Како вработува Македонија?

Владата многу сака да ги истакнува своите одлични резултати на полето на вработеноста. Да, вработеноста навистина се зголемила за времето на оваа Влада. Но, порастот не е ни приближно толкав колку што покажуваат официјалните статистики и тој се должи на преминот од неформална во формална вработеност.

Од 1991 до денес, Македонија постојано има невработеност над 25%. Во поново време, вакво нешто, невработеноста постојано да е повисока од 25% за период подолг од 15 години, е забележано само кај две други земји – Лесото (помеѓу 1991 и 2009) и Мавританија (помеѓу 1991 и 2013).

И двете, за разлика од Македонија, имале војни – Лесото со Јужна Африка во 1998, Мавританија со Сенегал, помеѓу 1989 и 1991. И двете се многу помалку развиени од Македонија – имаат бруто национален доход по глава на жител (според Атлас методот) од околу 1.300 долари, што е три пати пониско од македонскиот (околу 5.000 долари).

Стапка на невработеност во три држави (во %)

b1

Сето ова укажува дека официјалната статистика најверојатно ја преценува невработеноста во Македонија. И, ова не е нова теза. Уште додека студирав на Економскиот факултет во Скопје, пред некои 15-ина година, професорите зборуваа за тоа дека вистинската невработеност во Македонија не е 30% туку дека статистиката е лоша.

Зошто статистиката за невработеноста би била лоша?

Стапката на невработеност се пресметува на база на анкета. Државниот завод за статистика спроведува анкета во која ги прашува луѓето дали работат, макар и ако не остваруваат приходи или не се пријавени. Оттука, официјалната стапка на невработеност би требало да ја опфати и сивата економија.
Сепак, бидејќи луѓето не знаат кој навистина ги анкетира и за кои цели, можно е да се плашат да кажат дека работат непријавени. Можно е да се плашат да не добијат казна, или да не ја загубат социјалната помош. Затоа, треба да се земе предвид врската помеѓу тоа дали луѓето се пријавени како вработени и нивното изјаснување како вработени.

Како тогаш да се процени колку изнесува вистинската стапка на невработеност? Во мојот труд кој излезе како работен материјал на Народна банка минатата недела, го правам токму ова. Истражувањето се базира на едноставен модел. Вкупната вработеност е збир од официјалната и нерегистрираната вработеност. Нерегистрираната вработеност пак, е функција од нерегистрираната економска активност. Нерегистрираната економска активност зависи од даноците, регулацијата, ефикасноста на институциите и корупцијата, а се огледа во потрошувачката на енергија и во плаќањата во кеш и во девизи.

Моделот се оценува со економетриска техника наречена Калман филтер. Крајниот исход од моделот е проценка за нерегистрираната економска активност, нерегистрираната вработеност и вистинските вработеност и невработеност.

Резултатите покажуваат дека нерегистрираната економска активност има намалување во последните 15 години. Во 1998 изнесувала околу 34% од БДП, во 2013 – околу 10%. Намалувањето главно се случило во периодот 2004-2008, како последица на намалената корупција и на намалувањето на данокот на добивка. Интересно, данокот на доход и придонесите не се покажуваат како важни за нерегистрираната економија. Пред 2004 и по 2008, нерегистрираната економија главно стагнира.

Нерегистрирана економија во Македонија, како % од БДП

b2

Консеквентно, нерегистрираната вработеност исто така се намалила во овој период, од околу 180.000 на крајот на 90-тите, на околу 80.000 во 2013.

Нерегистрирана вработеност во Македонија (број на лица)

b3

Ако овие бројки се додадат на официјалните бројки за вработеност, испаѓа дека вистинската невработеност во 2013 е околу 21%, наместо официјалните 29%. Но, она што е уште поинтересно од самата висина на вистинската невработеност е нејзиното движење. Така, за разлика од официјалната стапка на невработеност, која од 2007 до 2013 се намалила од 34% на 29%, вистинската стапка на невработеност воопшто не се намалила во овој период.

Вистинска и официјална стапка на вработеност во Македонија (во %)

b4

Како би се објаснило ова? Со движењето на вистинската вработеност. За разлика од официјалната вработеност, која има пораст од 90.000 помеѓу 2007 и 2013, вистинската вработеност има раст од околу 40.000.

Вистинска и официјална вработеност во Македонија (број на лица)

b5

 

На што се должи оваа разлика од 50.000 вработени? На трансферот од неформална во формална вработеност.
Педесет илјади лица кои работеле во 2007, а се изјаснувале како невработени, во 2013 се изјасниле како вработени. Ова може да е последица на тоа што тие лица во 2007 не биле, а во 2013 биле пријавени. Ако се погледне бројот на пријавени вработени од Државниот завод за статистика, порастот помеѓу 2007 и 2013 е токму 50.000 – од 434.000, на 483.000.
Владата многу сака да ги истакнува своите одлични резултати на полето на вработеноста. Да, вработеноста навистина се зголемила за времето на оваа Влада. Но, порастот не е ни приближно толкав колку што покажуваат официјалните статистики.
Најголем дел од порастот на официјалната вработеност се должи на премин од неформална во формална вработеност, т.е. на намалувањето на сивата економија. Секако, и ова е нешто. Не е за потценување да се намали сивата економија. Но, сепак, ова е различно од отворањето нови работни места. А работите треба да се наречат со нивните вистински имиња. Затоа, наместо „Македонија вработува“, подобро е да се каже „Македонија префрла“. Од неформална во формална вработеност. Од шупливо, во празно.
Авторот е економски истражувач и член на Левичарското движење „Солидарност“.