Во декември ја преиспитуваме годината што одминува. Мојата 2023 ја доживеав како период на непријатни динамики, расправии и вредносни битки со повеќе меѓу себе прилично слични социјални и идеолошки групи.
За мене оваа година беше година потрошена на мобилизации на луѓето против родовата еднаквост, против прогресивните гласови, против малцинствата, мобилизации засновани на страв и морална паника. И тоа ми ја направи оваа година прилично нелагодна. Сепак, со таа нелагодност почнав да учам да живеам.
Годината што изминува беше тест за моето трпение, низ кој научив да слушам без да бидам лута, да се обидам да ја разберам оваа нелагодност наместо да се борам да исчезне, но и мотив да не се откажам. Со други зборови, годинава што изминува ја одбележа едно неверојатно важно прашање – како да живееме заедно?
Исчезнување на другите
Настрана личното, ако треба да одлучам кој клучен колективен проблем ја одбележа тековната година, повторно би рекла дека тоа е незнаењето да живееме заедно. Да се живее заедно, не значи да се живее во релација со нам сличните, односно со нашето семејство, нашите пријатели, нашите блиски и нашите истомисленици. Да се живее заедно претставува вистински замор и своевидна непријатна сафра, токму затоа што тоа значи да се живее, да се споделува просторот и системот со оние што ни се различни, туѓи и други.
Сепак, тоа е и единствениот начин да се живее добро и со смисла. Животот без преиспитувања и надминување на пречките, животот без постојана релација со другите што не се како нас, е живот затворен во илузијата на наводна едноставност. Колку и да изгледа заводливо оваа идеја да се биде со сличните, таа, не само што е невозможна, туку е најопасна и најопустошувачка токму за тие што ја делат својата ограничена заедница.
Припадноста кон која било малцинска група, покрај сите непријатни, често и неиздржливи искуства на исклучување, дискриминација и насилство, носи со себе и една автентична позитивна позиција – способноста да научиме и да прифатиме да живееме во свет со различни од нас. Мнозинските групи го немаат тоа искуство и затоа токму тие се исправени пред предизвикот да ги прифатат различните.
Живот без преиспитувања и надминување пречки, живот без постојана релација со другите што не се како нас, е живот затворен во илузијата на наводна едноставност
Тоа што е проблематично денес, повеќе од кога било, е изборот да се избришат, замолчат и да се исклучат различните наместо да се научат начини на живеење со нив. Со други зборови, мнозинските заедници, својата нелагодност заради споделувањето на животот со малцинските заедници ја решаваат така што инсистираат на симболично исчезнување на другите. Тоа симболично исчезнување значи „да не ги гледаме, да не ги слушаме, да не ги сретнуваме“.
Толпата во Чашка, која вреска закани за директорката на училиштето што отворила албанска паралелка, го прави токму тоа. Овие албански деца постојат, но сакаме да се правиме дека не постојат зашто така ни е полесно. Кога тоа е невозможно, тогаш треба да се линчува тој што го дозволил тоа, тој што ја разоткрил илузијата, во овој случај илузијата дека постојат само „нашите“ деца.
Оттука, не е поврзувањето, односно групирањето тоа што е одговор на прашањето како се живее заедно, туку премостувањето засновано истовремено на пронаоѓање линии на поврзување меѓу различните групи, но и прифаќање на нелагодноста од ова заедништво, како составен дел од бидувањето колектив.
Во тековната година, родителите, односно онаа група што самата себеси се претставува како единствен глас на родителите (небаре сите ние, родителите сме исти и мислиме исто) се мобилизира во таканаречен Родителски фронт, чија главна иницијатива се состои во промена на образовните политики и курикулуми во една прилично опасна насока. Барањата на Родителскиот фронт се, всушност, барање на прилагодување на образовниот систем според нивните, како што велат самите, христијански светогледи.
Настрана што е ова крајно арогантно и дрско барање, тоа е суштински опасно и погубно, затоа што науката и критичкото мислење почнуваат таму каде што религијата, но и која било хегемониска идеологија завршува.
Имаме обврска да постоиме заедно
Уште еден дополнителен проблем на овие иницијативи е нивното инсистирање на буквално пресликување на нивната лична, семејна, домашна атмосфера во јавната сфера, општеството и во светот. Логиката е врамена во идејата дека ако во мојот дом живеам јас и моето семејство, составено од двајца родители и деца што се верници, конзервативни, и се однесуваат во склад со овие идеологии, тогаш и мојот град, мојата држава, па и светот во кој живеам, мора да биде устроен на ист или на сличен начин.
Од муралот на внатрешен ѕид на една национална културна институција избришано е дете во количка под изговор дека „здравите“ деца ќе се вознемират
За да ја одржат оваа идеја жива, тие мора да инсистираат на илузијата дека не постојат различни луѓе, идентитети, тела и светогледи. Оние „другите“ што не се сокриени, што решиле да се организираат и политички да проговорат со гласот на малцинските заедници на кои припаѓаат, се токму оние чие постоење ѝ пркоси на оваа илузија, и тие веднаш се прогласени за туѓинци, странски платеници, предавници и за изроди.
Затоа и толку слабо ни оди живеењето заедно. Таа неподносливост се чувствува насекаде, на пазарите, на паркинзите, на училиште, во медиумите, затоа што секаде, освен дома, ние се среќаваме со другите, со различните, со оние кои по различни критериуми не се „наши“. Па, наместо да почнеме да разговараме, низ различни институции, на овие теми, ние наоѓаме финти и итроштини како да продолжиме да се правиме „будали“.
Па така, и покрај одличната идеја во учебниците по историја да се учи историјата на етничките други што живеат со нас, голем дел од наставниците неформално ги скокаат овие наставни единици под изговор дека децата се преоптоварени и со ветување дека „ова нема да се падне на тест“. Од муралот на внатрешен ѕид на една национална културна институција избришано е дете во количка под изговор дека „здравите“ деца ќе се вознемират.
На последното истражување за нивото на социјална близина во нашето општество, огромен дел од нашите граѓани не би сакале хомосексуалци во своја близина. Па, ако мора кратко да се одговори на прашањето како да научиме да живееме заедно, тогаш би рекла: за почеток добро е да се видиме и да си признаеме дека постоиме и имаме обврска да постоиме заедно и тогаш кога не се сакаме.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија