Како демократијата го уби Дедо Мраз

Го почувствувавте ли новогодишниот празничен дух? Јас, не. Еден сосема обичен викенд. Државата не се сети да даде барем еден слободен ден. Скопје беше украсено сосема скромно и повеќе од несоодветно. На централниот плоштад, наместо пристигнувањето на Дедо Мраз и традиционалната детска програма, се одвиваше некаков селски панаѓур, достоен на најдобрите традиции на панаѓурите од село Долно Свирикрајчино.

Дури ни Македонската телевизија не го прикажа традиционалниот „Супермен“, туку наместо него, го емитуваше српскиот филм „Тома“… Па, попразнично, бре, изгледаа неодамнешните партиски конгреси отколку годинашните новогодишни собирања.

Зошто е тоа така?

Така е затоа што Нова година е традиционален (што ќе рече: конзервативен), пагански празник, односно празник што не го измислила ниту политиката, ниту некоја политичка партија, туку целокупната човечка заедница. Не постои цивилизација, од Македонија, па до Нова Каледонија, што не го слави завршувањето на еден годишен циклус. Можеби според различни календари и различни мерења на времето, но секако го слави.

Натаму, паганските, за разлика од политичките, односно октроираните празници се слават со обреди, со танц, музика, пеење и веселба. Вие можете, на пример, за 11 Октомври да се облечете свечено, да отидете на некоја свечена академија, организирана по тој повод и да го ислушате господинот на подиумот што говори за значењето на овој празник, но тоа не значи дека дома ве чекаат руска салата и сарми или некоја поубава и посвечена вечера во знак на свечената радост по повод свечениот ден.

Овие, таканаречени непагански празници, всушност се само празни денови, ослободени од секоја празничност. Денови што евентуално можат да се искористат за некој продолжен викенд и ништо повеќе.

Како што гледаме, демократијата успешно се бори дури и против политичките празници, во кои народот успеа да наметне свои ритуали. На пример, се укина 2 мај како празничен ден и така се задушија традиционалните второмајски излети и пикници со евентуалното јагне на ражен.

Според некој непишан и мистериозен закон, демократијата не ги сака помпата и обредите.Наспроти ова, демосот (клучниот темел на демократијата) ги сака токму помпата и обредите

Ете, во демократијата успешно беше укинат најголемиот празник на некогашната држава, 29 Ноември, нагалено наречен како „Денови на свинско и винско“. Тоа, имено, е периодот кога виното стасува за пиење, а свињите за колење. Наместо тоа се воведе 8 Септември, период кога, ако сакаме да бидеме искрени, ни пиперките за ајвар не се стасани.

Ако веќе политички не беше опортуно да се укине Нова година како празник, тогаш се укина втори јануари како празничен ден, со што се нанесе тежок удар на закрепнувањето од мамурлакот и празничната трпеза. Годинава оваа суштински антинародна и антипразнична одлука резултираше со поразителниот факт дека за Нова година никој не доби празничен ден.

Ете, според некој непишан и мистериозен закон, демократијата не ги сака помпата и обредите. Наспроти ова, демосот (клучниот темел на демократијата) ги сака токму помпата и обредите. Всушност, во некоја рака тоа е и добро. Мислам дека на државата не би ѝ помогнало, на пример, пратениците, наместо што ги држат оние здодевни говори на собраниската говорница, да излезат на плоштадот Македонија и да изведуваат ритуални танци и песни. Или кога роденденот на Зоран Заев меѓу неговите верници би бил прославуван, да кажеме, со ритуално јадење јагнешки бут и салата од краставици.

Од друга страна, демократијата од само нејзе познати причини ги признава религиозните празници како државни и световни. Тоа секако е добро, бидејќи црковните празници не се исклучиво втемелени на веронауката, туку напротив, по својот карактер се природни и пагански. Божик не е само прослава на божјото и човековото дете, туку и прослава на зимата. Тоа е танц во снегот и славење на домашното огниште.

Секоја цивилизација, од Асирците наваму, ги сметала четирите годишни времиња за настан, доволно значаен и општо интересен, за да го прослави со специфични обреди. Демократијата, сепак, не ја дели годината на четири годишни времиња, туку на четири фискални квартали за плаќање ДДВ.

Божик не е само прослава на божјото и човековото дете, туку и прослава на зимата. Тоа е танц во снегот и славење на домашното огниште

За среќа, паганството е толку вкоренето во современото општество, што дури ни демократијата не може да се избори против него. Паганството, едноставно, го следи ритамот на нашето живеење.

Раѓањето на човекот навистина е славен и значаен ден за паметење и пристојно е да се прослави на свечен и мистичен начин. Достигнувањето на зрелоста е голем и радосен настан, што заслужува да се прослави со одредени обреди. Бракот е судбински чекор во животот на човекот и затоа е нужно да се изрази со значајно и мистично нагласување. На крајот, смртта е последната можност да се прослави покојникот со лелекање, музика и свечена гозба. На тој начин, животот на човекот се воздигнува во редот на големите, моќно прославени настани, со што се соопштува дека човековиот живот е возвишен и свет.

Значи, секој обред, секој обреден празник е некаков симбол. А секој вистински симбол е социјален, затоа што е општ. Симболот не настанува затоа што значи нешто подлабоко, туку затоа што сите го разбираат и признаваат.

Кога, на пример, сите во Македонија би пушеле пури, тогаш пурата секако би била симбол на нашата земја. Свадбениот прстен не ги потсетува сопружниците на нивните должности, туку тоа е симбол на прославата на нивниот брак. Круната на главата на кралот не е украс, туку е симбол на препознавање на моќта.

Новата година е симбол на завршувањето на еден временски циклус, на едно кружење на Земјата околу Сонцето. Ден кога се прават рекапитулации и кога се даваат ветувања за следниот период. И кога се игра и се пее. Ден кога можете да гушкате сосема непознати луѓе, а тоа, не само што нема да ви биде забележено, туку ќе се третира како добредојдено социјално однесување.

И затоа овој невешт обид за укинување на Новата година и на Дедо Мраз како нејзин најважен симбол нема да ме спречи ниту мене, ниту кого било, на сите, ама токму на сите што ќе стасаат до овие редови на овој текст (а и на другите) да им посакам: Среќна Нова година!