшто го немаше на пресот, што веројатно е и разбирливо, знаејќи што тој зборуваше за прогресивниот данок лани ова време:

„ако сакаме да градиме фер и праведно општество, редот е, тие што имаат повеќе, да платат повеќе“

„како левичар, како социјалдемократ, којшто исто така доаѓа од деловната заедница, ги знам и двата аспекти на медалјата и можам да кажам дека оваа мерка е исклучително добра, фер и праведна, којашто ќе гарантира фер и праведно општество за сите во нашата Македонија“

„апелирам сите да имаме разбирање и да покажеме солидарност на дело“

Што ќе зборува сега Премиерот Заев за укинувањето на прогресивниот данок? Дека веќе не сака да гради фер и праведно општество? Дека не треба да имаме разбирање и да покажеме солидарност на дело? Дека не е веќе левичар и социјалдемократ?